Македонската економија се очекува да порасне за 2,7 отсто следната година, во споредба со 3,9 отсто пораст на БДП што беше прогнозиран во јануари. Светска банка во својот извештај објави дека ја намалува и проекцијата за економски пораст
за Македонија во 2020 година на само 3 отсто, а претходно прогнозира пораст од 4 отсто
Иако Македонија ја надмина кризата во економијата, сепак, потребни се понатамошни напори во повеќе сектори. Реалниот пораст на БДП треба да забрза за животниот стандард на Македонија да се приближи до оној на земјите-членки на ЕУ.
Македонските граѓани имаат само една четвртина од животниот стандард на граѓаните на Европската Унија. Според Европската банка за обнова и развој, македонската економија ќе треба да обезбеди голем пораст за да биде во чекор со државите во ЕУ.
ЕБОР во анализата посочува дека сивата економија и недостигот од финансии го задушуваат порастот. Тој треба да изнесува барем 6 отсто годишно за во наредните 50 години да го достигне европското ниво.
Професорот на Универзитетот за Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, вели дека за првата димензија за редуцирање на сивата економија се потребни неколку мерки, но најважно е зголемување на институционалниот капацитет од одговорноста на нивните раководители, па до давањето отчет за неисполнувањата и недоволно доброто реформирање.
– Другите аспекти се од типот на неселективно однесување при примена на законските решенија, па до едукација на економските агенти и ако не со „меки“ мерки, тогаш и со репресивни, од типот на санкционирање – нагласува Беџети.
Следната димензија во зголемувањето на економскиот пораст, додава Беџети, е структурни реформи во економијата, па сѐ до функционирање на судството.
– Преку овие фундаментални реформи ќе се зголемат инвестициите и преку нив ќе се создаваат нови работни места. Пазарот на трудот треба да биде функционален на пазарната економија, а не преку административни мерки од типот на субвенционирање на најниска плата без пораст на продуктивноста. Основата на сето ова е во образовниот систем, кој коренито треба да се промени во полза на потребите на пазарот на трудот – смета Беџети.
Надлежните велат дека Македонија до 2020 година вкупно за шест години може да искористи 664 милиони евра од европските фондови. Со преговорите Македонија ќе има и уште поголем пристап до структурните фондови на ЕУ за да создаде компетитивна економија.
Неодамна Светска банка ја намали својата прогноза за економски пораст на Македонија за 2018 година на 2,3 отсто од првичните 3,2 што беа проектирани во јануари. Македонската економија се очекува да порасне за 2,7 отсто следната година, во споредба со 3,9 отсто пораст на БДП што беше прогнозиран во јануари.
Светска банка во својот извештај за глобалните економски изгледи објави дека исто така ја намали проекцијата за економски пораст за Македонија во 2020 година на само 3 отсто, а претходно прогнозира пораст од 4 отсто. Според банката, регионот на Западен Балкан ќе достигне пораст од 3,2 отсто во 2018 година, 3,4 отсто следната година и 3,8 отсто во 2020 година. Македонија ќе има најмал економски пораст во 2018 година споредено со земјите од регионот.
Економистите велат дека ваквите податоци се рефлексија на случувањата од минатата година, кога економијата во целост беше ставена во заден план.
– Запирањето или забавувањето на важни инфраструктурни проекти и забавеноста во реализацијата на СДИ се двигатели на отсуство на пораст. Ова се ризиците што ќе повлечат надолна ревизија на стапката на пораст за цела 2018 година. Владин фокус врз економијата и повторно заживување на порастот сега е попотребен од кога било. Дополнително, ваквата слика покажува дека фокусот мора да биде врз тоа како да креираме нова вредност во економијата, за влез на свежи пари во неа – вели анализата на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.
И стопанствениците велат дека Владата мора да биде поактивна во реализацијата на инфраструктурните проекти, затоа што бизнисот трпи голема штета од лошата инвестициска политика.
– Ако сакаме пораст од 3 до 5 отсто, Владата мора 100 отсто да го реализира ветеното. Има сaмо еден пат, кој е во очајна состојба, нема пруга, има гас што не го користиме, патот е изграден пред 50 години, ова е состојбата со македонските коридори и дополнителните трошоци и условите влијаат на конкурентноста на нашите производи – вели претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.