Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија во неколку наврати во минатото им додели државјанства на странски граѓани, со што вештачки се наруши етничката рамнотежа во државата, односно нагло се зголеми бројот на албанското население. Но која е заднината сега на политичките притисоци, уцени и пазарење повторно за доделувањето државјанства. Правните експерти се едногласни дека секое влијание на политиката во овие случувања е грубо кршење на нашиот устав

ПРАВНИТЕ ЕКСПЕРТИ ЕДНОГЛАСНИ И КАТЕГОРИЧНИ

Прашањето за стекнување државјанство на Македонија деновиве повторно е актуелно во јавноста, по најавите за можен политички пазар токму по прашањето на државјанствата. Имено, двете албански партии бараат државјаните од поранешните југословенски републики, кои до независноста на 8 септември 1991 година живееле во Македонија, да можат да добијат македонско државјанство само со изјави од сведоци, без да бидат приложени документи како доказ при нормалната законска процедура. Притоа се бара
да се скрати времетраењето на престој од осум на четири години и условот познавање на македонскиот јазик да се смени со познавање на еден од службените јазици на Македонија. Со овој чин, според информациите во јавноста, се отвори вратата за злоупотреби со државјанствата на нашата земја, каде што преку одредени калкулации ќе бидат издадени до 70 илјади нови документи. Околу прашањето за државјанствата партиите на Села и на Гаши иницираа средба и со премиерот Зоран Заев, на која било оценето дека е направен сериозен исчекор за договор за Законот за државјанство, со што, пак, ќе се одблокира работата на Собранието.
– Експерти од МВР треба да го стават на хартија договореното и веќе од понеделник законот да влезе во собраниска процедура, а со тоа и да се одблокира работата на Собранието. Според мене, ова беше исклучително успешна средба, направен е сериозен исчекор, разговаравме за сите отворени прашања и најдени се механизми за наоѓање решенија – рече Заев по состанокот што се случи оваа недела.
Но колку едно вакво чувствително и сензитивно прашање, како што се државјанствата, може да биде предмет на политички договор.

Секаде во светот, па и кај нас прашањето за доделување државјанство е регулирано со закон и постојат јасни правила и стандарди како и на кој начин се стекнува државјанство.
Колку за потсетување, Македонија во неколку наврати во минатото им додели државјанства на странски граѓани, со што вештачки се наруши етничката рамнотежа во државата, односно вештачки по заобиколен пат се зголеми бројот на албанското население. По конфликтот и бегалската криза во Косово огромен број граѓани на Косово останаа да живеат во Македонија.
Во меѓувреме, универзитетските професори со кои се консултиравме велат дека добивањето македонски државјанства не може и не смее никогаш да е процес надвор од законот. Според професорите, доделувањето статус на граѓанин на Македонија на странец може да се стори само ако тоа лице ги исполнува законските критериуми, а секое влијание на политиката во овие случувања е грубо кршење на нашиот устав.

Грубо кршење на Уставот поради политички притисок

Професорот од Правниот факултет, Борче Давитковски, вели дека е недопустливо државјанството да е воопшто предмет на политички договор.
– Стекнувањето државјанства го предавам на моите студенти и секогаш објаснувам дека тоа е правната и политичка врска меѓу поединецот и државата. Да не се разбереме погрешно, секоја држава има право да прими странец во својата заедница, но тоа да се случи на примитивен и вулгарен чин со сведоштва на тројца сведоци е недопустливо, понижувачко и срамно. Добивањето државјанство не само во Македонија туку и секаде во цивилизираниот свет е секогаш по законот и прописите на таа земја, а не со пазарење на политичарите во Македонија како да се на Бит-пазар – вели професорот.
Давитковски забележува дека овој процес што во моментов е актуелен е тотално надвор од секој правен систем.
– Македонскиот закон има свои решенија што го регулираат овој процес. Така беше во првиот наш закон за државјанства и во вториот. Со првиот се реши статусот на државјаните од поранешните републики. Тој закон имаше олеснителни норми каде што припадниците на другите републики го регулираа статусот во Македонија. Во новиот закон буквално постојат точно одредени норми, за некое лице ако живее во земјата во период од 30 години како да стекне државјанство. Мене лично не ми е логично во земјата да имаме такви лица, а да немаат наши државни документи и граѓански статус – вели професорот.

Во состав на државјанството како статус, вели Давитковски, постојат и неколку правни норми што мораат да се исполнат за да се воспостават уставните релации меѓу граѓаните и државата, тоа се поседување документ од книга на родени, постоење матичен број, престојувалиште и поседување лична карта и пасош.
– Дополнително натурализација е возможна и таа се добива со законски решенија во земјата. Дури и државјанството врз основа на брачен партнер е многу либерално во Македонија. Во минатото тоа беше период на престој од 15 години, па го скративме на осум години, а сега е само три – вели професорот.
Давитковски вели дека државјанства не можат да имаат оние лица што аплицирале ако безбедносните служби утврдат некои нерегуларности нивни, односно ако се дел од терористички организации или слично.
– Дополнително во конкретните случаи има и уште еден проблем. За некое лице, на пример, што живее во Германија и има тамошно државјанство за да добие македонско треба да се откаже од она во таа држава каде што живее. Кој нормален би откажал државјанство во Германија ако таму живее за да добие македонско. Токму затоа мене ми е многу сомнителен овој процес што сега под политичка уцена се спроведува во земјата – вели Давитковски.
Партиите од албанскиот блок што сега го притискаат парламентот, практично со нивното дејствување со стотиците амандмани ги нарушуваат правата на другите граѓани, особено за време на пандемијата, во кое Собранието не може да работи.
– Се прашувам дали политичари на пример во Франција можат да направат ваков чин, а потоа да не одговараат кривично за постапката. Кај нас филибастерингот не е суптилен и не е форма на притисок туку е форма на блокада и кршење на правата на другите граѓани и спречување на делата од јавен интерес – вели професорот.

