Постарите луѓе што живеат во рурални региони се изложени на поголем ризик од сиромаштија и, генерално, имаат помал пристап до здравствена заштита поради распаѓањето на инфраструктурата како резултат на долгорочна небрежност
Масовната миграција на младите лица од приградските населби и села во земјите од Западен Балкан ги стави во неповолна положба старите лица на кои им се потребни секојдневна грижа и редовна здравствена заштита и нега. Во времето на индустријализацијата на социјалистичка Југославија, младите мигрираа во помалите гратчиња што беа блиску до нивните родни огништа, за да може да се грижат за своите остарени родители. Денес во помалите рурални места останаа само младите пензионери или луѓе што чекаат да се пензионираат, а нивните деца се преселуваат во Белград или во странство. Младите лица над 35 години се реткост, а за најстарите лица, кои се на над 80-годишна возраст се грижат нивните деца, кои исто така станале пензионери. Со тоа му се става крај на традиционалниот систем на меѓугенерациска солидарност во семејната грижа.
Отсуството на луѓе што ќе се грижат за луѓето што се во длабока старост станува акутен проблем за сите земји од регионот. Затоа, автоматизацијата и дигитализацијата во руралните средини, особено во здравството, ќе бидат клучни за опстанокот на старите лица во руралните балкански заедници, пишува „Балкан инсајт“.
Владите во регионот се соочуваат со големи дилеми кога станува збор за понатамошно одржување на инфраструктурата во овие области. Зголемувањето на бројот на пензионерите предизвикува дополнителни проблеми и поради зголемениот притисок на пензиските фондови. Тоа се должи и на повисокиот просечен животен век на пензионерите, кој во Србија изнесува околу 15 години. Владите во регионот реагираат на ова со заострување на условите и зголемување на возрасната граница за пензија. Србија воведе најстроги мерки од 2014 година, со што се намалува бројот на пензионери од 2015 година.
Креаторите на политиките неодамна почнаа да ги сметаат дигитализацијата и автоматизацијата на економијата како еден од начините за зголемување и одржување на продуктивноста и олеснување на негативните последици од демографските проблеми.
Во извештајот од 2018 година на Австрискиот институт за економски истражувања (ВИФО) се вели дека економиите на седумте развиени земји на Германија, Италија, Франција, Шпанија, Австрија, Јапонија и Соединетите Американски Држави може да доживеат пад на БДП меѓу 2.300 и 12.500 евра по жител до 2050 година, поради стареење. За да се избегне ова, потребно е инвестициите во информатички технологии и автоматизација да се зголемат од пет до шест пати од сегашното ниво. Овие мерки, исто така, треба да се совпаднат со постојани инвестиции во човечки капитал за да се подготват работниците за новите технологии и работната средина.
Европската Унија преку своите фондови инвестираше значителни финансиски ресурси во дигитализацијата на општеството. Подобрувањето на дигиталната стратегија на ЕУ се заснова на испитување на пет параметри на дигиталната економија: поврзаност со широкопојасен интернет; човечки капитал; употреба на интернет-услуги; интеграција на дигиталните технологии во деловниот свет; и дигитални јавни услуги.
Во споредба со просекот на ЕУ, земјите од балканскиот регион заостануваат во користењето на дигиталните вештини. Сепак, од 2016 година има напредок во сите домени на дигиталните услуги, особено во дигиталните деловни технологии. Некои земји дури го надминаа просекот на ЕУ, а инвестициите во широкопојасен интернет се над европскиот просек.
Инвестирањето во дигитализацијата е од големо значење за подобрување на животниот стандард во руралните области. Постарите луѓе што живеат во рурални региони се изложени на поголем ризик од сиромаштија и генерално имаат помал пристап до здравствена заштита поради распаѓањето на инфраструктурата како резултат на долгорочна небрежност.
Проширувањето на дигиталните комуникации донесе позитивни промени: повеќето постари граѓани денес имаат основно познавање на употребата на мобилни телефони.
Роднините и здравствените лица се во можност редовно да контактираат со старите лица. Напредокот на мобилната технологија овозможи не само да се заштедат трошоците за превоз туку и да се намали осаменоста, која беше изразена за време на пандемијата на ковид-19.
Со вистинската технолошка револуција, регионот има значителни шанси за подобрување на условите за користење „телездравствени“ услуги, како и за „роботизација“ во грижата за стари лица.
Преку употребата на технологијата ќе се надминат проблемите поврзани со недостигот од инфраструктура и работна сила, особено во руралните области.
Потенцијалот на растечкиот ИТ-сектор може да се искористи за унапредување на постојните технологии, преку јавно-приватно партнерство. Неопходни се национални стратегии за дигитализација во специфични сектори, со акцент на грижата за старите лица.
Исто така, постои голема можност за искористување на Економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан, а средствата за дигитализација претставуваат значителен дел од тоа, се нагласува во текстот објавен на „Балкан инсајт“.