Рецензија

Решив да ја препрочитам книгата „Мојот маж“ на Румена Бужаровски (прво издание во 2014-та, по кое следуваа уште пет) откако почна да се врти по социјалните мрежи веста дека била поставена на сцената на Југословенско драмско во Белград, дека таа претстава таму „растурала“, како и тоа дека нејзиниот превод во Германија бил прогласен за книга на неделата. Немав проблем да ја најдам. Беше прва на рафтот прирачни книги на кои почесто се навраќам.
Прва работа што ми падна в очи откако, по вторпат, ја отворам таа книга е тоа што наидов на многу подвлечени места. Тие се од три вида: а) кратки описи што зборуваат за женски фантазми-опсесии во кои доминираат брутални алфа-мажјаци: „раце, силни, влакнести, да не сакаш да те пушти од нив“; „му ги гледав рацете и градите и само си замислував како ме грабнува“; б) брутални споредби што го валоризираат говорот на интимата како поблизок до вистината во споредба со рутината на учтивиот, церемонијален стил на практичната комуникација: „стиховите му беа […] за орхидеи затоа што го потсетуваа на пичка“; „А што те боли тебе кур дали јас ќе раѓам деца или не?“ и в) драмски пресврти до кои држи нејзината проза и кои генерираат исчекување, неизвесност и напнатост, важни состојки (мирудии) на секоја занимлива проза. Сите тие работи спаѓаат во тоа што авторот на „Мојот маж“ го вика персонална „идеологија“ на нејзината проза во која немало место за „патетика и сентименталност“.

Поимот „идеологија“ ни оддалеку не е некој зол дух за Бужаровска, од кој бегаат нашите писатели како ѓаволот од темјан, плен на предрасудата дека постои апсолутна автономија на литературата. Како и повеќето од плејадата нови писатели-ерудити, и Бужаровска е начисто дека „идеологијата“ не е коронавирус за литературата, затоа што и самата е, во основа, идеологија. Поинаку стојат работите со поимите „патетика и сентименталност“. Дека тоа што го исфрла Бужаровска „со клоци“ низ врата од своите раскази и се враќа низ оџак, зборува поднасловот на нејзината книга, кој гласи: „раскази за смеата и тагата на секојдневието“. Ако и нема некоја врска меѓу „смеата“ и „патетиката“, тогаш таа врска меѓу „тагата“ и „патетиката“ (pathos од pathein = страда) е очигледна. Освен тоа, повеќето од расказите на Бужаровска се „тажни“, а пак од „вториот план“ на нејзините „смешни раскази“ ѕирка, по правило, ако не некоја чемерна тага, тогаш блага меланхолија, која боли не помалку од – чемерна тага. Ќе се обидам да го покажам тоа, по краток и јасен начин, со детали од расказот „Осми март“ уверен дека, по ист начин, може да се постигне тоа и со некои други раскази од книгата „Мојот маж“ како, на пример, „Гени“, „Лиле“ или „Супа“.

Како и секој добар мајстор на својот занает за кого празниот лист хартија не е мачилиште туку предизвик и задоволство, Бужаровска го почнува својот расказ „Осми март“ in medias res: „Ништо од ова немаше да се случи да не ја сретневме Ирена во ресторанот таа вечер“. Тоа што следува по таа реченица – е заплет, поправо, дополнителна поткрепа на теоријата на таа кобна Ирена, која смета дека секоја модерна, нормална жена треба да има – љубовник: „мојата менторка […] со месеци ми кажуваше дека треба да си најдам љубовник“; „Секоја успешна жена мора да има љубовник“. Тие почетни детали од расказот на Бужаровска играат клучна улога за тоа што, натаму, ќе се случи и – случува. Како, на дело, функционира таа клучна улога на тандемот Ирена – менторка, кои си поставиле цел да ја модернизираат нивната „анахрона“ пријателка?

Очигледно е: дамата јунак на „Осми март“ нема некоја изразита потреба и афинитет да „шара“ одвреме-навреме. Нејзиниот копнеж/желба да си набави љубовник како некој вид статусен симбол на „успешна жена“ не е ниту спонтана, ниту плод на див порив над кој нема власт, ниту ефект на логиката забрана што стимулира престап. Напротив, таа можност е втисната во самата структура на копнежот/желба. Таа структура е, според учената теорија на американскиот романист Р. Жирар, триаголна (desir triangulaire). Ние никогаш немаме, вели Жирар, директен контакт со објектот на нашиот копнеж/желба. Напротив, ние следиме постапки на посредник што остварил веќе контакт со тој копнеж/желба. А тоа значи, во случајот за кој тука станува збор, дека дамата јунак на „Осми март“ имитира искуството на нејзината менторка и кобната Ирена. Тие две дами имаат болна потреба да ја шират нивната смела, љубовџиска идеологија. Затоа што потајно се сомневаат во валидноста на таа идеологија?
Како и секоја, и таа имитација е индиција за инфантилен егоцентризам со снобизмот како „возрасна“ верзија или, со еден збор, како себепредавство. Добро се гледа тоа во оној момент кога авантурата на дамата што имитира доживува тотално фијаско. Тогаш прибегнува таа кон сурово самоказнување под маската вербална деградација на нејзиниот уплашен љубовник, кој, пред заканата да загуби сѐ, излегува мизерен и смешен. Мислам дека токму тие одлики на прозата на Бужаровски објаснуваат, барем донекаде, зошто таа во еден налет го освои Балканот, на добар пат да го стори тоа и со Европа.

Атанас Вангелов