Граѓаните што изминатиот период секојдневно ги посетуваат градските гробишта реагираат на лоша инфраструктура, лошо проектирани нови гробни места, збиени едни до други, непристапност, нехигиена, немање чешми, како и на сообраќаен хаос и колони возила што не можат да се разминат меѓу себе токму поради тесните улички во состав на гробиштата, или намањето пристап воопшто. Со свои реакции во однос на темата се огласија и приватни погребни претпријатија, верски претставници, пензионерски здруженија, социолози, но и од АД „Бутел“, од каде што велат дека ако продолжи морталитетот со овој интензитет, набрзо ќе снема и гробни места
ПАНДЕМИЈАТА ИЛИ ТРКАТА ПО ПРОФИТ НАПРАВИ ИНФРАСТРУКТУРЕН ХАОС НА ГРАДСКИТЕ ГРОБИШТА
Зголемената смртност кај граѓаните поради пандемијата на ковид-19 им донесе многу повеќе работа на погребните компании, кои во трката за заработка како да заборавија на неопходните инфраструктурни потреби, па дури и приодните патеки и зеленило ги претвораат во нови гробови. Граѓаните што изминатиот период секојдневно ги посетуваат градските гробишта реагираат на лоша инфраструктура, лошо проектирани нови гробни места, збиени едни до други, непристапност, нехигиена, немање чешми, како и на сообраќаен хаос и колони возила што не можат да се разминат меѓу себе токму поради тесните и непристапни улички во состав на гробиштата, или намањето пристап воопшто. Граѓаните велат дека даваат огромни пари кога треба да платат за гробно место, за изградба на споменик, за секоја буква и фотографија на споменикот се плаќа, а за возврат не добиваат ништо. Велат дека АД „Бутел“ го интересира само профитот и како да заработат на туѓата несреќа без елементарно ниво на почит и кон починатите и кон живите. Граѓаните велат дека гробните места се толку збиени едно до друго, на помалку и од половина метар што посетителите буквално си дишат во врат, иако се од различни семејства. Тоа е непријатно и не доликува на достојно одавање почит. Особено кога едновремено две семејства ќе се најдат едно до друго за помен, па дури и ако дошле да запалат свеќи и да се исплачат на гробот на починатиот. Друг уште поголем проблем е немањето пристап до гробните места. Дури и за новите гробни места што сега се подготвуваат не се води воопшто сметка за одвојување простор за пат, туку само се редат еден до друг што е надвор од сите светски стандарди, па дури се коси и со човечките и етички норми. Граѓаните прашуваат има ли стандарди според кои треба да се градат гробните места, на колкава оддалеченост треба да бидат тие, додавајќи дека никаде во светот, па дури и тука на Балканот не е вака. Но не само за граѓаните преблиску направените гробови на градските гробишта и немањето пристапни улици е проблем и за погребните претпријатија, како и за претпријатијата што градат надгробни споменици и не можат со возила да дојдат до гробовите.
– Стандардите за големина на гробно место, растојание и слично се предвидени во согласност со Законот за гробишта, како и Правилникот за нормативи и технички стандарди и здравствено-санитарни услови за изградба и реконструкција на гробиштата на придружните објекти и на инфраструктурата. Во согласност со правилникот, „димензионирање на гробишта, гробници и гробни места за погребување се врши според потребите на погребни места врз основа на податоците на бројот на погреби во општи или посебни гробишта, односно според бројот на дневни или годишни погреби земајќи го предвид подрачјето на опфатеност и со населението, процент на смртност, како и времето на мирување“. Според истиот правилник, предвидени се критериумите и техничките услови за функционирање на гробиштата, како што е најмала површината на едно гробно место, минимални димензии на гробно место, оддалеченост до јавни патишта, минимални критериуми за поставеност на канти, контејнери, чешми и друг вид технички спецификации. Врз основа на овој правилник, како и Законот за гробишта, Советот на Град Скопје носи годишна програма за одржување на градските гробишта во Скопје, во кои се предвидени активностите за одржување на инфраструктурата во гробиштата, зеленилото, водоводните мрежи, комуналната чистота и друго. За сите овие активности во трите градски гробишта, Град Скопје во програмата издвојува околу 50 милиони денари – информираат градските власти.
Од градските гробишта „Бутел“ збиеноста на гробовите на растојание од само 60 сантиметри од еден до друг ја оправдуваат со немање простор за нови гробови.
– Проблемот што нема доволно простор, односно има мало растојание од еден до друг гроб е затоа што многу години водиме битка со државата да ни додели земјиште за проширување на гробиштата, но постојано се префрла топката од Град Скопје на општините и обратно. Ете го срушивме објектот во кој работниците одмораа и ги чуваа греблата и лопатите за да направиме нови гробови, истото тоа го направивме и на гробиштата во Камник. Од друга страна, граѓаните се жалат на сѐ и сешто, а никој не го чита договорот што го потпишува и некогаш се бара нешто што не е така никаде. Не постои барање на кое не е одговорено и сите раководители се секогаш достапни и им ги даваме броевите на нивните мобилни телефони. Најчести се поплаките да се исече некое дрво на гробното место и по две поплаки месечно стигнуваат во врска со хигиената. Но ако се пожалат во понеделник, веќе во вторник е исчистено. На секое десетто гробно место има поставени контејнери, но или не се фрла во нив или некој ги поместил погоре или подолу – велат од АД „Бутел“.
На некои од градските гробишта во градов велат дека имаат простор за само уште шест месеци, ако продолжи морталитетот со овој интензитет.
