Повеќето експерти на Светската туристичка организација очекуваат меѓународниот туризам да почне постепено да се враќа до третиот квартал на оваа година

Влијанието на коронавирусот врз туризмот во 2020 година беше огромно, а експертите предвидуваат дека и оваа година меѓународните патувања ќе бидат обележени со ограничувања и правила поврзани со ковид-19 и дека туризмот нема да закрепне целосно до 2023 година.
Пандемијата на коронавирусот беше причина за огромни загуби во туризмот – намален број патни аранжмани, авиолинии, затворање хотели, авиокомпании и туристички агенции.
Ограничени од бавното совладување на вирусот и малата доверба на патниците, како и ограничувањата што се присутни низ целиот свет, луѓето тешко се одлучуваат да патуваат додека трае пандемијата.
Според Светската туристичка организација, меѓународните пристигнувања на туристи се намалени за 72 отсто во периодот од јануари до октомври 2020 година во споредба со истиот период минатата година, што е 900 милиони пристигнувања.
Намалениот број на меѓународни пристигнувања доведе до загуба на приходите од меѓународниот туризам од 935 милијарди долари, што е десет пати повеќе од падот во 2009 година, како резултат на влијанието на светската економска криза.
Со оглед на податоците што покажуваат колкаво влијание имала пандемијата врз патувањата во 2020 година, се поставува прашањето дали ситуацијата ќе се промени во 2021 година, со оглед на постоењето на вакцините и почнувањето на вакцинациите низ светот. Експертите се согласуваат за одредени заеднички карактеристики што ќе го обележат туризмот во 2021 година.

Авиокомпаниите ги намалуваат даноците, но и бројот на линии
Компаниите како „Американ ерлајнс“ и „Делта“, за да придобијат повеќе патници, престанаа да наплатуваат огромни такси, кои обично чинат околу 200 долари за промена или откажување на домашните или меѓународните летови.
Меѓутоа, намалувањата што почнаа на почетокот на пандемијата продолжуваат и во текот на оваа година. Компаниите како „Катар ервејз“ и „Луфтханза“ го намалија бројот на маршрути, како и бројот на вработени и најавија „пензија“ на одредени модели на авиони, бидејќи тие се неефикасни и непрофитабилни.

Неопходност од тестови за ковид-19
Во моментов, повеќе од 100 земји во светот бараат негативен тест на ковид-19 за влез во земјата, но тоа сепак зависи од секоја земја поединечно, бидејќи различни земји и авиокомпании не се придржуваат до истите протоколи. Затоа се настојува оваа постапка да се стандардизира во целата индустрија, отворајќи го патот за идните барања на меѓународните патувања.

Ковид-пасоши
Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт развива апликација „ИАТА травел пас“, која ќе им овозможи на патниците да ги чуваат заверените резултати од тестовите или вакцинациите на своите мобилни уреди.
Европската комисија претстави нацрт за „зелен сертификат“, кој ќе важи за сите членки на ЕУ од средината на јуни. Граѓаните во својот сертификат би внесувале податоци за вакцинација против коронавирус, тест за ковид-19 стар најмалку 20 дена, што сугерира дека имаат антитела или нов негативен тест како доказ дека тие во моментот не се заразни.

Патување во границите на својата земја
Имајќи предвид дека процедурите, кога станува збор за коронавирусот, се разликуваат од земја до земја, а електронските сертификати во форма на пасоши не се регулирани или стандардизирани, можен исход е одмор во рамките на државните граници.
Додека претходната година многу земји ги промовираа своите природни убавини и останување во границите, се чини дека истото сценарио може да се повтори и во 2021 година.
Повеќето експерти на Светската туристичка организација очекуваат меѓународниот туризам да почне постепено да се враќа до третиот квартал на 2021 година и дека враќањето на нивото од 2019 година, т.е. нивото на пред пандемијата не може да се очекува пред 2023 година.