По повод посетата на кинескиот генерал и воен министер на Македонија, Грција, Србија, Унгарија…
Кинескиот министер за одбрана, генералот Веи Фенгхе, вчера пристигна во Македонија, како дел од неговата дипломатска мисија во регионот, во која кинескиот министер ги посети и Грција, Србија и Унгарија.
Она што е интересна коинциденција за нас е фактот што оваа посета се совпаѓа со периодот кога Македонија ја одбележува својата прва годишнина од членството во НАТО и во период кога Алијансата, на 4 април, одбележува 72 години постоење. Токму во овој контекст, вклучувајќи го јавно искажаниот дециден и недвосмислен став на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој неодамна истакна дека „Кина е сила што не ги дели нашите вредности“, посетата на кинескиот генерал и министер отвора низа прашања и дилеми, а можеби и стравувања. Имено, како ваквите гледишта и ставови на НАТО во однос на Кина би се рефлектирале врз Македонија или регионот?
Контрадикторности или компатибилности
Професорот на Воената академија Оливер Андонов вели дека посетата на кинескиот државник во земјите од регионот, но и оние од Централна Европа, е одраз на новата реалност во глобалната политика.
– Кина стапнува на тло кај држави-членки на НАТО што се со големо значење, особено Грција и Унгарија, па тука и Македонија, а сето тоа е и своевидна порака до Брисел. Но фактот дека Пекинг ја посетува и Србија додава дополнително масло на огнот, во смисла дека Кина чекори и на местата што се означени како локации за руските државни интереси – вели Андонов.
Тој смета дека оваа посета со сигурност нема да биде добро прифатена од сите играчи на светската карта, Европската Унија, НАТО и Москва, но таа во својата суштина нема воена заднина, а постои веројатност да донесе и економски бенефиции за регионот.
– Имено, верувам дека дипломатската визита во преден план во себе ќе ги има процесите поврзани со пандемијата на ковид-19, а во заднина всушност ќе стане збор за економските интеграции што се во прилог на практикувањето на кинеската мека моќ. Сите овие земји се составен дел од економската маршрута Патот на свилата, која минува низ Панонската Низина, Моравската и Вардарската Долина, па до Егејско Море. Јас верувам дека генералот ќе предложи и конкретни чекори од економска природа, но истите тие ќе може да се анализираат откога ќе бидат соопштени во јавноста – вели Андонов.
Професорот советува оние што раководат со државата да реагираат соодветно и притоа да го имаат пред себе балансот на националниот интерес и на стратегиските евроатлантски политики на Македонија.
Универзитетскиот професор Марјан Ѓуровски од Факултетот за безбедност смета дека со посетата на кинескиот министер за одбрана на Балканот се манифестира и еден вид „мека моќ“ на големата суперсила, која е во силен и динамичен подем.
– По поволните кредитни линии, маска-дипломатијата, технологијата, градежништвото, сега дојдоа и вакцините – истакнува Ѓуровски.
Професорот Марјан Ѓуровски има впечаток дека најавената официјална посета на министерот за одбрана на НР Кина, генералот Веи Фенгхе, на земјите од Балканот, меѓу нив и на Македонија, има дипломатска агенда „да го потврди и трансформира инвестицискиот капитал од справувањето со пандемијата во политички, остварувајќи ги сопствените геостратегиски интереси во Југоисточна Европа“.
Инаку, за потсетување, ова е вторпат за осум години Македонија да биде посетена од страна на кинески министер за одбрана. Последен пат тоа се случи во 2013 година, кога кинескиот генерал и тогашен министер за одбрана Лианг Гунагли оствари средба со тогашниот македонски прв човек на одбраната Фатмир Бесими.
Американска диоптрија на настапот на Кина во светот и во нашиот регион
Во период кога САД се обидуваат да ги засилат своите врски со демократските држави во светот, Кина истовремено започнува да се етаблира себеси како глобален лидер, градејќи си сопствена низа на сојузници меѓу државите. Ова се наведува во анализата на американскиот весник „Њујорк тајмс“ за геополитичките процеси што се активни во светот.
Според „Њујорк тајмс“, Кина се надева дека може да се позиционира себеси како главен предизвикувач на глобалниот поредок, кој сега е предводен од САД.
Притоа весникот се повикува на изјавите на кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји и неговиот руски колега Сергеј Лавров, кој истакнал дека досегашниот систем не ја претставува „волјата на меѓународната заедница“.
Во заедничка констатација, двајцата високи државници истакнале дека политиките на САД што биле практикувани изминативе години направиле непроценлива штета на светскиот мир и го спречиле развојот во светот.
Американскиот весник во својот текст навестува дека, водејќи се од овие заклучоци, властите на Кина изминатиов период почнале дипломатски активности за приближување на мноштво држави од повеќе континенти кон кинеските политики.