Македонскиот електронски фестивал „Десонанз“, кој годинава обележува 10 години од основањето, на 15 август ќе биде дел од маратонска берлинска журка, која се одржува во вториот најголем клуб во Берлин, „Грисмуле“.
Претставниците од „Десонанз“, Андреј Анчевски, Мартин Чанаќевиќ и Димитар Николов, освен што ќе настапат на маратонската журка, истовремено ќе го промовираат концептот на македонскиот фестивал. Тие ќе бидат и куратори на интернационалната програма.
– Ова претставува голем и значаен чекор кон приближувањето на берлинската електронска сцена и отвора можности за понатамошни соработки, не само за екипата на „Десонанз“ туку и на сите наши чинители на електронската сцена – велат организаторите на „Десонанз“.
Журката е во организација на клубот „Грисмуле“ и најголемата издавачка куќа во Германија за електронска музика „КилеКил“. Македонски артисти Андреј Анчевски (Андреас Херц), и Мартин Чанаќевиќ (Мартчин) ќе претстават со сет, кој го опфаќа звукот на „Десонанз“. На берлинската електро-сцена ќе настапи и Димитар Николов (Кроном), кој веќе се пробива како еден од најквалитетните млади продуценти и диџеи на македонската електронска сцена.
– Селекцијата за интернационалната екипа што ја направија од „Десонанз“ за Берлин ги вклучува артистите Онтал (Србија), Рoмек (В. Британија) и Торн Реликс (В. Британија), како главни изведувачи, кои се релативно нова супергрупа и нивното берлинско деби го прават токму преку овој настан – додаваат од „Десонанз“.
Како што ни соопшти диџејот Андреј Анчевски, самиот настан е замислен како вечер каде што големиот подиум е под селекцијата на Десонанц со неколку интернационални артисти (водејќи се од желбата на клубот селекцијата да претстави музика што не е дел од берлинската сцена) како и екипата од Македонија, додека на вториот подиум настапува берлинскиот техно-колектив Исмус. Вечерта е соработка со издавачката куќа „Килекил“, која ги води вечерите токму со таа замисла, запознавање на берлинската публика со електронска музика од различни земји и музичка размена помеѓу Берлин и интернационалната сцена.
– Мојот настап е во функција на претставување на звукот на „Десонанз“ кон берлинската публика, односно сет составен од селекција на музика од артисти, кои биле наши гости во Скопје, изданија од македонски продуценти и неколку историски парчиња музика што го имаат оформено нашиот вкус низ текот на годините. Неколкупати сум имал можност како публика да го посетам клубот Грисмиле, кој е познат не само по современата и често интернационална музичка програма, туку и како огромна напуштена фабрика со најразлични секции за посетителите. Две големи и брутални техно-бункери внатре, прекрасна градина каде што по ноќта на подиумите внатре, преку ден настапуваат амбиентални и џез-артисти и се разменува винил на старо, пинг-понг сала, мал ресторан – објаснува Андреј.
Контрастот помеѓу импозантната бетонска архитектура внатре навечер и пријателската атмосфера во зеленилото преку ден го прават супер-место за музика од секаков вид, сместена во правилното време од денот на вистинскиот подиум. Токму од овие причини клубот ретко кога е затворен во скоро секоја минута од неделата може да се наиде на интересен настан и фантастична музика, сподели Анчевски.