Австралискиот министер за имиграција, државјанство, мигрантски услуги и мултикултурни односи Алекс Хоук ги прифати укажувањата од македонската заедница и ѝ упати честитка за православен Велигден, а не „грчки Велигден“, каква што беше праксата досега, под влијание на силното грчко лоби.
На крајот од пораката министерот Хоук дури и го честита големиот христијански празник со „Христос воскресе“ на македонски јазик.
– Како вистински приказ за богатата културна и религиозна раноликост со кои е благословена Австралија, православните велигденски беседи ќе се слушнат на англиски, грчки, македонски, српски, арапски, руски, украински, арамејски и романски. На сите ви посакувам безбеден и благословен Велигден. Христос воскресе! – вели министерот во својата „Порака за православниот Велигден“, како што ја насловува.
– Употребата на терминот „грчки“ Велигден конечно завршува во Австралија и се заменува со точниот термин „православен“ Велигден. Грчкото лоби, како и грчката
заедница се многу активни во долг временски период во оваа земја, ширејќи пропаганда, но македонскиот глас конечно се слушна – на Фејсбук објави Аника Стојковски од Мелбурн, покрај честитката од Хоук.
Душан Ристевски од Сиднеј за „Нова Македонија“