На почетокот на годинава, археолозите во Египет ги открија најстарите гробишта на домашни миленици во историјата. Речиси 2.000 години, гробиштата зачувале остатоци од мачки, кучиња и мајмуни со ѓердани од школки, стакло и камени топчиња. Зооархеологот од Универзитетот во Варшава, Марта Осипинска, изјавила за „Лajв саинс“ дека Старите Египќани се познати по мумифицирањето на голем број животни, но дека ова откритие не е како досегашните.
– За разлика од некои мумифицирани животни што се погребани на други места каде што сме имале траги од смрт предизвикана од страна на човекот, ниедно суштество на овие гробишта – сместени на периферијата на пристаништето Береника во Црвено Море – не покажа знаци дека умрело од човечка рака. Наместо тоа, имаме стари, болни и деформирани животни што некој морал да ги храни и чува. Имаме животни што мошне внимателно се погребани. Животните се ставени во положба за спиење – понекогаш завиткани во ќебе, понекогаш прекриени со садови. Имаме и посебен случај на еден мајмун што е погребан со три мачиња, со кошница за трева, со ткаенини, со садови и со две многу убави школки што се потпрени на неговата глава. Поради тоа веруваме дека животните во Береника не биле жртви на боговите, туку домашни миленичиња – рекла таа.
Археолозите случајно ги откриле гробиштата што датираат од првиот и од вториот век и ја опфаќаат раната римска доба. Со години истражувачите ја ископувале периферијата Береника, а во 2011 година почнале да пронаоѓаат остатоци од мали животни на едно подрачје, па се консултирале со Осипинска поради нејзината стручност во зооархеологијата.
– Откривме десетици костури од мачки. Всушност, од 585 животни што ги ископавме, 536 се мачки, 32 кучиња, 15 мајмуни, една лисица и еден орел. Ниедно животно не е мумифицирано, но некои се ставени во импровизирани ковчези. На пример, едно големо куче беше замотано во простирка од палмино лисје и некој внимателно му ставил две половини од голем сад (амфора), токму како саркофаг. Токму како и некои домашни миленици денес, и овие животни можеби работеле за своите сопственици. На пример, мачките можеби биле тука да фаќаат глувци, а кучињата можеле да помогнат во чувањето и ловот. Но неколку животни биле деформирани, што значи дека веројатно не можеле да трчаат. Некој хранел и чувал таква „бескорисна“ мачка, најверојатно, од љубов. Други траги што укажуваат на тоа дека овие животни се домашни миленици го вклучуваат фактот дека многу мачки носеле ѓердани изработени од железо или ѓердани од бисери.
Понекогаш тие се многу вредни и можеме да кажеме ексклузивни ѓердани. Остракон, парче керамика со текст – како „старински текстуални пораки“ – пронајден на тоа место, имаше натпис од времето додека некои мачки сѐ уште биле живи, говорејќи му на сопственикот да не се грижи поради мачките, бидејќи некој друг се грижи за нив – додала Осипинска. Таа заклучила дека покрај фактот што многу научници тврдат дека древниот свет не го познавал концептот на домашните миленици, ова откритие покажува дека луѓето и претходно имале потреба да се дружат со животните.
– Пред околу 2.000 години, пристаништето Береника било на крајот на светот. Трговците тука доаѓале за да донесат стока. Тоа биле долги патувања, а на нив, верувам, друштво им правеле и животните – истакнала Марта Oсипинска.