Неколку различни светски истражувања и студии покажуваат речиси идентични резултати според кои довербата кај граѓаните драстично пораснала кај медицинскиот персонал, седмата сила, наставниците и пожарникарите, додека речиси насекаде има вртоглав пад на популарноста и довербата во политичарите, администрацијата и трговците
Пандемијата на коронавирусот веројатно засекогаш ги промени перцепцијата и довербата на граѓаните кон различните професии во државата. Според неколку релевантни истражувања, од ден на ден лекарите, наставниците, пожарникарите и новинарите се професии во кои граѓаните имаат најмногу доверба, додека рејтингот вртоглаво опаѓа кај политичарите, државниците, администрацијата и трговците, за кои занимања се смета дека профитираат од несаканите случувања во корона-кризата.
Така, истражувањето на француската агенција „Флајшмен Хилард“ покажало дека Европејците генерално имаат најмала доверба кон политичарите, додека силен тренд на зголемување на довербата на населението има во медицинскиот персонал и лекарите.
Интересни информации има и американското истражување, насловено „Елдмен траст барометар 2021“, во чиј документ се информира дека мнозинството испитаници сметаат дека владините лидери (57 проценти) и бизнис-лидерите (56 проценти) имаат опадната доверба, бидејќи погрешно ги насочуваат луѓето кон општествените процеси во периодот кога живееме со пандемија.
Од друга страна, резултатите од студијата на магазинот „Ридерс дигест“ покажуваат дека довербата на граѓаните во ерата на пандемијата е најголема кај медицинарите, наставниците, професорите, пожарникарите и седмата сила, односно новинарите. Во документот, 92 проценти од Европејците им веруваат на медицинските работници, додека на пожарникарите 91 процент испитаници, а доста е висока довербата и во новинарите, 87 отсто, и во наставниците, 84 проценти од анкетираните.
Истражувањето на УНИЦЕФ на оваа тема, пак, забележува дека пандемијата создала услови повеќе од кога било наставниот кадар да е една од најценетите професии меѓу граѓаните во светот.
Во својата анализа на оваа тема „Дојче веле“ подвлекува дека корона-кризата е показател дека довербата на граѓаните најмногу се намалува во трговците и во компаниите што оствариле огромни профити на сметка на најбараните добра за време на пандемијата. Гласот на Америка додава дека довербата на граѓаните во САД во полицијата била традиционално голема, но животот во пандемијата, и покрај намалените стапки на криминалитет, придонел Американците сега помалку да веруваат во институциите на системот.
Во меѓувреме, политиколозите и социолозите со кои се консултиравме истакнуваат дека несекојдневниот начин на живот во кој функционираат граѓаните повеќе од една година во пандемијата очигледно ја менува нивната перцепција за јавните професии. Тие велат дека ако полицијата и армијата некогаш биле на врвот по довербата, сега фокусот, разбирливо, се менува во полза на медицинарите.
Политикологот Милан Стефаноски вели дека актуелниот тренд за доверба во професиите е многу разбирлив и логичен.
– Луѓето се идентификуваат со маките на докторите, кои ги жртвуваат своите животи да спасат туѓ. Дополнително, истото не може да се каже за политичарите, кои дома, но и во светот, некако не дадоа еднаква жртва како медицинарите за да излеземе побрзо од кризата – вели Стефаноски.
Тој резимира дека во Македонија традиционално докторите, полицијата и армијата се едни од најценетите професии и додава дека во посткорона-кризата токму луѓето од овие сектори најверојатно ќе може да се инволвираат во политиката и да профитираат од стекнатата доверба.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека состојбите со пандемијата на површина ги исфрлија сите негативни работи и процеси на нашето општество, но и на другите во светот.
– Имено, ваквото рангирање на професиите од многубројните институти покажува дека мал сегмент од општеството пресликан во медицинскиот кадар е преоптоварен од состојбите, а остатокот од заедницата едноставно не ја следи нивната ангажираност. Дополнително, ако на сето тоа се додаде и високата корупција, ќе се разбере зошто бизнис-елитата и политичарите се со намалена доверба – вели Пекевски.
Во суштина, според него, овие процеси може да се споредат со плимата во морињата, која е иста како пандемијата на вирусот.
– Плимата ја носи на бреговите сета нечистотија од морето, а водата останува чиста. Така е и со коронавирусот, каде што тој на површина ги исфрли негативните делови од општеството, а истовремено ги покажа и позитивните жртви во лицето на докторите и медицинските сестри, аптекарите и сите што се борат за животите на граѓаните – заклучува Пекевски.