– До 1984 гробните места беа широки 1,5 метар, а сега со измените на законот за гробишта од пред неколку години имаат широчина од 1,70 до 1,80 сантиметри и може да има еден до друг гроб. Парцелата има од десет до 12 гроба, но никој веќе не го почитува законот. Со години бараме, а Градот не ни одговара за простор за нови гробни места. Просторот сѐ повеќе се стеснува, а наталитетот и морталитетот не се исти. Ние сме должни да обезбедиме гробни места за граѓаните, управуваме со земјиштето што ни го доделува Градот. Ако предходно имало патека, сега има гробови и до нив може да се стигне само пеш. Градските власти редовно ги потсетуваме дека гробиштата во Камник веќе се затвораат и нема повеќе гробни места, гробиштата во Ѓорче Петров можеби имаат простор за само уште шест месеци. Што се однесува до чешмите, на 5.000 квадратни метри има по три чешми, тие се групирани квартално. Имаме поплаки за хигиената, интервенираме веднаш, но има и граѓани што несовесно се однесуваат и фрлаат покрај нечиј гроб наместо во контејнерите – вели Иван Севдов, раководител на одржувањето на градските гробишта во АД „Бутел“.
Потребата за интимен простор на гробното место ја налагаат и христијанските обичаи, а тоа го нагласуваат и социолозите.
– Треба да се почитуваат елементарните обичаи што ги проповеда верата. Нашата вера, христијанската вера ги почитува тие ритуали што претпоставуваат елементарна оддалеченост од еден до друг гроб. Не мора да се толку блиску, бидејќи кога ќе дојде до една таква ситуација веќе настанува една непријатност. Нашите обичаи претпоставуваат елементарна, основна оддалеченост, каде што ќе се почитуваат правилата што верата ни ги проповеда. Ако тоа не постои, не е пријатно, не е убаво, сите сме родени смртни и сите наши наследници би се чувствувале многу непријатно во тој поглед. Тука мора претпријатието да ги почитува тие правила, без разлика дали јас сум верник или не. Мора да се почитуваат правилата и тука нема дискусија. Еден обичај е, адет каде што покојникот ќе има еден мир, како и присутните – вели професор д-р Илија Ацевски.
И свештениците се согласни дека треба да има одредени стандарди околу растојанието од еден до друг гроб, како и обезбедување пристапни патишта.
– Треба да се внимава на почитувањето одредени стандарди однапред, да се прави здрава стратегија, но и треба да се разбере особено во едни вакви вонредни услови. Сите да имаме разбирање за ситуацијата – рече отец Бобан Митевски од Скопската епархија.
Збиените гробови се проблем, како за погребните претпријатија така и за оние што изведуваат градежни работи на нив, кога станува збор за изградбата на надгробни плочи и споменици.
– До пред пет години се снаоѓавме некако, но сега веќе не. Патеките помеѓу гробовите се претворија во гробови и сега човек не може пеш да помине, а не пак да се влезе со возило до некој гроб. Сѐ се продава, дури и местата за клупи. Парцелите беа одвоени, а сега веќе не, па има луѓе што не можат да си го најдат гробот, металните табли на кои се означени парцелите се крадат и се продаваат за старо железо. Имаме проблем и кога треба да го ископаме соседниот гроб и кога треба да градиме споменик. На раце носиме градежен материјал. Никаде не е така, како кај нас, не одете подалеку, еве, во Србија, во Белград одиме често, еден метар најмалку има растојание од еден до друг гроб, ќе видите уредно средени парцели, со дрвја, но за тоа е одговорен Градот – коментира Ивица Каранфиловски од погребното претпријатие „Рајски дом“.
Оние пак што сакаат да си купат гробно место додека се живи и со таа обврска да не ги притискаат блиските исто така имаат реакции, а тоа го потврдуваат и од Сојузот на здруженијата на пензионери.
– Како што идат годините, секој човек е загрижен за купување гробно место и родителот не сака со тоа да си ги оптоварува блиските. Реалноста кај нас во метрополата е таа, на сите градски гробишта главно гробовите се близу еден до друг, што е далеку од обезбедување на некаква интима на блиските што доаѓаат кај покојникот, за да можат да си ги изразат своите чувства дали во обични или во денови на помен. Потребно е место за да се оддаде почит, а надлежните, меѓу другото, ова треба да го имаат предвид, да има оддалеченост помеѓу гробните места. Кога на човек му е најтешко, треба да е само со блиските и за овој проблем со гробовите често има реакции и од повозрасните членови – објаснува Станка Трајковска, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери.
Kрематориум засега само на хартија
Во општите одредби од Законот за гробишта и погребни услуги од 2008 година стои дека придружни објекти на гробишта се мртовечници со ладилник, крематориуми, управни згради, посебни објекти за согорување отпадоци и друг отпаден материјал од гробиштата, верски објекти, угостителски објекти, санитарни објекти, бунари со индустриска вода, објекти за услужни дејности (продавници за продажба на свеќи и цвеќе).
Од Управата на градските гробишта во Бутел велат дека изградбата на крематориумот била оспорена од верските заедници во Македонија.
– За да се изгради крематориумот треба да биде предвиден во урбанистичкиот план на Град Скопје, како земјиштето што треба да ни биде доделено за изградба на нови гробишта, но секако треба да се добие дозвола и од верски заедници. Знаете, кај нас православните христијани на погреб за кремирано лице не би дошол поп. Инaку, годишно имаме по еден до два случаи, кои за кремирање ги испраќаме во Белград. Тоа и не е толку голема бројка, а изградбата на крематориумот е мошне скапа инвестиција и тоа значи и граѓаните би ги чинело скапо. Исто така за некој да биде кремиран мора да постои писмено изразена волја од негова страна, која по смртта само ќе биде исполнета – велат од АД „Бутел“.