Студентите и учениците биле најизложени на последиците од пандемијата, а застапеноста на стресот кај популацијата била на повисоко ниво во споредба со други земји во Европа, покажуваат истражувањата за менталното здравје на граѓаните во Србија и во Хрватска
Српските научници спроведоа истражување за влијанието на менталното здравје на луѓето како влијание од пандемијата, а резултатите покажаа дека 28,9 отсто од испитаниците пријавиле умерена до тешка депресија, 37 отсто анксиозност, а 38 отсто умерени до тешки симптоми на стрес. Бројот на анксиозни и депресивни лица е сличен како во студиите спроведени во светот. Застапеноста на стресот, или преваленцијата што во епидемиологијата го изразува вкупниот број на заболени лица во даден временски момент, била поголема од пријавените вредности на стрес кај населението во Шпанија, Италија и во Кина.
– Нарушувањето на нормалниот живот во текот на пандемијата на ковид-19 претставува сериозна закана за менталното здравје и благосостојбата на општата популација. Паниката и стравот од болеста, заедно со затворањето и физичкото дистанцирање, може да доведат до социјална изолација, осаменост, неактивност, ограничен пристап до основните услуги, зголемена консумација на храна и алкохол, како и намалена семејна и социјална поддршка, особено кај старите лица и ранливите групи, а сето ова се поврзува со долготрајно пропаѓање на менталното здравје – вели Теодора Сафије, докторантка по невронаука, во разговор за „Данас“.
Во Србија во периодот на пандемијата преовладувале депресијата, анксиозноста и стресот, кои се на повисоко ниво од сите студии спроведени во светот што го проценувале влијанието на епидемијата на психичкото здравје.
Најверојатно на ова влијаеле мерките за социјална изолација, карантинот и затворањето, а неколку студии потврдиле дека „затворањето“ значајно влијаело на менталното здравје и благосостојбата на општата популација, со значајни разлики во преваленцијата на депресијата и анксиозноста меѓу луѓето во карантин и луѓето што не се во карантин. Според Сафије, исто така и изложеноста на медиумите би можела да биде едно од можните објаснувања на високото ниво на стрес, што се покажало во истражувањето во Србија. Најосетливи биле студентите, кои имале значително повисоко ниво на депресија и стрес. Присуството на хронични болести било исто така поврзано со повисоко ниво на стрес, додека добрата општа здравствена состојба била поврзана со ниско ниво на депресија.
Резултатите покажуваат дека повисокиот социоекономски статус бил значајно поврзан со ниското ниво на депресија, анксиозност и стрес. Причините за поголема преваленција на менталното нарушување кај српската популација може да се објаснат и со дополнителниот стрес што доаѓа од ниските приходи, потенцијалната нестабилност на регионот, општата неизвесност и со историските превирања. Затоа е потребно да се препознае и да се испита менталната состојба на луѓето, особено на овие простори, во овие кризни времиња – нагласува Сафије.
Болеста ковид-19, очекувано, освен на физичкото ќе остави последици и на психичкото здравје на луѓето.
Пандемијата може да послужи за „искра“ и да ги влоши веќе постојните симптоми на опсесивно-компулсивното нарушување кај луѓето што имаат опсесија кон заразите и компулсивна потреба за дезинфекција, а некои од нив може да станат и хронични гермофоби доколку не добијат соодветна псохотераписка помош и поддршка. Истовремено, сосема е можно стресот да остави длабоки траги на психичкото здравје на оние што во минатото доживеале болни животни искуства, бидејќи тоа може да ги врати сеќавањата на траумата – заклучува Теодора Сафије.
Можно е некои луѓе по поминувањето на епидемијата да останат анксиозни од стравот на новите мутирани видови на коронавирусот. Врз основа на претходните пандемии и кризи, можни се сериозни последици на менталното здравје, како што се пораст на бројот на самоубиствата, несоница, депресија и посттрауматски стресни нарушувања.
Пандемијата и земјотресот оставија траги во психата на повеќето деца во Загреб. Десет отсто од децата се „засилено“ депресивни или анксиозни, а околу 15 отсто покажуваат значајно ниво на посттрауматски стрес. Три четвртини од децата се загрижени поради онлајн наставата и можните проблеми за запишување во повисоко одделение. Околу 60 отсто чувствуваат социјална анксиозност, половината доживуваат моменти на тага и празнина, или се загрижени за здравјето на членови од нивното семејството. Околу 40 отсто имаат страв да бидат сами дома. Ова се резултатите од најголемото истражување за менталното здравје на децата во главниот град на Хрватска, кое е спроведено на 22 илјади ученици од основно и средно образование.
– Две илјади деца добиле засилена анксиозност или депресивност, а кај три илјади е забележано засилено ниво на посттрауматски стрес. Високото ниво подразбира дека тоа е невообичаено за нивната возраст. Околу половина од децата некогаш доживеале тешкотии во концентрацијата, емоционална чувствителност, плашливост, некои прераскажуваат слики од трауматски настани или избегнуваат да се присетат на непријатни настани – изјави Гордана Буљан Фландер, раководителка на Поликлиниката за заштита на деца и млади од Град Загреб.
Вршителката на должноста градоначалник на Загреб, Јелена Павичиќ Вукичевиќ, вели дека се свесни оти родителите во ваква состојба не можат да им дадат соодветна психолошка помош на децата, бидејќи и самите се трауматизирани со пандемијата и последиците од земјотресот.