Чистите океани се дом на богат биодиверзитет, дејствуваат како регулатори на климата, нудат безбедност на храната и придонесуваат за европската економија
Океаните се најтопли откако се мери температурата на водата, мразот брзо се топи, нивото на морето се зголемува, има и урагани, информираат научниците.
– Годишниот извештај на Светската метеоролошка организација за глобалната клима покажува дека според мерењата, 2020 година беше една од трите најтопли, и покрај ладењето на Ел Нињо во Тихи Океан. Изминатата деценија од 2011 до 2020 година беше најтопла од почетокот на мерењата. Топлината во океанот е на рекордно ниво, а закиселувањето на океаните продолжува. Морскиот мраз се топи. Стапката на пораст на нивото на морето е забрзана. Во текот на изминатата година, видовме одолжени суши што ја продолжија сезоната на пожари низ целиот свет. Разурнувачките пожари во Австралија, на пример, се поврзани со температурите на океаните, кои влијаат на појавата на тешки суши. Високите температури во океанот предизвикаа рекордна сезона на урагани во Атлантикот и невообичаено интензивни тропски циклони во Индиски Океан и Јужен Пацифик – информира Петери Таалас, генерален секретар на СМО.
Оваа година почна и Декадата на ООН за океанска наука за одржлив развој (2021-2030). Се разбира, океаните се клучни за Европската Унија и за светот. Чистите океани се дом на богат биодиверзитет, дејствуваат како регулатори на климата, нудат безбедност на храна и придонесуваат за европската економија со обрт од 566 милијарди евра, обезбедувајќи работни места за речиси 3,5 милиони луѓе. Во јуни 2020 година, Европската комисија усвои извештај за рамковната директива за морска стратегија. Оваа директива е усвоена од Европскиот парламент во 2008 година и е една од главните законски акти за заштита и зачувување на морскиот биодиверзитет и морските живеалишта.
Извештајот на Европската комисија откри дека рамката за морска животна средина на ЕУ е една од најсеопфатните и амбициозните во светот, но дека сè уште има проблеми како што се вишокот хранливи материи, подводна бучава, пластичен отпад и други загадувачи, како и неодржливиот риболов. Но исто така придонесе за подобро разбирање на притисоците и влијанијата на човековите активности врз морето и нивните влијанија врз морскиот биодиверзитет, живеалиштата и екосистемите.
Информациите добиени од спроведувањето на директивата, беа основа за усвојување на директивата за пластика за еднократна употреба. Комисијата го презентираше извештајот за имплементација во јуни минатата година. Во извештајот се наведува дека во заштитата на морската околина треба да се стави акцент на борба против загадувањето со пластика, разни други загадувачи, идентификување на проблематичниот и прекумерен риболов и неодржливи риболовни практики.