Досегашните примери во овие три децении за наводно гонење на високата корупција се сведуваа на политички реваншизам кон политичкиот опонент, или, пак, на внатрепартиски пресметки со непослушните, кои се „воспитуваат“ со нарачани кривични пријави, а тоа се презентира како неселективна борба со корупцијата и во сопствените редови. На сето ова ѝ кумува и спрегата меѓу политиката и судството, поради што е невозможно да има разврски на случаите со високата корупција кога партијата на власт обично ги диктира пресудите
САД и ЕУ побараа ефикасна борба и конкретни резултати во справувањето со корупцијата
По неодамнешното предупредување од страна на САД и Европската Унија за недостигот од вистинска борба со високата корупција, станува повеќе од јасно дека меѓународната заедница изморена од празните ветувања на домашните политичари изминатите 30 години го замени дипломатскиот речник со директна опомена дека повеќе нема да толерира несправување со корупцијата.
Прва истапи американската амбасадорка Кејт Мари Брнз, која без заобиколување посочи дека Македонија повеќе нема кредит за фиктивна борба со корупцијата.
– Борбата против корупцијата и зајакнувањето на владеењето на правото се клучни за Северна Македонија и се главен фокус на нашето стратегиско партнерство – порача Брнз.
Неодамна ваква порака стигна и од Брисел, во која се посочува дека напорите во справувањето со проблемот со корупцијата треба да се удвојат.
Ова е најдобар доказ дека за меѓународната заедница чашата е прелеана и се бара сериозна акција ако земјата сака вистински да се справи со високата корупција и да напредува на евроинтегративниот пат.
Досегашните примери во овие три децении за наводно гонење на високата корупција се сведуваа на политички реваншизам кон политичкиот опонент, или, пак, на внатрепартиски пресметки со непослушните, кои се „воспитуваат“ со нарачани кривични пријави, а тоа се презентира како неселективна борба со корупцијата и во сопствените редови.
На сето ова ѝ кумува и спрегата меѓу политиката и судството, поради што е невозможно да има разврски на случаите со високата корупција кога партијата на власт обично ги диктира пресудите.
Затајуваат и институциите што треба да постапуваат во случаите со висока корупција, кои поради големата партизираност едноставно ги штитат лицата затекнати во коруптивни зделки.
– Самите пораки од ЕУ и САД кажуваат колку тука се води вистинска борба со високата корупција. Сега ЕУ и САД не можат повеќе да го толерираат тоа, бидејќи 30 години трпат секакви глупости од нас, без оглед која влада била на власт. Добиваме сериозни препораки од меѓународните институции, кои треба сериозно да се прифатат, да се стави прстот на глава и да се работи на дело. Доста е веќе со криминал. Не може едно да зборуваш, друго да мислиш, трето да правиш – вели претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска.
Според неа, кај нас многу работи се кажуваат само декларативно, но недостигаат дела.
– Недостигаат дела, на сите им е смачено од празни зборови. Ние како ДКСК имаме дадено многу препораки, но никој не ги почитува. Нашата препорака за висока раководна структура беше да се избираат квалификувани директори, но тоа не се почитува. Сè е политика – нагласува Ивановска.
Таа уште истакна дека политиката треба да се тргне од реалниот живот и да се остави простор на професионалци што си ја знаат својата работа.
На иста линија е и претседателката на „Транспаренси интернешенал Македонија“, Слаѓана Тасева, кој се согласува дека нема резултати во борбата со корупцијата.
– Ни праќаат пораки дека мораме вистински да се бориме со корупцијата, а не само декларативно, бидејќи ние едно зборуваме, друго правиме и нема навистина резултати. Ако зборуваме дека ќе го уредиме прашањето со вработувањата, наименувањата, да нема партизација, политизација, влијанија во бизнис и во тендери, тоа навистина треба така и да биде – вели Тасева.
Според неа, работите треба да се покажат со вистински резултати и вистински дејства во борбата против корупцијата.
– Треба да се застане на патот на партиски зделки, тендери, институциите за контрола не функционираат затоа што и тие се партизирани, затоа што и таму постои висок степен на политизација и постојано се штитат нечии интереси наместо да се востанови владеење на правото. Ќе добиваме уште такви опомени како овие од САД и ЕУ – истакнува Тасева.
Таа уште додава и дека нема да има ефикасна борба со високата корупција кога и лицата што се избираат на раководни функции не го почитуваат законот.