Карикатура: „Нова Македонија“

Германската невладина организација „Џаст аксес“, чија специјалност се меѓународни правни спорови и заштита на човековите права, смета дека непријателскиот став на Бугарија кон Македонија е злоупотреба на меѓународното право и ѝ штети на европската политика. Според невладината организација „Џаст аксес“, постапките на официјална Софија се засноваат на сомнителен коктел за политичка, културна и правна инструментализација, а постои веројатност ваквата состојба да остави трајно негативно влијание врз македонскиот народ и регионот доколку не се преземе нешто за ова прашање. Невладината организација „Џаст аксес“ предлага Македонија да ја тужи Бугарија пред соодветните меѓународни институции. Во таквиот контекст, какви се размислувањата на домашните аналитичари со оглед на претходното искуство со Грција?

ГЕРМАНСКА НВО СО ИЗДРЖАНА АРГУМЕНТАЦИЈА ЗА ЗЛОУПОТРЕБА НА ЕУ И КРШЕЊЕ НА МЕЃУНАРОДНОТО ПРАВО ОД СТРАНА НА БУГАРИЈА

Бугарија ја држи како заложник политичката судбина на Македонија со барања без преседан, се вели во анализата на невладината организација „Џаст аксес“, под наслов „Негиран пристап до ЕУ и правдата: Како постапките на Бугарија против С Македонија претставуваат злоупотреба на процедуралните правила за пристапување во ЕУ“.
Имено, оваа германската невладина организација, чија специјалност се меѓународни правни спорови и заштита на човековите права, смета дека Бугарија ги злоупотребува ЕУ и меѓународните правни правила, па поради тоа смета дека Македонија би можела да почне правна постапка пред меѓународните судови.
Во анализата на „Џаст аксес“ се прави мало потсетување кога започна бугарскиот притисок, односно се наведува дека бугарската тактика на виткање на раката започна во 2019 година, кога се прибегна кон вршење груб притисок во рамките на институциите на ЕУ врз основа на сомнителни и инструментализирани културни и историски тврдења против Македонија.
– Како што стојат работите, ова не само што претставува закана за дестабилизација на целиот регион туку и ги отежнува односите меѓу Западен Балкан и Унијата – се наведува во анализата.
Германската невладина организација смета дека непријателскиот став на Бугарија кон нејзиниот сосед е злоупотреба во согласност со меѓународното право во контекст на проширувањето на ЕУ.
– Преговорите меѓу двете земји не треба да дозволат агресивниот и нефер став на Бугарија кон нејзиниот сосед да остане незабележан, бидејќи нејзината инструментализација на правото на ЕУ и навредливите аргументи поврзани со културата и идентитетот, негативно влијаат на владеењето на правото во Европа – се вели во анализата.

Понатаму се додава дека на Бугарија како да ѝ е дадена слобода да ѝ наштети на политичката цел на Македонија, злоупотребувајќи ги своите права и сложените механизми во рамките на ЕУ што се однесуваат на проширувањето, што, според анализата, ѝ штети на европската политика, овозможува ширење на други влијанија на Балканот, но истовремено ѝ штети на самата идеја за владеење на правото на европско ниво.
– Однесувањето на Бугарија се чини дека се заснова на сомнителен коктел за политичка, културна и правна инструментализација. Постои веројатност ваквата состојба да остави трајно негативно влијание врз македонскиот народ и регионот доколку не се преземе нешто за ова прашање – се посочува во анализата.
„Џаст аксес“ понатаму наведува дека Бугарија ги злоупотребува ЕУ и меѓународните правни правила, што без судски средства за решавање на спорови, овие повреди најверојатно нема да предизвикаат правни последици во оваа фаза.
– С Македонија би можела или треба да размисли за поведување на овој „спор“ пред меѓународен суд или тело, особено затоа што е во сила Договорот за пријателство со Бугарија, кој е бесрамно прекршен од навредливиот став на Бугарија кон нејзиниот сосед. Сепак, ваквиот потег е навидум политички деликатен во моментот, бидејќи тоа најверојатно ќе ги поттикне стравувањата дека процесот на пристапување на земјата кон ЕУ ќе заглави уште подолго.

