Приготвувањето храна во затворен простор и заеднички ручек на гладните во една трпезарија сега се оневозможени, па се практикуваат други начини на приготвување и поделба на оброците за гладните. Поради страв од пандемијата, некои од хуманитарните организации престанале со работа, а оние што и натаму функционираат, работат отежнато, со намалени донации во намирници и готови производи, како од фирмите, така и од граѓаните
ПАНДЕМИЈАТА ИМ ГО ЗЕДЕ ЛЕБОТ И НА НАЈСИРОМАШНИТЕ
Пандемијата ги смени условите на функционирање и на народните кујни, како на оние под покровителство на државните институции, така и на црковните. Приготвувањето храна во затворен простор и заеднички ручек на гладните во една трпезарија сега се оневозможени, па се практикуваат други начини на приготвување и поделба на оброците за гладните. Поради страв од пандемијата, некои од хуманитарните организации дури и престанале со работа. Исто така и некои од фирмите што претходно донирале се откажале од донациите, а други пак го намалиле интензитетот на донирање. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека кујните функционираат според веќе утврдените протоколи и примена на здравствените мерки. На територијата на земјава во урбани и рурални средини се отворени 50 народни кујни во 50 општини, односно 61 пункт, а услугите ги користат 3.147 лица.
– Лицата што се корисници на услугите во народна кујна се со решение од месно надлежниот центар за социјална работа и истите тие од понеделник до петок добиваат еден топол оброк дневно, а во викенд-деновите добиваат ладен оброк, кој го подигаат во петок. На дневна основа се приготвуваат.3147 оброци за овие лица – информираат од Министерството за труд и социјална политика.
Сепак, потреба од храна имаат многу повеќе гладни, па во намирување на потребите се вклучени и граѓански и црковни организации, кои функционираат благодарение на ентузијазмот и на донации. Од мрежата на „Сите сити“ велат дека функционираат многу отежнато во овие пандемиски услови, со почитување на сите пропишани мерки и протоколи.
– Донациите се нашиот најбитен фактор за да можеме да функционираме. Евидентно е дека некои од фирмите што претходно ни донирале, сега донираат со намален интензитет, веројатно поради намалената економска моќ на многу од фирмите во оваа пандемиска година. Некои од поединците, граѓаните што ни донираа престанаа да донираат исто така поради намалената економска моќ на семејствата. Имаме пример каде што донатор сега ни стана корисник. За жал, бројот на корисници сѐ повеќе расте и не можеме да постигнеме, но засега правиме напори и соработуваме меѓусебно за да нема гладни. Граѓаните исто така може да се вклучат во нашата акција „Нахрани 10.000“, која ја реализираме двапати годишно, сега во април и потоа во октомври. Да се надеваме дека пандемијава ќе заврши и ќе дојде време кога можеби ќе нема потреба од нашите услуги – вели Виктор Петковски, проект-координатор на мрежата „Сите сити“.
И неформалната граѓанска организација „Ретвитни оброк“ поради пандемијата го променила начинот на приготвување на храната, а ентузијастите не можат да готват во затворен простор со дружба како порано.
– Сега функционираме поинаку и нема групно готвење. Сега сѐ функционира по принципот на самостојно готвење оброци за бездомни и социјално загрозени лица. Намирниците ги добиваме по принцип на донации. Секоја сабота приготвуваме по 200 оброци, кои се делат благодарение на соработката што ја имаме со „Љубезност“, бидејќи тие се одговорни за тој дел и ја делат храната со примена на сите мерки на заштита. Во самостојното приготвување на оброците понекогаш се вклучуваат и професионални готвачи, средни училишта, новинари и луѓе што сакаат да помогнат. Секоја недела се јавува понекој и приготвува на пример педесетина оброци. Досега, и покрај целава ситуација со пандемијава, се снаоѓаме и бараме начини да не ги оставиме луѓето без храна – рече Ристе Ѓорѓиевски, еден од членовите на „Ретвитни оброк“, кој работи од самите почетоци.
И народната кујна во црквата „Свети Петар и Павле“ во скопската населба Ѓорче Петров, поради состојбата со пандемијата, работи на малку поинаков начин. Не ја користат повеќе кујната за да ја приготват храната, бидејќи е затворен простор, па на оние на кои им е потребно, им даваат намирници да си приготват ручек во своите домови доколку имаат услови за тоа. На оние, пак, што не можат да го направат тоа, им даваат готова храна, кој ја добиваат од организации и фирми со кои соработуваат.
– Им го даваме она што најчесто ни го носат луѓето, грав, леќа, конзервиран грашок, ориз, макарони. Секојдневно успеваме и во овие лоши времиња да нахраниме околу 150 луѓе, а шеесетина поминуваат да добијат храна за да приготват оброк дома. Еве, имавме донација од неколку вреќи со компир и кромид, па жените што работат им даваат и од едното и од другото за приготвување еден ручек. Во викенд-деновите тие не работат, па гледаат некако луѓето да бидат покриени и за тие два дена. Евидентно е дека граѓаните донираат, но оваа година, откако почна пандемијава, некако помалку, иако покрај постојните се појавија и нови донатори. Ако претходно донираа храна во вредност од 5.000 денари, сега е во вредност од 2.500 денари. Ние ги повикуваме луѓето да донираат храна со подолг рок на траење. На гладните им помага и Ѓаконијата во Велес, а сигурно се помага и во другите градови. Тука е и хуманитарната организација „Свети Спас“ од скопската населба Драчево, која ни помага и нам, а на месечно ниво дели пакети со храна и хигиенски средства на околу 350 семејства – вели отец Костадин, старешина во црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров.
И организацијата „Свети Спас“ потврдува дека тешко се функционира во овие времиња, а уште потешко може да се нахранат многуте гладни.
– Околу седум тони храна на месечно ниво обезбедуваме за гладните луѓе, донации од обичниот народ и од десетина фирми што секој месец ни донираат. Тие учествуваат со 60 отсто од она што го добиваме за секој месец да обезбедиме 350 семејства со пакети храна и средства за лична хигиена на месечно ниво. Праќаме пакети и преку карго. Преостанатото 40 отсто е она што го донираат граѓаните. За жал, со пандемијата, бројот на гладни сѐ повеќе се зголемува и побарувачката е поголема од тоа што го имаме ние. Се случува цели семејства со солзи во очите со деца да дојдат и да бараат помош, па некогаш и ние лично помагаме, но не сме толку моќни. За жал, поради страв од пандемијава, доста хуманитарни организации престанаа со работа, во време кога сме им најпотребни. Испратив 200 писмени барања до фирми да помогнат, а имаме илјадници што бараат помош и ни пишуваат на Месинџер, на мојот мејл. Поради економската пропаст на многу семејства, фирмите наместо да ја повлекуваат храната што ја продаваат пред истекот на рокот за да ја фрлат и уништат, да им ја донираат на хуманитарните организации – ништо од неа нема да остане – вели отец Оливер, претседател на хуманитарната организација „Свети Спас“ на скопската епархија при МПЦ-ОА.