Насилниот екстремизам како феномен добива големо внимание во меѓународната политика и со право поради зголемената свесност дека треба да се одговори на потеклото на терористичката активност, а не само да се фокусира на запирање на нападите. Истовремено, во целиот спектар на современи безбедносни ризици, покрај насилниот екстремизам, во секое општество сè поприсутен е и феноменот на радикализација, во кое слоеви од младата популација прифаќаат екстремни ставови и идеи и го менуваат своето однесување, од политички активизам до примена на насилни средства и методи, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на почетокот на своето излагање на конференцијата на Организацијата за безбедност и соработка на Европа, која се одржа денеска во Виена, во организација на Шведска, како годишен претседавач со ОБСЕ, а на тема „Зајакнување на сеопфатниот пристап за спречување и борба со тероризам и насилен екстремизам и радикализација, кои водат до тероризам во променливи околности“.
Спасовски посочи дека градењето ефикасни стратегии и политики нужно подразбира идентификување на условите во кои тие се јавуваат, како и начините на нивно манифестирање во согласност со актуелните трендови.
– Како одговор на безбедносните ризици и предизвици, Република Северна Македонија постојано ги надградува своите национални капацитети во согласност со безбедносната стратегија и напорите на меѓународната заедница за заедничка борба против тероризмот со цел јакнење на меѓународната, регионалната и на националната безбедност – нагласи Спасовски.
Во таа смисла министерот Спасовски истакна дека за справување и превенирање на појавите на насилен екстремизам и тероризам се планираат и преземаат интензивни мерки и дејства на национално ниво преку координација на 22 институции во рамките на Националниот комитет за сузбивање насилен екстремизам и радикализам и борба против тероризмот, како и во рамките на Министерството за внатрешни работи, односно Бирото за јавна безбедност, преку функционирањето на формираниот посебен Сектор за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам, во чиј состав функционира и одделението за превенција. Притоа тој апострофира низа тековни активности почнувајќи од оние на локално и регионално ниво, организирани и реализирани од мултидисциплинарни тимови, потоа преку интензивна соработка на полицијата со локалните заедници, особено со специфични целни групи (младите, верските заедници, здруженијата на граѓани итн.), како и со иницирање и спроведување проекти засновани на интерактивност и мултидисциплинарен пристап кон поединци или ранливи групи за кои, според усвоените индикатори, е констатирано дека се можна цел на индоктринација или регрутација.