Епидемиолозите велат дека досегашните бранови на три-четири месеци беа резултат пред сѐ на немањето вакцина, но од друга страна и поради непочитувањето на мерките за заштита од вирусот
По третиот бран, оптимизам за стивнување на пандемијата
Дали пандемијата на ковид-19 ќе заврши со овој трет бран, кој се покажа и како најсилен поради мутациите на коронавирусот? Оваа е клучната дилема исправена пред европските, но и пред домашните епидемиолози. Анализите на кривата на пандемијата од третиот бран покажуваат пад и во Европа, но и во Македонија. Сепак, искуството покажа дека и по неколку месеци се појавува нов, и тоа сѐ посилен бран.
Иако никој со сигурност не може да каже што ќе нѐ очекува по летото, сепак овој пат прогнозите се во оптимистичка насока, особено оние на европските епидемиолози. Клучни се два фактора, едниот е имунизацијата со вакцината и вториот се мутациите на вирусот.
Ако се оди според посакуваниот план за имунизација во Европа, но и во Македонија и доколку не се појават нови покомплицирани мутации, тогаш веројатноста во септември да има нов сериозен бран е мала, бидејќи ќе се стигне до посакуваниот процент за колективен имунитет, што потоа на вирусот ќе му оневозможи масовно пренесување, туку спорадични појави, или како што ги нарекува медицината епидемиолошки џебови, кои се лесни за контролирање.
Епидемиолозите велат дека досегашните бранови на три-четири месеци беа резултат пред сѐ на немањето вакцина, но од друга страна и поради непочитувањето на мерките за заштита од вирусот.
Моменталните мерки, како што се полицискиот час и затворените угостителски објекти, ги даваат првичните ефекти и затоа велат дека се намалува бројот на новозаразени, но паралелно со тоа мора да продолжи процесот на вакцинација, и тоа во поголем обем.
Епидемиологот Драган Даниловски вели дека доколку се продолжи со ова темпо на заразеност, есенски бран на пандемијата на коронавирусот нема да има во земјава.
– Дури и денеска да дојдат два милиони дози вакцини, ќе се соочиме со тешкотија. Треба да се знае дека ефектот на тие вакцини ќе биде за два-три месеци. На вакцините може да сметаме како превенција од евентуален есенски бран. Сметам дека со легла нема да имаме проблем, но треба да им помогнеме на здравствените работници – истакна Даниловски.
Министерот за здравство Венко Филипче посочи дека во земјава има повторно еден тренд на намалување на бројот на новодијагностицирани случаи со ковид-19.
– Бројот на новодијагностицирани е околу 1.000, што потврдува дека епидемиолошката крива е во континуиран пад и тоа еден добар податок. Тоа значи дека мерките во рамките на предвидувањата ги даваат своите резултати – посочи тој.
Според него, притисокот во болниците сѐ уште е голем, со оглед на тоа што сѐ уште има голема бројка на дијагностицирани.
– Во сите јавно-здравствени установи во согласност со распоредите и прераспределбата на пациенти има слободни болнички кревети и во Скопје на интерните клиники и во ковид-центарот во Заводот за рехабилитација во Козле, како и во другите градови. Се прави прераспределба на пациенти од другите градови ако треба. Во овој момент се преоптоварени болниците во Куманово и во Битола и тоа на дневно ниво го менаџираме – истакна Филипче.
Актуелните рестриктивни мерки важат до 20 април, а тој посочи и дека доколку има потреба истите тие ќе продолжат.
– Веројатно ќе дискутираме викендов и на почетокот на следната недела. Ќе ги следиме бројките и менаџирањето на болниците. Тоа се критериумите по кои анализиравме и досега. Доколку има потреба, рестриктивните мерки ќе продолжат – додаде Филипче.
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 5 до 11 април 2021 година, регистрирани се 6.867 нови позитивни случаи од 35 града во државата, со намалување од 13,4 отсто во однос на минатата недела.
Според еврокомесарот за внатрешен пазар на Европската Унија, Тиери Бретон, до летото, односно до јули, можно е во Европа да биде постигнат колективен имунитет на граѓаните кон ковид-19. Се очекува кампањата за вакцинирање, по бавниот почеток и следена од уназадувања, наскоро да земе залет.
– Да земеме еден симболичен датум, до 14 јули, постои можност целиот континент да постигне имунитет – изјави Бретон.
Коментарите на Бретон доаѓаат паралелно со изјавите на францускиот шеф на вакциналната кампања, Алан Фишер, кој очекува Франција, благодарение на скора забрзана вакцинација, до летото или наесен да се врати во нормални животни услови.