Половината од Хрватите го оправдувале фаќањето врски со долгите листи за чекање за некоја здравствена услуга, но зад злоупотребата на системот стои образецот на однесување на граѓаните и во другите сфери на животот
Секој петти жител на Хрватска одлучува да бара приватни врски од пријатели или блиски при користењето услуги во здравствениот систем, со што влијае на разорување на системот на општествена доверба, покажало истражувањето што е објавено во научното списание „Општествени истражувања“. Половината од испитаниците, кои се избирани според стратифициран примерок, го оправдувале фаќањето врски со долгите листи за чекање за некоја здравствена услуга. Но дополнителните анализи покажуваат дека зад злоупотребата на системот стои образецот на однесување на граѓаните што го демонстрираат и во другите сфери на животот во Хрватска, вели Јосип Франиќ, авторот на истражувањето од Институтот за јавни финансии, пренесува агенцијата „Хина“.
Користењето пријателски врски е еден од најпроблематичните облици на незаконско работење на кој е изложен здравствениот систем. Одговорите на испитаниците во анкетата се загрижувачки, па голем дел од граѓаните без премногу размислување ги прифаќаат искривените норми на однесување, а „фаќањето врски“ за нив претставува и навика, заклучува авторот.
Жените се посклони кон барање пријатели за здравствени услуги, а тоа е еднакво за сите старосни групи. Кај лицата од повеќечлени семејства постои поизразена тенденција за инструментализација на пријателствата и познанствата, додека невработените многу поретко се одлучуваат за тоа. Исто така, финансиската состојба на граѓаните не влијае на воспоставената практика, а тоа се однесува и за населбата во која живее поединецот, истакнува авторот Франиќ.
Користењето на врските кај голем дел од граѓаните, ги принудува и другите лица да преземат исти чекори или во спротивно ќе бидат принудени да чекаат на долгите листи. Некои од овие односи може да се категоризираат како подмитување и тоа може да предизвика несогледливи последици во системот на здравствена заштита и во општеството воопшто. Со ова се поткопуваат и темелните начела за ефикасност, праведност и еднаквост во пристапот до здравствена заштита.
Долгорочното решавање на проблемот бара големи напори за освестување на граѓаните за штетноста од ваквото однесување, што ќе биде тешко остварливо без конкретни реформи во воспитно-образовниот процес. Од друга страна, фокусот мора да биде ставен и на другата страна од извршителите на здравствени услуги, а тоа подразбира и воведување репресивни мерки, смета авторот.
Подобрувањето на транспарентноста ќе го смени однесувањето на поединците, а отсуството на јавноста е основа за распространетоста на многу неетички работи во хрватското здравство, заклучува Франиќ, пренесува „Ал џезира“.
Во слично истражување во Србија, помалку од половина од граѓаните во оваа земја не би пријавиле корупција. Истражувањето што е спроведено од УСАИД и од ЦЕСИД покажало дека бројот на граѓаните што би пријавиле корупција во период од две години е намалено за 17 отсто. Стручњаците предупредуваат дека е загрижувачки падот на довербата во институциите бидејќи податоците покажуваат дека корупцијата за граѓаните и натаму е еден од најголемите проблеми.