Настрана од внатрешните политички импликации, случајот „Мафија“ со издадени 215 македонски пасоши со лажен идентитет на меѓународни наркошверцери, на Македонија може да и создаде сериозни проблеми по однос на безвизниот режим кон земјите членки на ЕУ, предупреди во објава на социјалните мрежи, претеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
Според него, доколку нема сериозна истрага на Интерпол и ЕУ за овој скандал, се ризикува безвизниот режим да биде ограничен, или да биде суспендиран.
– Да се потсетиме на реакцијата на Холандија која во мај 2019 побара укинување на безвизниот режим за албанските пасоши со образложение дека криминални организации преку Албанија ја злоупотребуваат можноста да патуваат без визи низ Европа и ја шират мрежата за криумчарење, за што холандскиот парламент усвои и резолуцијата – посочува Милошоски.
Тој додава дека од сите 215 лажни пасоши кои македонското МВР ги издало на меѓународни наркобосови, најмногу се издвојува оној издаден на Валид Иса Камајс, кој како што нагласува опозицискиот пратеник, е вториот човек на италијанската мафија Ндрангета, кој бил задолжен за логистика на пратките со кокаин од Бразил до Западна Европа.
– Овој наркобос од 2017 година е еден од најбараните нарко-мафијаши од страна на Италија, но и од целата ЕУ, преку Интерпол. И додека вториот човек на мафијата во Италија, заради меѓународната потерница не смеел и не можел да влезе ни во Хрватска, ни во Србија, ни во Бугарија, успеал во јануари 2019 година да влезе во Македонија, а самиот негов влез во земјава отвара сериозна дилема за нефункционалниот систем на контрола на границите од страна на МВР. Со влезот во земјава и издавањето на македонски пасош на Валид Иса Камајс, Македонија не само што им направила проблем на истражните органи во Италија, туку станала и сива зона за мафијашите по кои трага Интерпол – објаснува Милошоски.
Според него, ќе мора многу темелно и заеднички со ЕУ да се истражи случајот „Мафија“, се со цел да не се загуби стекнатата привилегија за безвизно патување со македонски пасош во земјите на ЕУ.