Според Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, целиот оперативен план за распоредување на административците вработени според рамковниот договор претставува прекршување на основната поставеност на Конвенцијата за човекови права, но и на работничките права
Ситуацијата во која директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, изјавува дека нема да попушти и да го потпише решението за вработување на 35 „рамковно вработени“, кои на инспекторатот му ги додели Министерството за политички систем и односи меѓу заедницитe, дури и по цена да биде сменет од функцијата, веројатно е прва конкретна реакција на реално соочување со проблемот од кој се „сопнуваат“ економијата и администрацијата.
Рамковните вработувања со години ја истоштуваат државата во секој поглед, а сега се бара начин оние што не одеа на работа, а земаа плата речиси една деценија да се распоредат во некоја институција. Станува збор за илјадници вработени по рамковен критериум.
Имено, како дел од програмата К-5 на вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, овие вработени што со години земаа плата, а не одеа на работа, беа распределени во државните институции и во општините. Сепак, директорот на Државниот пазарен инспекторат е категоричен дека во својата институција не може да ги прими, односно не се потребни сите 35 „новододелени“ административци.
– Јас испратив писма со аргументи и до премиерот и до вицепремиерот, во кое детално објаснувам зошто нашата институција не може да ги прифати сите овие 35 вработени, туку можеме да прифатиме само 12 од нив. Досега немам добиено реакција на ова писмо, но можам да потврдам дека ниту премиерот, ниту кој било друг од Владата не ми се јавил да врши притисок врз мене за да го потпишам решението за нивно примање. Јас јавно кажувам дека тоа нема да го потпишам, па и по цена дури и да бидам сменет од функцијата директор на Државниот пазарен инспекторат. Јас сум политички дојден на таа функција и може и политички да бидам сменет, па нема да се лутам за тоа, но нема да попуштам на ниедна сила и тоа да го потпишам. Мора некој да застане на патот на ваквото однесување – изјави за медиумите директорот на ДПИ, Стојко Пауновски.
Во врска со случајот се огласи и премиерот Заев порачувајќи да се спроведе договореното.
– Сакам да истакнам порака до сите оние директори што прават отпор, да не прават отпор. Секој има шанса чесно да ја работи својата работа, односно да работи. Ако не му се работи, да им се заблагодариме, да си одат дома. Треба да ги спроведеме одлуките или да кажеме зошто не се спроведуваат, а не да водиме, така да кажам, јавна војна преку медиумите – рече Заев.
Според официјалните податоци, во Министерството за политички систем се вработени вкупно 1.500 лица. Во буџетот за оваа година се предвидени 9,3 милиони евра за 1.430 вработени. Процените се дека за десетина години рамковните вработувања државата ја чинеле околу 100 милиони евра. Овие вработувања се спроведени во периодот 2008-2015 преку Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор. Според податоците, во земјава има нешто повеќе од 135 илјади административци. Изминативе години имаше повеќе предлози и иницијативи за решавање на овој проблем.
На 22 јануари годинава вицепремиерот и министер за политички системи Артан Груби го презентираше планот за прераспределба на 1.349 „рамковни“ службеници на нови работни позиции во 237 институции и органи на државната и локалната самоуправа. Најмногу од рамковните административци требаше да бидат згрижени во МВР, УЈП, Царината и Државното правобранителство… Често се наведува дека меѓу нив, најголемиот дел се економисти и правници, но има и кадри со средно образование. Вицепремиерот и министер за политички систем Артан Груби при презентацијата на планот информира дека листата била прочистена и на неа нема лица што се водат како вработени, а всушност се заминати во странство. Според Груби, меѓу административците нема само Албанци, туку и Македонци, Роми, Турци, Срби и Бошњаци… Сепак практичното спроведување на планот за распоредување на „фиктивно“ вработените административци сѐ уште наидува на законски, безбедносни и системски пречки… Една од пречките е на пример таа што тие што се предвидени за конкретен ангажман во МВР (143), сѐ уште ги немаат поминато безбедносните проверки. Веројатно во тој контекст на „системски пречки“, би се вброила и реакцијата на директорот на ДПИ, кој смета дека наложените вработувања се несоодветно димензионирани за форматот на институцијата со која раководи.
– Конкретното работно ангажирање на т.н. рамковно вработени административци е прашање што допира и до политичкото уредување и спроведувањето на Охридскиот договор. Од друга страна, постојано го остава отворено и прашањето за одржливоста на буџетот. Она што е очигледно во досегашното искуство при вработување во администрацијата е што не се применуваат добрите практики од бизнис-секторот, односно не е доминантен критериумот за стручност и компетентност. Тоа секако се одразува на квалитетот на администрацијата во органите на државната управа, како и во локалната самоуправа. Во голем дел, поради некомпетентноста, администрацијата не може да ги следи потребите на бизнис-секторот, ниту пак на граѓаните. Неизбежно, ваквата состојба се одразува негативно на БДП и на стандардот на населението – смета Зоран Ивановски, универзитетскиот професор од областа на економијата.
Професорот Ивановски смета дека доколку Владата и јавноста бараат резултати од државните институции, треба да се почитуваат и професионалното мислење и процената на одговорните лица што ги водат институциите, како во случајот со директорот на Државниот пазарен инспекторат. Воопшто, тој смета дека државните институции мора да имаат одреден степен на автономност во носењето на одлуките.
Во текот на изминатите години, колку што се бара конструктивно решение за т.н. рамковни вработувања, се појави и идеја тие да бидат ангажирани и во приватниот бизнис-сектор. Професорот Ивановски смета дека таквата идеја била невозможна мисија, што воопшто не кореспондира со реалноста.
– Не гледам зошто некој од приватниот бизнис-сектор би задоволувал одредени политички барања на своја штета – вели Зоран Ивановски.
Според Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, целиот оперативен план за распоредување на административците вработени според Охридскиот договор претставува прекршување на основната поставеност на Конвенцијата за човекови права, но и на работничките права.
– Ако сме општество со еднакви права за сите граѓани, и ако сме социјално општество, тогаш таквите определби треба да бидат содржани и да се одразат во законите. Со оперативниот план се прекршуваат сите конвенции за еднакви човекови и работнички права. Со овој план, при остварувањето на правото на работа се протежира одредена припадност, која не е поврзана со каква било работна и стручна компетенција, ниту со економска логика – вели Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата на Македонија.
Во однос на една од идеите за ангажирање на оваа одреден група вработени во приватниот бизнис-сектор, како решение на небулозната ситуација – да се добива плата цели десет години, а да не се оди работа – Бошков ја сведува ситуацијата на реторичко прашање.
– Дали компаниите што би требало да имаат некаков етнички предзнак, за да вработуваат работници со друг етнички предзнак? Компаниите се основани заради економско работење и остварување економска добивка. За таа цел, главен услов за вработување се квалификацијата и компетентноста на работниците, кои ќе придонесат за поквалитетно и побрзо остварување на економските проекции. Граѓаните не треба да бидат доведени во ситуација да се сомневаат дека со законите за работни односи им е ограничено основното човеково право за работа, поради одредена национална, верска или расна припадност, односно дека некој е протежиран поради припадноста. Или сликовито кажано: во огласите на АВРМ сепак не се бара кранист муслиман, оџачар католик, пекар будист или православец… – појаснува Бошков.