Според податоците на институтот за комуникациски студии „Ипсос“, неколку држави од светот предводат во напорите за поразување на пандемијата на ковид-19, а земјите како Британија, Кина и САД се очекува да го вратот животот во нормала за приближно шест месеци
Истражување на меѓународниот институт „Ипсос“
Земјите со успешна кампања за имунизација како Велика Британија, САД, но и Кина сметаат дека нивните општества би можеле да ја надминат пандемијата во наредните шест месеци, а со тоа животот во државите да се врати во нормала како пред појавата на ковид-19 до крајот на годинава. Ова, меѓу другото, го наведува истражувањето на меѓународниот институт „Ипсос“, кое беше спроведено во 30 земји низ светот врз 21.111 испитаници, каде што анкетираните давале одговори и прогнози на прашањето кога нивната земја би можела најбрзо да се врати на нормалното функционирање како во времето пред појавата на пандемијата. Имено, според статистичката анализа на „Ипсос“ спроведена од 18 февруари до 5 март, 34 отсто од испитаниците од триесетината земји очекуваат дека рестрикциите сепак ќе продолжат да бидат во сила во повеќето земји низ светот и во наредните години и покрај спроведувањето на имунизацијата во општествата во кои живеат.
Стручната анализа понатаму вели дека сепак 59 отсто од анкетираните мислат дека нивните држави нема да се вратат брзо во времето како пред пандемијата и за тоа на нивните земји ќе им биде потребно најмалку 12 месеци. Во исто време анкетата посочува дека околу 37 отсто од испитаниците во сите држави сметаат дека ограничувањата на пандемијата ќе бидат во сила подолго од 12 месеци, а околу 8 отсто од нив сметаат дека животот „никогаш“ нема да се врати во нормала во нивната држава.
Меѓу најпесимистичките држави што мислат дека животот ќе продолжи да биде ист како што е сега, се земјите како Јапонија, Јужна Кореја и неколку европски држави како Шпанија, Италија и Франција.
– Поттикнати од гневот да се дозволи публика на Олимписките игри, две третини од Јапонците изјавија дека очекуваат рестрикциите да траат повеќе од 12 месеци, а состојбите во земјата никогаш нема да се вратат на ниво како што беа некогаш – стои во истражувањето на институтот „Ипсос“.
Најинтересно е што во овие „црни“ прогнози се приклучуваат и Унгарците, односно 15 отсто од испитаниците размислуваат дека никогаш повеќе Унгарија нема да биде иста, а состојбата во земјата може и дополнително да се влошува поради пандемијата. Од друга страна, од статистичката опсервација се заклучува дека било разбирливо дека Кина ќе биде една од најоптимистичките земји во справувањето со пандемијата, иако само 17 отсто од Кинезите изјавиле дека животот веќе е во нормала за нив. Слично на Кина, Индија и Бразил, држави што се соочија со долг прв и втор бран од ковид-19, за време на истражувањето дадоа пооптимистички одговори.
Инаку, еден од петмина од анкетираните лица смета дека ќе бидат потребни повеќе од три години државите низ светот да се вратат во нормален колосек, спротивно на 10-те отсто од испитаниците на „Ипсос“, кои мислат дека планетата и функционирањето никогаш повеќе нема да бидат исто како претходно.
Дополнително, интересно за посочување се и погледите на 70 отсто од жителите на Саудиска Арабија, Русија и Индија, кои се убедени дека по Америка и Британија нивните држави ќе го вратат животот во нормала за граѓаните за неполни шест месеци. Во контекст на ова истражување е и изјавата на коосновачот на „Мајкрософт“ и филантроп Бил Гејтс, дадена неодамна, со која тој оцени дека светот ќе се врати во нормала до крајот на 2022 година со помош на вакцините против ковид-19. Во интервју за полскиот весник „Газета Виборча“ и телевизиската станица ТВН24, Гејтс рече дека пандемијата на коронавирусот е „неверојатна трагедија“, а единствената светлина на надежта е пристапот до вакцините развиени со извонредна брзина.