Светските медиумски анализи велат дека оние држави што навремено ја активираа својата дипломатија, како што беше случајот со Србија, успеаја да дојдат до вакцини. Оние, пак, што се потпираа на европската солидарност и на механизмот „Ковакс“ заглавија во процесот и станаа жртви на реaлната несолидарност
Тесната поврзаност на дипломатијата и вакцините
Дали дипломатијата станува клучна во обезбедувањето вакцини за заштита од ковид-19? Како државите ги користат своите дипломатски капацитети за да стигнат до вакцини? Каде се наоѓа тука Македонија? Проблемите што светот ги има со снабдувањето вакцини станаа главна стратегиска цел за решавање, но во голем дел од државите потфрлија на тој план. Иако се очекуваше малите држави како Македонија многу брзо да го завршат процесот на имунизација, пред сѐ поради малиот број на население, реалноста покажа сосема поинаков развој на настаните, за сега Македонија да е една од последните држави во светот по обезбедени и аплицирани вакцини.
Светските медиумски анализи велат дека оние држави што навремено ја активираа својата дипломатија, како што беше случајот со Србија, успеаја да дојдат до вакцини. Оние, пак, што се потпираа на европската солидарност и на механизмот „Ковакс“ заглавија во процесот и станаа жртви на реaлната несолидарност.
Угледниот весник „Њујорк тајмс“ во една од последните анализи токму дипломатијата ја посочува како клучен фактор за Европската Унија, и тоа преку нејзината шефица, Урсула Фор дер Лејен, да го надмине проблемот со недостиг од вакцини, кој се појави откако „Астра зенека“ објави проблеми со производството на вакцината.
– Беше февруари и работите одеа од лошо кон полошо за кампањата за вакцинација на Европската Унија. Голем дел од Европа беше во блокада, луѓето умираа, откако нејзиниот најголем снабдувач, „Астра зенека“, објави проблеми со производството. Критичарите внатре и надвор од Европската Унија го доведоа во прашање капацитетот за менаџирање на г-ѓа Фон дер Лејен и ја обвинија за лошо раководење со кризата. Токму во таа ниска точка, Фон дер Лејен почна со директна комуникација со „Фајзер“. Таа лична дипломатија одигра голема улога во зделката, која треба да се финализира оваа недела, во која Европската Унија ќе добие 1,8 милијарда дози од „Фајзер“, која со својот помал германски партнер „Бионтек“ ја направи првата вакцина против ковид-19, регулаторно одобрување во Европската Унија – пишува „Њујорк тајмс“.
Колку е важна навремената активација на дипломатијата покажа примерот на соседна Србија. Таа практично стана лидер во Европа по вакцини, но до тој статус дојде затоа што за вакцини размислуваше тогаш кога најголем дел од светот воопшто и не веруваше дека ќе бидат произведени.
Според политичките аналитичари, Македонија во тој процес не успеа да се снајде. Иако има добра развиена дипломатска мрежа, сепак или некој не ја активира или, пак, многу доцна се сети на неа.
Со тоа и тунелот за излез од здравствената и економската криза станува сѐ подолг и понеизвесен. Сега е најбитно да се лобира и да се обезбедат што е можно поголем број вакцини за нашето население и тоа да се имунизира во најкраток можен рок.
Како ќе се промени таа слика во земјава?
Политичкиот аналитичар и поранешен дипломат Ристо Никовски вели дека Македонија се покажа крајно неуспешна во набавката на вакцините и тоа мора да биде предмет на длабинска анализа што ни се случи барем да извлечеме некое искуство.
– Исто така, факт е дека дипломатија воопшто не беше користена, барем за тоа немаше никакви информации. Нормално е дека во вакви ситуации дипломатијата е ударна сила на секоја држава. Се чини исто така дека министерот ги бркаше вакцините наместо тоа да го прават одредени служби од самото Министерство и други министерства. Во секој случај, нашата земја се покажа како крајно неефикасна, иако проблемот беше општ, важеше за целиот свет, но тоа не е никакво оправдување. Сѐ уште изгледа дека ќе имаме и понатаму проблеми, иако има доста најави дека вакцини ќе стигнат – посочува тој.
Според аналитичарот Петар Арсовски, повеќе потфрлиле системот на солидарност и системот на набавка на вакцини.
– Прашање е дали можевме да се свртиме кон кинески и руски вакцини претходно. Но никој не знаеше дека механизмот „Ковакс“ ќе потфрли. Ние сме тие што постојано се обидувавме да најдеме вакцини. Но мора да се работи на набавка на вакцини. Но уште повеќе треба да работиме на тоа кога ќе ги имаме сите најавени вакцини, дали ќе има интерес кај граѓаните да се вакцинираат -додава Арсовски.
Европската статистичка организација „Статиста“ информира дека Малта е прва во Европа и оваа земја досега успеала да имунизира 65,41 проценти од нејзиното население. На оваа листа зад неа се Британија со 64,69 отсто, Унгарија со 50,44 проценти и Србија со 46,09 отсто вакцинирано население.
Според „Статиста“, на дното од табелата, според процентите во имунизацијата од европските држави, се соседна Бугарија, која досега вакцинирала 9,74 отсто од населението, Русија со 11,53 проценти, Летонија со 12,24 и Хрватска со 17,69 отсто вакцинирани граѓани.
Македонија засега ја нема на листата на овие истражувања. Според некои податоци, во нашата земја досега се вакцинирани над три проценти од вкупното население, а некои од нашите граѓани или 10.000 се имунизираа во соседна Србија.
Сепак процесот на имунизација на македонското население се одвива со многу побавна динамика од посакуваната и споредено со европските искуства.
Според последната изјава на министерот за здравство Венко Филипче, динамиката на вакцинирање ќе за забрза и ќе го достигне својот максимален капацитет со пристигнување на 200.000 дози од кинеската вакцина.
– Максималниот капацитет е околу 10.000 вакцинирани на ден, без спортските сали, кои ги подготвуваме во Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и во Битола. Таму на повеќе пунктови ќе може да се вакцинира уште поголема бројка. Ги повикувам граѓаните да се пријавуваат за вакцинација на www.vakcinacija.mk – посочи Филипче.