Според податоците од истражувањето на универзитетот од Финска „Улу“ и реномираното списание „Натур геосајанс“, на светот му се заканува голема опасност поради климатските промени. Научниците тврдат дека доколку не се стопира топењето на мразот на Арктикот, тоа може во скоро време да предизвика сериозни промени во климата над континенталниот дел во Европа
Истражување на финскиот универзитет „Улу“
Зголемувањето на температурите високо во атмосферата над Арктикот поради глобалното затоплување директно придонесе за неодамнешните обилни и неочекувани снежни врнежи во Европа, а доколку не престане топењето на снежната покривка над ледениот остров, во следните години е можно тоа да предизвика сериозни промени во климата над континенталниот дел во Европа. Ова, меѓу другото, е наведено во последната студија на универзитетот од Финска „Улу“ и реномираното списание „Натур геосајанс“, објавена неодамна, во која се посочува дека последниот невообичен студен бран што ја зафати Европа во овој период од годината е директна последица токму од „ненормално топлите“ води во Баренцово Море, што предизвика пообилни снежни врнежи на европска почва.
Имено, според климатската анализа што ја објави „Јуроњуз“, се наведува дека Северен Леден Океан, кој забрзано го губи замрзнатиот покривач поради зголемените температури во атмосферата на глобално ниво, преку Баренцово Море, кое во моментов исто така е без мраз, ќе биде главниот извор на влага за континентална Европа и причина за обилни дождови, но и врнежи од снег, што во иднина можат сериозно да влијаат врз европската почва, инфраструктурата, сообраќајот, но и здравјето на луѓето.
– Ова ќе значи нарушување на снабдувањето со храна, гориво и уништување на посевите – предупредува студијата, додавајќи дека во исто време може да изгледа чудно што затоплувањето во Северен Леден Океан предизвикува поголем снег низ Европа.
– Сепак, природата е сложена и она што се случува на Арктикот не останува само на Арктикот – стои во текстот на студијата предводена од Хана Бејли од универзитетот „Улу“ во Финска. Според пресметката на научниците истражувачи, од тоа море испариле 140 гигатони вода, што произведе 88 отсто од влагата што падна како снег во Европа изминативе денови.
Што го предизвикува затоплувањето на Арктикот?
Во меѓувреме климатските експерти се шокирани од загревањето на Арктикот.
– Лудото време продолжува со застрашувачка сила и упорност – напиша на Твитер Ларс Калешке, професор на Универзитетот во Хамбург. Тој додава дека досега не видел такви температури во својата 25-годишна истражувачка работа. Но во исто време повеќе научници имаат дилема што всушност го предизвикува затоплувањето на Арктикот, пишува „Дојче веле“. Според германскиот медиум, доминантната теорија се врти околу ослабувањето на т.н. поларен вортекс, или со други зборови, масата замрзнат воздух што се одржува над Арктикот во зимските месеци. Таа се регулира и со воздушните струења, кои станаа мошне нерегуларни, делумно и поради климатските промени.
– Системите со висок притисок над Гренланд и европскиот континент го насочуваат потоплиот воздух со низок притисок кон Северниот Пол – вели за „Дојче веле“ Кетрин Адамсон, предавачка на Универзитетот во Манчестер.
Тоа предизвикува поделба на поларниот вортекс, а резултатот е масата од студен воздух што се движи на југ кон Европа и Северна Америка. Поради невообичаената топлина, актуелното ниво на ледената обвивка на Арктикот е најниско во историјата во ова време од годината. Дополнително, северно од Гренланд се појави водна површина на местото каде што досега традиционално морето беше замрзнато.
Научниците предупредуваат за климатските промени
Паралелно на ова, во друго истражување, објавено неодамна во стручното списание „Криосфера“, се наведува дека научните испитувања покажале дека од 1994 до 2017 година се стопиле 28 билиони тони мраз, што одговара на 100 метри дебела санта со големина колку површината на Велика Британија. Додека во 1990-тите години исчезнувале просечно 0,8 милијарди тони мраз, во 2017 година количеството се зголемило на 1,2 милијарда тони. За изработка на студијата, авторите ги проучувале сателитските снимки, комбинирајќи ги со истражувања спроведени на копно, не само во поларните области, туку и во 215.000 планински глечери. Брзината на топењето на мразот е најголема на Антарктикот и Гренланд и таа во наредните години ќе има сериозно влијание на Европа и светот, истакнува главниот автор на студијата, Томас Слејтер.
Инаку, главни предизвикувачи на топењето на мразот се потоплата атмосфера, која од 1980 година секоја декада се затоплува за просечно 0,26 степени Целзиусови, и порастот на температурата на океаните од 0,12 степени по декада.