Алармантни податоци на повеќе економски истражувања, публикувани неодамна, предупредуваат дека економијата во ЕУ на почетокот од годинава се движи по тенка линија до економски амбис. Експертите забележуваат дека на повидок е инфлација во еврозоната ,а најпроблематични сектори за економиите од Стариот Континент се угостителството, туризмот и лесната индустрија
Зголемениот ризик од враќање на инфлацијата во Европа, но и во САД, почнува да ги разгорува дебатите меѓу економистите. Една клучна причина за страв од инфлацијата е очекувањето дека, откако пандемијата на ковид-19 ќе се надмине со вакцините, засега намалената побарувачка одеднаш ќе експлодира во масовна потрошувачка. Покрај тоа, денешните неверојатно големи владини пакети за финансиска помош на економијата ќе имаат моќни ефекти за пораст на инфлацијата. Ова меѓу другото во своја анализа го наведува угледниот магазин „Гардијан“, кој посочува дека додека меѓународната дебата во изминатиот период беше чудно фокусирана кон случувањата во САД, малкумина ги зедоа предвид посебните инфлаторни опасности што демнат во еврозоната, каде што монетарната база се зголеми во последните години на многу повисоко ниво отколку во Америка.
– Дури и без дополнителен инфлациски притисок, пријавените стапки на инфлација значително ќе се зголемат во првите пет месеци од 2021 година. До мај, УБС очекува во однос на претходната година инфлацијата да се искачи над три отсто во САД и кон два отсто во еврозоната, главно поради ниската основа во првата половина на 2020 година, кога почнаа карантините поврзани со пандемијата. Повисоката стапка не упатува на зголемен инфлациски притисок, иако зголемувањето над тие нивоа би било предупредувачки знак – вели Аксел Вебер, поранешен претседател на Германската централна банка и член на управниот совет на Европската централна банка.
Според него, тековните предвидувања на многу банки, централни банки и други институции укажуваат дека инфлацијата нема да биде голем проблем во блиска иднина, но непредвидливоста во тој процес треба посериозно да ја разгледаат светските економисти и политичари.
Дали се оправдани стравовите?
Во меѓувреме некои економисти не се плашат од инфлација и посочуваат дека парите на централните банки се помалку важни од парите што ги генерираат деловните банки, пишува „Еуроактив“ на истава тема. Според магазинот, монетарните политичари со право истакнаа дека емпириската корелација помеѓу инфлацијата и понудата на пари се однесува само на повисоките монетарни агрегати од М1 до М3, кои вклучуваат, покрај физичката готовина, книжни пари и други класи на ликвидни средства. Огромните фондови на основни пари со кои банките сега располагаат на сметките во централните банки не се опфатени ниту со монетарните агрегати од М1 до М3. Во таа насока, овие агрегати го прикриваат вистинскиот ризик од инфлација, што е повеќе од очигледно од самата монетарна основа, пишува магазинот.
– Ако економијата закрепне и фискалниот стимул драстично ја зголеми побарувачката, многу средства од банкарските кредити може одеднаш да се појават од парите на централната банка. Растот на цените тогаш ќе започне да се забрзува, а ЕЦБ многу тешко ќе го заузди без да има функционална сопирачка за инфлацијата – наведува „Еуроактив“.
Неопходен е монетарен стимул
Паралелно со ова, „ЕУ-обсервер“ анализира дека економијата во еврозоната повторно се намали во февруари и е на прагот кон нова рецесија, поради постојаниот притисок од ковид-ограничувањата врз услужниот сектор, туризмот и лесната индустрија. Сепак, колку и да се негативни економските показатели на почетокот од годината, некои од економските експерти се оптимисти дека Унијата за релативно брз временски период ќе успее до крајот од летото да ја совлада најавената нова економска криза. Во таа насока магазинот посочува дека на повеќе земји од Унијата во периодот што следува им е потребен дополнителен монетарен стимул со кој ќе се отворат економиите, а во исто време ќе се држи под контрола инфлацијата.