Иако меѓу Македонија и Русија растојанието е големо, сепак низ вековите наназад голем број патници и намерници од Русија го посетувале Прилеп и патем оставале пишани траги како ги виделе градот, неговата традиција, култура, јазик. Во записите неколкумина автори го опишале Прилеп со сите негови убавини и мани, а забелешки оставиле за пазарот и за значајните културно-историски споменици, особено за манастирите „Свети Архангел Михаил“ и Трескавец. Најмногу записи за Прилеп, за панаѓурот и за манастирите оставил дипломатот Хитрово, кој бил руски конзул, а свои впечатоци забележале и архимандритот Антонин и професорот по руска дијалектологија Афанасиј Матвеевич Селишчев…
ПРИЛЕП ВО ЗАПИСИТЕ НА РУСКИТЕ ДИПЛОМАТИ И АВТОРИ (5)
Во 19 век Прилеп бил развиен стопански центар. Како резултат на тоа бил организиран прилепскиот панаѓур, кој својот зенит го достигнал во 60-тите и 70-тите години од 19 век. Според забелешките што ги оставил д-р Дукадин Камшикоски (сега починат), прилепскиот панаѓур честопати бил посетуван од руските конзули во Битола, кои по посетите пишувале извештаи и ги доставувале до повисоките инстанци на руската дипломатија.
Тие забележале дека економскиот развој го условувал развојот на политичкото, националното и културното созревање на македонскиот народ, а во овој период во Прилеп се разбудила самосвеста за автохтоно организирање на одбраната на населението од турските насилници.
За брзиот развој на прилепската економија во 19 век имало повеќе елементи што биле вистински темелник за развојот на прилепското стопанство.
– Прилеп во овој период бил раскрсница на Балканот. Бил сообраќаен центар и ги поврзувал морските патишта со градовите од Балканот, и тоа Прилеп – Кичево – Дебар – Драч со Јадранско Море, Прилеп – Кавадарци – Солун со Егејско Море и преку Битола, потоа со градовите на Србија, Бугарија, Унгарија и др. Битката што се одиграла кај Прилеп во 1831 година се одвивала меѓу централните сили на тогашна Турција, од една страна, и одметнатите сепаратистички сили на одделни феудалци од друга страна. Централните сили ги предводел Рушид-паша, а одметнатите феудалци Мустафа-паша. Во оваа битка биле поразени сепаратистичките сили на Мустафа-паша. По битката, во Прилеп и Прилепско стивнале пљачкосувањата, а земјоделците можеле поспокојно да се оддадат на земјата, занаетчиите на занаетите, трговците на трговијата. Овие елементи биле темелник за развојот на прилепската економија и за одржување на прилепскиот панаѓур. Прилеп имал развиена економија, особено во занаетчиството, трговијата, земјоделството.
Според некои податоци во 60-тите и 70-тите години на 19 век, во градот имало 491 дуќан, во кој работеле над 1.700 калфи и мајстори. Најразвиени производствени занаети биле казанџискиот, со 35 дуќани, ќурчискиот со 11 дуќани, кантарџискиот со 20, чевларскиот со 15 дуќани. Значајно место имале и килимарскиот занает и плетењето чорапи. Се произведувале житарки, тутун, волна и други земјоделски производи. Прилепската трговија во овој период заземала значајно место во Турција, а прилепските трговци биле надалеку прочуени и имале директна врска со трговските центри во Виена, Дубровник, Драч, Солун, Цариград, Софија – забележал по истражувањата д-р Камшикоски.
Прилепскиот панаѓур се одржувал во почетокот на мај, во центарот на Прилеп. Лесно се трошеле европските стоки, чија вредност била 251 илјада лири. Руските конзули во Битола биле заинтересирани за прилепскиот пазар. Тие често го посетувале и правеле анализи, опишувајќи ги стоките што се продавале, од каде им било потеклото, која била вредноста на стоката и кој ја купувал.
– Рускиот конзул Виктор Александровиќ Максимов во 1874 година испратил извештај до вонредниот амбасадор во Константинопол, Игнатиев, кој бил пишуван на староруски јазик со кирилско писмо. Извештајот има драгоцено архивско значење. Во неговиот извештај стоките се опфатени хронолошки. Стоките што биле застапени на прилепскиот пазар биле од различни места: Битола, Крушево, Лариса, Кажани, Каљари, Кралево, Призрен, Константинополис, Бурса. Се продавале златен и нежен ѓердан, украсна тесна плетенка, лента, гајтан, кои потекнувале од Битола и од Костур, во вредност од 2.000 турски лири, како и машки длабоки чизми, кошули, веленца, широки кожени појаси, ватирана облека, гајтани, памук за предење, свила од конец. Вкупната вредност што се продавала на прилепскиот пазар изнесувала 38.280 лири. Освен овие стоки, во извештајот конзулот ги навел и стоките од Австрија: фесови, волнени материјали, свила, памучни шалови, чија вредност била 76.349 лири. Најмногу биле барани стоките од Франција, од Германија и од Англија – истакнува во своите записи историчарот Камшикоски.
За да се донесе оваа стока, била потребна голема умешност. Стоките биле плаќани во кеш или на почек од четири до шест месеци. Прилепскиот пазар бил доста снабден со стока и се сметал за еден од најдобрите пазари. Имало и вистинска вредносна норма на прилепскиот пазар, и тоа при процесот на купување и плаќање на сите видови стока. Интересен е и записот од конзулот Скрјабин, во кој се истакнати имињата на луѓето што имале големо богатство, особено богатството на семејството Хаџиилиевци. Скрјабин навел дека најбогати луѓе во градот во тоа време биле браќата Аџи Илија, Мирче Бомбол – мануфактурист, трговецот со жито Михаил Калогреја, Димче Ачков, браќата Небреклиовци, браќата Попеви, Коста Митрев, Никола Крапчев, Никола Бутлев, браќата Дамеви, браќата Биолчеви, браќата Пешкови.
Извештаите на руските конзули за прилепскиот пазар, од кои дел се во Државниот архив – одделение Прилеп, претставуваат драгоцен материјал за проучувањето на економската, политичката и културната историја во тие години во Прилеп.
(Крај)