Ова е јасна манифестација на успешна кампања за уцена што Бугарија ја води против нејзиниот македонски сосед, со целосно искористување на нејзината релативна привилегирана позиција како земја-членка на ЕУ – се вели во документот на германската невладина организација „Џаст аксес“.
Според нивните согледувања, постојат четири аспекти според кои однесувањето на Бугарија кон Македонија може да се смета како кршење на меѓународното право.
Прво, со ветото Бугарија го крши билатералниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка, кој стапи во сила на 14 февруари 2018 година.
– Бугарија не повика на никаква насилна акција против нејзиниот сосед. Сепак, нејзините тврдења на меѓународно ниво со кои се врши притисок против С Македонија, јасно може да се сметаат како дел од непријателска пропаганда наменета да ѝ наштети на соседната земја – се наведува во аргументите.
Понатаму се констатира дека односот на Бугарија кон Македонија претставува неразумно и штетно кршење на меѓународното право.
– Тврдењата на Бугарија се политички мотивирани за да извршат притисок врз нејзиниот сосед во клучен момент од нејзината историја. Ставот и постапките на Бугарија кон С Македонија претставуваат форма на уцена со намера таа да се принуди да ги модифицира клучните елементи на нејзиниот идентитет и култура, што само по себе може да претставува кршење на клучните меѓународни правни принципи, особено принципите на самоопределување и на начелото на интервенција во внатрешните работи на другите држави. Тука се фокусираме на еден општ, но фундаментален принцип на меѓународното право, применлив за сегашната ситуација: принципот на добра волја – се наведува во анализата.

Исто, инструментализацијата на Бугарија на правилата за пристапување во ЕУ заради само внатрешни политички придобивки е злоупотреба според меѓународното право.
– Со Рамковната позиција усвоена од бугарската влада и Декларацијата потврдена од Собранието во октомври 2019 година, Бугарија претстави пакет услови што треба да станат дел од рамката за пристапување кон ЕУ за С Македонија да добие согласност од Бугарија со намера да се започне процесот на преговори. На пример, се наведува дека „македонскиот јазик е кодифициран бугарски дијалект и дека не треба да се споменува македонскиот јазик како дел од документите на ЕУ или дека Северна Македонија и ЕУ треба да го користат само целото име на земјата, а не и скратената форма“. Овие услови не само што не се поврзани со правилата за пристапување во ЕУ и јасно се неприфатливи од македонската страна туку се и во спротивност со договорот од Преспа, кој се однесува на посебноста на македонскиот јазик, историја и култура – ги појаснуваат аргументите германските аналитичари.
Според анализата на „Џаст аксес“, насилното однесување на Бугарија им штети на правата на македонското малцинство што живее во Бугарија, како и на овластувањата на Судот во Стразбур, а истовремено се поттикнува поедноставување на процедурите за добивање бугарско државјанство за македонските граѓани.
– Бугарските институции се поттикнуваат да ги поедностават процедурите за барање бугарско државјанство за оние што јавно се декларираат како Бугари во С Македонија. Ова може да се толкува како тактика да им се понудат пасоши на ЕУ на граѓаните во странство како заштита на нивното право на национална самосвест. Ова не е само отворена понуда за промена на етничката припадност туку и пример за директно мешање во внатрешните работи на С Македонија – се заклучува во анализата на „Џаст аксес“.

Македонија претходно поведе судски спор пред Меѓународниот суд на правдата против Грција поради блокадата што овој сосед ја направи на македонските евроатлантски интеграции, но иако го доби спорот, сепак меѓународната заедница остана на страната на Атина и не ја почитуваше судската пресуда.
Некои од аналитичарите со кои се консултиравме сметаат дека повторен судски процес против Бугарија пред меѓународните судови нема ништо да донесе за Македонија и „би било само губење време?!“
– Сметам дека вака како што стојат работите Македонија не може да го реши спорот со Бугарија. Поведување нова постапка пред меѓународните судови ќе биде само губење време – смета Драган Јањатов, поранешен дипломат.
Според него, најдобро решение е проблемот да се отвори во Советот за безбедност на Обединетите нации.
– Македонија треба да се обрати до Советот за безбедност при ОН и да бара заштита бидејќи е загрозена. Има територијални претензии и еклатантно мешање во внатрешните работи од страна на Бугарија. Македонија е членка на ОН, признаена од повеќе од 200 земји, така што таму би била рамноправна со Бугарија. Тоа би бил многу поефектен чекор отколку тужби по меѓународни судови. Имаме искуство со Грција, така што тоа нема ништо да ни донесе – категоричен е Јањатов.
Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев исто така смета дека земјава нема да добие ништо ако ја тужи Бугарија пред Меѓународниот суд.

– Тоа би било само губење време. Се виде како поминавме со Грција, така што не очекувам ништо поразлично да се случи и ако ја тужиме Бугарија – вели кратко Калајџиев.
Но еден професорите со кои се консултиравме, сепак ни спомена мисла од еден од лидерите на француската револуција Жорж Дантон, која токму за овој контекст е соодветна: „Мораме да се обидеме, и повторно да се обидеме, и така да продолжиме одважно. Ако има правдина, нема од што да се плашиме, а ако нема, тоа значи дека се плашат оние што ја сакаат нашата ’глава‘“.