По повод 700-годишнината од смртта на Данте Алигиери, Италија се подготвува за церемонија цела година, која ја отвори со изложба во Фиренца. Исто така се дискутира за привремено преместување на неговите посмртни останки од Равена во Фиренца, но оваа историска дебата веројатно ни сега нема да се реши
Историска дебата и на 700-годишнината
Во Италија, земја во која секој трет студент учи некоја уметност, нема пандемија или криза што ќе го запре амбициозниот план за годинешното одбележување на 700-годишнината од смртта на Данте Алигиери. Таткото на италијанскиот јазик влегува во животот на секој просечен Италијанец уште во основно училиште. Во средно училиште, Италијанците стануваат „познавачи на Данте“, а на колеџите се практикува цел еден семестар да биде посветен на само еден дел од „Божествената комедија“.
Така, 2021 година цела ќе биде посветена на Данте Алигиери. Околу 70 италијански градови учествуваат во прославата, која официјално беше отворена во Фиренца, родниот град на Данте. Таму познатата галерија „Уфици“ на својата веб-страница дигитализира и објави 88 бесценети и ретко прикажани цртежи на „Божествената комедија“ од 16 век, од ренесансниот сликар Федерико Цукари. Дури 28 од нив го илустрираат пеколот, 49 чистилиштето и само 11 рајот. Цукари ги насликал за време на неговиот престој во Шпанија, од 1586 до 1588 година, а по смртта на сликарот, тие биле во сопственост на благородното семејство Орсини, а потоа семејството Медичи станало сопственик на дел од колекцијата на галеријата „Уфици“ во 1738 година Цртежите се изложени само двапати досега – во 1865 година во Фиренца и во 1993 година на изложба во Абруцо.
Многу изложби, претстави, предавања и церемонии се подготвуваат во Италија, но како што и обично се случува со јужниот темперамент, таму не оди сè без полемики. Годишнината којзнае по кој пат го отвори прашањето дали останките на Данте треба да се пренесат, барем привремено, од Равена, каде што е погребан, во неговата родна Фиренца или не? „Ла република“ еднаш објави дека властите на двата града тивко се согласуваат за можна ваква акција во 2021 година. Но времето ќе го покаже резултатот од оваа стара дебата.
Имено, Данте бил протеран од Фиренца во 1302 година од политички причини. Дотогаш тој бил еден од главните луѓе на градот и вршел разни дипломатски услуги за Фиренца и се залагал за самоуправување во Фиренца. Тој се спротивставил на напорите на папата да ја стави Тоскана под црковната управа. Кога приврзаниците на папата ја презеле власта, Данте бил осуден на прогонство.
По скитањето околу Арецо, Верона, Тревизо, па дури и Париз, Данте нашол засолниште во Равена, каде што по неговата смрт во 1321 година бил погребан во базиликата „Сан Франческо“, каде што годишно му оддаваат почит над 400.000 посетители. Фиренца на крајот се покајала за својата одлука, па дури и во далечната историја имало обиди да се вратат неговите останки во градот. Сите биле неуспешни, па дури и оној од 1519 година од тогашниот папа, кој бил член на моќните Медичи. Тој наредил преместување на коските на Данте во Фиренца, но со брзата реакција на равенските монаси што го чувале неговиот гроб, останките биле скриени во манастирот и наредбата не била извршена.
Во егзил, Данте ги напишал своите најголеми дела и никогаш не зажалил за неможноста да се врати дома. Сепак, во 25-та песна на „Божествената комедија“, тој изразува надеж дека еден ден ќе се врати во Фиренца и ќе биде крунисан со ловорики. Тоа не се случило.
Треба да се спомене дека Данте потекнувал од фирентинско благородно семејство, студирал реторика и граматика, филозофија и литература. По 12 години свршувачка, во 1285 година се оженил со Џема ди Мането Донати, со која имал три или четири деца, кои, наводно, повеќе не ги видел по прогонот од Фиренца до крајот на животот.
„Божествената комедија“, неговото најголемо дело, се состои од три дела, Пекол, Чистилиште, Рај. Опфаќа вкупно сто песни, низ кои го опишува патот на раскажувачот, Данте, низ трите светски кралства. Во алегориската форма на средновековната визија за задгробниот живот, тука е дадена монументална слика за периодот со неговите социјални, политички и морални аспирации.
Освен по својата висока поетска вредност, „Божествената комедија“ се разликува од средновековните приказни за задгробниот живот по својата цврста структура и космолошкиот интегритет; имагинарното патување се одвива за време на периодот на Христовите страдања и воскресение во април 1300 година, во годината на јубилејот прогласен од папата Бонифациј. Пеколот го следи спуштањето на поетот низ девет пеколни круга. Поетот се среќава со голем број херои и поети од античката и црковната историја до негови современици. Секој степен на грешност одговара на некое место во пеколот. Данте ги открива човечките страсти и пороци на своето време без да ги поштеди црквата и нејзините претставници.
Во исто време тој бил последниот поет од средниот век и првиот современ поет што длабоко влијаел врз многу автори и уметници. Франц Лист и Чајковски ја претвориле „Божествената комедија“ во музика, а создадени се и многу слики што ги отсликуваат приказните на Данте, кои ги насликале Сандро Ботичели, а подоцна и Салвадор Дали. Инспирација е и за најпродаваните криминалистички романи денес, како оние на Ден Браун, а присутен е и во Холивуд, на пример во познатиот филм „Седум“ на Дејвид Финчер. Данте е лик и во безброј стрипови, а потрагата по неговото име на Спотифај ќе донесе некои од најновите поткасти што се занимаваат со дискусии за творештвото на Данте. Влијанието на Данте Алигиери врз западната култура е неизмерно и непречено од 14 век. Која е причината за таквата моќ? Секако, човечко однесување што паѓа на истиот испит во сите историски фази. Имено, пред 700 години, Данте не можел да ги предвиди ужасните настани како што се, да речеме, холокаустот и геноцидот, но тој живеел во такво опкружување што било доволно за да направи основна класификација на сите видови на човечкото зло. Многумина подоцна ја довеле во прашање оваа класификација, ја разгледувале, но таа го издржала тестот на времето и останала популарна до денес, како влијателно дело од литературата во истражувањето на потеклото на злото.