Според податоците на Министерството за внатрешни работи, бројката на регистрирани случаи на меѓуврсничко насилство е во пораст. Иако порастот е за само неколку случаи, сепак, тоа не е за потценување, и покрај фактот што изминатиот период и минатата година имавме голем број ограничувања на движењето, кафулињата беа затворени, но и училиштата работат исклучиво со онлајн настава
Меѓуврсничкото насилство во пораст
Веќе повеќе од една година земјава и светот се под заложништво на коронавирусот, поради што училишта се затворени, а кафулињата и дискотеките исто така претрпеа огромни измени во начинот на работа. Кафулињата работеа, па не работеа, задолжително е носењето заштитна маска, а групирањето на повеќе лица е строго забрането. Младите добија ограничување на движењето и на дружењето, меѓутоа тоа не беше причина за да се намали и физичкото насилство помеѓу нив. За жал, физичките пресметки помеѓу младите не се намалени, иако изминатата година и оваа имаше ограничено движење и дружење помеѓу младите.
ФЕНОМЕНОТ НА СНИМАЊЕ НАСИЛСТВО И ОБЈАВУВАЊЕ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ
Вакви случаи во земјава има многу. За жал, ова се само неколку од низата што речиси секојдневно може да се забележат во билтените на Министерството за внатрешни работи.
Меѓусебни пресметки помеѓу нив се случуваат насекаде – во градските автобуси, на улиците, во парковите. А она што е најстрашно е фактот што денес младите со себе носат и оружје, кое воопшто не се колебаат да го искористат.
Дека тоа е така доволен е фактот што постојано сведочиме за вакви немили настани не само за меѓусебни пресметки помеѓу младите туку и за убиства што тие ги реализираат.
Неодамна седумнаесетгодишно момче заврши во градската општа болница „Св. Климент Охридски“, откако било повредено со остар предмет. Според неговиот исказ, тој бил физички нападнат од три лица на улицата Македонска-косовска бригада, околу 20.30 часот.
Минатиот месец исто така на интернет се појави видео од меѓуврсничко насилство во Велес, каде што дванаесетгодишно девојче нападна своја врсничка. На видеото можеше да се види како девојчето физички ја напаѓа, а жртвата бара помош од својата мајка на телефон. Уште пострашен беше фактот што додека девојчето го малтретираше другото девојче, врсниците снимаа со мобилен телефон и воопшто не се обидоа да го спречат малтретирањето од страна на дванаесетгодишното девојче.
ЗОШТО ПОРАСТ НА МЕЃУВРСНИЧКОТО НАСИЛСТВО
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, бројката на регистрирани случаи на меѓуврсничко насилство е во пораст. Иако порастот е за само неколку случаи, сепак, тоа не е за потценување, бидејќи и покрај фактот што изминатиот период и минатата година имавме голем број ограничувања на движењето, кафулињата беа затворени, но и училиштата работат исклучиво со онлајн настава.
Во периодот од јануари до март оваа година, на територија на целата држава се регистрирани вкупно 28 настани на меѓуврсничко насилство.
– По преземени мерки, поднесена е една кривична пријава против повеќе лица, меѓу кои и за две малолетни лица за сторено кривично дело „насилство“, а наедно доставени се и четири известувања до Основното јавно обвинителство и едно известување до Центарот за социјални работи – информираат од МВР.
Колку за споредба, во истиот период минатата, 2020 година, во земјава се регистрирани вкупно 25 настани на меѓуврсничко насилство, што значи оваа година бројката е порасната за три случаи.
– За тие 25 случаи на меѓуврсничко насилство е поднесена една кривична пријава против три лица за кривично дело „насилство“, четири барања за поведување прекршочна постапка против 14 лица, три известувања до Основното јавно обвинителство и едно известување до Центарот за социјални работи – велат од Министерството за внатрешни работи.