Лоша епизода што се повторува секои 15 години

Универзитетскиот професор Оливер Андонов вели дека почитувањето на Законот за стекнување на македонско државјанство е една од нормите што го карактеризирааат владеењето на правната држава во нашата земја.
– Имено, нашиот т.н. Закон за државјанство е прифатен од меѓународната заедница, па дури и окарактеризиран како либерален закон, со кој на странци им се овозможува стекнување на македонски пасош и лична карта ако ги исполнат законските правила и норми – вели професорот.
Тој додава дека сепак, за жал, како во актуелниот случај што е активен на партиските средби, но и во неколку наврати во минатото, темата за политички договор поврзан со стекнување македонски пасоши не е нова.
– Имено, за потсетување Македонија има горко искуство во кое политиката ги прекршуваше законските норми од оваа област. Во далечната 1991 година тоа беше случајот кога тогашната државна власт предводена од поранешниот претседател Киро Глигоров со политички договор со партиите од албанскиот тогашен блок во земјата одобри добивање на 150 илјади македонски државјанства на Косовци. Во тогашниот случај земјата беше исправена пред една нетипична состојба. Имено, во состав на поранешната Југославија, многу луѓе што поседуваа југословенски пасоши можеа да се преселуваат секаде во сите републики и истовремено да купуваат имот. Па кај нас во Македонија во тоа време се создаде една клима во која од почетокот на 1980-тите години, па сѐ до 1991 г., Албанци од Косово започнуваа да се преселуваат во Тетовско, Гостиварско и Кумановско.

Тие живееја и во Македонија и во Косово и поседуваа имоти на двете места. Но по политички договор сите овие луѓе што престојуваа подолг период во нашата земја, иако не ги исполнуваа условите за стекнување државјанство, по политичкиот договор тие го добија – објаснува професорот.
Тој потсетува дека и по крајот на кризата во соседно Косово, во земјата пристигнаа илјадници луѓе како бегалци, кои исто така се стекнаа со државјанство, но откога воспоставија брачни заедници со наши граѓани.
– Сѐ на сѐ може да се заклучи дека Македонија во својата политика на секои 15 години има по еден процес или лоша епизода за прекршување на Законот за државјанства под влијание на политички договор. Таков беше случајот од времето на Глигоров таков е и актуелниот од времето на Зоран Заев, Зијадин Села и Африм Гаши – истакнува професорот.
Според Андонов, за конкретниот процес има многу нејаснотии бидејќи сите оние што ги исполнувале неопходните критериуми добиле државјанство во претходните два историски брана.
– Мене ми е нејасно како некој што живееле повеќе од 30 години на македонска територија нема државјанство. Па од тука е прашалник и за какви луѓе говориме – вели професорот.
Тој појаснува дека кога некој легално ќе аплицира за добивање македонско државјанство, но и какво било во светот си постои законска процедура во која нашите институции му го проверуваат досието и мотивите за неговиот чин. Ако сѐ е во ред, вели Андонов, тогаш секој без никаква пречка си добива македонски документ.
– Ние не сме држава што ѝ е неопходна работна сила, па како Германија или Канада или САД да увезуваме работници и работна сила. Оттука има многу нејаснотии зошто овој процес добива сега динамика и допрва ќе ја видиме заднината на овие збиднувања – резимира професорот.


„Хелсиншки комитет“: Постојните закони даваат можност за решение

„Хелсиншкиот комитет за човекови права“ оценува дека институциите треба да бидат поагилни во следните месеци и врз основа на постојните законски решенија да го решат проблемот за добивање државјанство на дел од граѓаните. Од организацијата истакнуваат дека има две категории граѓани, кои по различни основи можат да се стекнат со државјанство во следните три месеци, врз основа на постојните закони.
– Треба да се даде шанса на постојното законско регулирање и до истекот на рокот на 5.6.2021 година предвиден во Законот за странците и до истекот на рокот на 30.6.2021 година предвиден во Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени (ЗНЛМКР). Се работи за временски период од три месеци во кој надлежни органи треба да покажат агилност и флексибилност во рамките што ги пропишува законот, да воспостават предвидлива и воедначена практика при што навремено ќе ги споделуваат сите релевантни информации до засегнатите лица и групи – се наведува во заклучокот од „Хелсиншкиот комитет“.
Доколку и со примената на постојните законски одредби статусот на лицата без државјанство не се уреди, тогаш државата треба да најде решенија за нив, во согласност со меѓународните стандарди, како и законодавството и практиката на Европската Унија, стои во заклучокот.

[email protected]