Изборот на достапни места за удобно живеење низ светот е разновиден, така што можете да изберете помеѓу историски градови, тропски оази, како и помали градови. Новинарката на „Форбс“, Лора Бигли Блум, од 2017 година редовно известува за најевтините земји за живот, а оваа година не беше исклучок.
– Иако многу луѓе беа во можност да ја испробаат оваа нова реалност работејќи од дома во 2020 година, тоа време наскоро ќе заврши. Значи, навистина нема подобар момент да започнете да размислувате како можете да го живеете сонот да се преселите во друга земја во која трошоците за живеењето се толку ниски, што можете да престанете да работите – вели Лора.
Подолу ви претставуваме осум земји во кои, според изборот на „Форбс“, е можно воопшто да не работите ако се преселите таму.

Костарика
На врвот на најпосакуваните земји оваа година е Костарика, поради нејзината мирољубива политика во регион што често може да биде под влијание на политички и граѓански немири. Разумни трошоци за живот, влада што се грижи за своите граѓани, широк избор на недвижности, природни убавини и љубезни локални жители се само некои од причините зошто е на врвот на листата на идеални дестинации за живеење. Самохрана личност може удобно да живее со 1.615 американски долари месечно, а двојка со 2.000 долари, вклучувајќи кирија за двособен дом со клима-уред, намирници, забава, превоз и здравствена заштита, наведува „Форбс“.

Панама
Панама е една од земјите во Латинска Америка што неуморно се развива. Погледот кон океанот, пријатната клима и мноштвото содржини се сосема доволни причини за многумина да заминат во Панама. Исто така е една од најбогатите земји во регионот. Пензионерите живеат особено добро затоа што имаат на располагање голем број придобивки и големи попусти. Инфраструктурата во главниот град Панама Сити, најмодерната метропола во Централна Америка, е фасцинантна и има многу работа, а исто така е и еден од најевтините градови во светот. Самохрана личност може да живее со 1.590 до 2.940 долари месечно. Земјата е позната и по одличната здравствена заштита: на пример, ќе платите само од 10 до 20 долари за преглед на лекар.

Мексико
Поради фактот дека Мексико е огромна земја, постојат многу различни клими, предели и начин на живот – од големи градови, преку рурални села до необични градови на плажа. Богатата култура и гастрономските убавини не треба да се заборават. Во Мексико, трошоците за живот, се разбира, зависат од вашиот животен стил, но во просек, самохрана личност може да потроши 1.700 долари месечно и да има живот исполнет со забава, без потреба да се воздржува. Двојка би можела да живее со помалку од 2.000 долари месечно, што е можно поради евтините недвижности, достапните цени на храната на пазарот и рестораните, евтин превоз, евтина медицинска нега, бесплатни и достапни можности за забава и многу повеќе.

Колумбија
Колумбија веќе не е најдобро чувана тајна на Латинска Америка, бидејќи сѐ повеќе имигранти се доселуваат за да започнат нов живот во една убава земја. Покрај тоа, мрачните денови на Колумбија со секојдневни војни, конфликти и наркокартели полека стануваат минато, а земјата сега напредува. Меделин е едно од местата за кое има најголем интерес, пред сѐ поради совршената клима. За оние на кои не им пречат топлото и тропско време, на располагање им се крајбрежните градови на Карибите Санта Марта и Картагена. Во Колумбија може да се живее со 1.030 долари месечно, додека една двојка може да живее во многу градови низ Колумбија за 2.000 долари месечно или помалку.

Португалија
На листата поевтини европски дестинации се наоѓа и Португалија. Оваа земја во југозападниот агол на Европа има по нешто за секого. Живи градови, долги песочни плажи, зелени ридови, едни од најдобрите здравствени услуги во светот, ниски трошоци за живот и безбедност. Според искуствата на странските државјани, Португалија го носи златниот медал на списокот на најсрдечни домаќини, по што следуваат Тајван и Мексико. Самохрана личност може да живее удобно со околу 2.020 долари, а двојка со 2.500 долари месечно. Ако сакате да живеете во Лисабон, Порто, Каскаис или Алгарве, зголемете го тој број на 3.000 долари.

Еквадор
Еквадор е земја на вечна пролет во која просечната годишна температура е околу 20 степени. Постојат многу малку места каде што ќе може да си дозволите живот како во Еквадор – има за секого по нешто, без оглед на вашиот буџет. Со повеќе од 850 километри крајбрежје, не е ни чудо што Еквадор ги има едни од најубавите плажи во светот.
Едно лице во Еквадор може да живее со 1.210 до 1.525 долари месечно, во зависност од локацијата и начинот на живот. Двојка може удобно да живее со 1.650 до 1.825 долари месечно. Двособен стан со две бањи во центарот на Куенка чини околу 500 долари месечно. Или можете да купите куќа на плажа на брегот на Пацификот или стан со прекрасен поглед на Андите за помалку од 150.000 американски долари. Храната е исто така евтина: тешко е да се донесе овошје и зеленчук вреден повеќе од 15 долари. Помош во домаќинството е достапна за 20 долари на ден, а услугите (педикир, потстрижување) се само неколку долари.

Малезија
Покрај факторите за пристапност, Малезија е идеална за оние што не го сакаат студот. Покрај топлината и прифатливите цени, Малезија нуди и прекрасни плажи, острови и џунгли, возбудливи градови и одлична храна. Многу имигранти живеат во Куала Лумпур и Пенанг, а има и директни летови од двата града до повеќе од 30 различни земји, што ја прави Малезија совршена база за истражување на природните, историските и културните богатства на Југоисточна Азија.
Самохрана личност во Малезија може да живее удобно со 1.705 долари месечно, а двојка со помалку од 2.000 долари месечно.

Малта
Малта е земја со одлична инфраструктура, примамлива архитектура, пријателски расположени жители што говорат англиски јазик, како и пријатна клима во текот на целата година. Двојка може удобно да живее на Малта за 2.331 долар месечно. Со оглед дека ова се мали острови, автомобил навистина не е потребен, јавниот превоз е ефикасен и евтин, а месечната карта за автобус чини 26 долари. Современ стан со една спална соба, комплетно опремен, вклучувајќи комунални услуги и вај-фај, може да чини 460 долари месечно. Животот во еден од малтешките градови ќе ве чини малку повеќе отколку на село, додека животот покрај пристаниште или на плажа ќе чини малку повеќе. „Форбс“ ги препорачува Валета, Гозо и Комино.