Блокадата на Суецкиот Канал покажа дека е време за алтернативни рути
Минатонеделната блокада на Суецкиот Канал ја покажа потребата за изнаоѓање на дополнителни рути за испорака и поттикна меѓународна дискусија за да се изнајде алтернатива на најважниот коридор за транспорт во светот.
Официјални лица на Обединетите нации (ОН) разгледуваат планови за изградба на нов канал долж границата на Египет и Израел, откако претходно беше отфрлена идејата за рутата низ Ирак и Сирија, која би била предолга и опасна.
Според претходно нарачана студија од меѓународната компанија за тунелирање „ОФП Лариол“, т.н. „Суецки Канал 2“ би бил ископан и готов во рок од пет години, информираат од ОН.
Каналот би претставувал речиси права линија до Акабаскиот Залив во Црвеното Море.
Друга алтернатива што ја разгледале ОН е реконструкцијата на античкиот премин кон Нил од Црвеното Море. Додека се изготвува студија за изведливоста за проектот, инженерите предупредија дека реката не би имала капацитет за транспорт на мегабродовите како што е „Евер гивен“.
Се проценува дека операторите на оваа рута би можеле да транспортираат до 28 отсто од капацитетот на товарот што поминува низ Суецкиот Канал. А товарот би се пренесувал со камили во случај на пад на нивото на водата. Запрашан за изведливоста на прокетот, портпарол на надлежните институции кои ја разработуваат ваквата можност, кажа „ги гледате оние пирамиди, ние ги изградивме, зарем не“.
Додека стотици бродови и танкери стоеја заглавени во Суецкиот Канал, Русија, исто така ја потсети Европа на придобивките од алтернативната северна морска рута до Азија по должината на Арктикот, каде ширината и длабочината на пловните објекти не се доведува во прашање.
Со оглед на зголемувањето на обемот на трговијата, потребата за изнаоѓање на дополнителни, алтернативни рути за испорака на товар е неизбежна, соопшти руското министерството за енергија.