Јавната манифестација на некакво лично пријателство при официјалното политичко договарање за круцијални прашања од стратегиски карактер, зачинето со индивидуални импровизации по тие прашања, очигледно не е рецептот на успешен излез од ќор-сокакот. Искусните дипломати дури сметаат дека таквиот однос во политичката комуникација поразително се рефлектира и во концептот и содржината на официјалниот Договор за добрососедство со Бугарија, а уште подрастично во оној со Грција. Тие сметаат дека на нетранспарентноста, полуофицијалните средби, форсирањето некакви неискрени лични пријателства, со голема доза лицемерство и глума, воопшто не им е место на политичката и дипломатската сцена.
Во политиката и во дипломатијата и неформалните средби имаат официјален карактер
Обидите за враќање во нормала на македонско-бугарските односи по ветото на Бугарија за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, постојано се ставаат на агендата на билатералата. Но не со голем успех и не секојпат онака како што налагаат принципите на дипломатијата. Јавната манифестација на некакво лично пријателство при официјалното политичко договарање за круцијални прашања од стратегиски карактер, зачинето со индивидуални импровизации по тие прашања, очигледно не е рецептот на успешен излез од ќор-сокакот.
Искусните дипломати дури сметаат дека таквиот однос во политичката комуникација поразително се рефлектира и во концептот и содржината на официјалниот договор за добрососедство со Бугарија, а уште подрастично во оној со Грција. Тие сметаат дека на нетранспарентноста, полуофицијалните средби, форсирањето некакви неискрени лични пријателства со голема доза лицемерство и глума, воопшто не им е место во односите на нашите политичари со соседите, па и обратно. Тоа оди на наша штета и ги замаглува официјалната политика и ставови на Македонија.
Комуникацијата во македонско-бугарските односи е надвор од секакви норми
на дипломатско однесување
Симптоматичноста на таквиот однос драстично е видлива и на (не)формалните средби на македонските со бугарските политичари. Меѓу последните такви ситуации беше т.н. неформална средба на софискиот аеродром на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи со бугарскиот премиер Бојко Борисов. Иако Османи беше на пропатување преку Софија до друга европска дестинација, бугарскиот премиер му „приредил изненадување“ со камери и микрофони за изјави од „средбата на минување“, која на тој начин ја добива тежината на „даден збор“. Всушност, бугарскиот премиер тој стил на пресретнување со камери и снимање, па потоа да ги објавува на својот фејсбук-профил, го практикува при средбите со речиси сите македонски политичари – и од власта, и од опозицијата, и со специјални и помалку специјални посредници во спорот. Можеби таквиот однос со „медиумски заседи“ е вообичаена практика во бугарскиот политички амбиент, но сосема е извесно дека е невообичаена според меѓународните стандарди на дипломатијата и политичка комуникација меѓу рамноправни партнери, претставници на две суверени држави.
– Целиот начин на јавна комуникација во македонско-бугарските односи е надвор од секакви норми на дипломатско однесување. Не може да се игнорира впечатокот дека едната страна (најчесто бугарската) сака да искаже потценување, па и потсмев спрема другата (македонската страна). Многу често пријателските гестови од македонска страна се омаловажуваат и злоупотребуваат од бугарските политичари за некаков ефект во нивната внатрешнополитичка јавност.
И македонските политичари како да влегоа со преголема комоција во целиот процес
Од друга страна, дипломати од кариера обрнуваат внимание дека и нашите политичари и носители на државни функции влегуваат во слично и недопустливо сценарио на дипломатска комотност.
– И македонските политичари како да влегоа со преголема комоција во целиот процес на решавање на суштински и децениски невралгични прашања во надворешната политика. Прелесно се препуштија на некаква манифестација на „покровителско пријателство“ од Бугарија и доверба дека ќе ги надминат своите историско комплексни интереси спрема Македонија, во духот на европското заедништво. Таквата леснотија во пристапот на македонските политичари повторно се судри со прагматично докажаната вистина дека во политиката нема пријателство, туку само интерес – вели поранешниот македонски дипломат Љупчо Арсовски.
За Арсовски, првиот амбасадор на самостојна Македонија во Грција, чудно е и понатамошното однесувањето на македонските политичари, наспроти однесувањето на бугарските: Според него, попустливоста и премолчената согласност за нерамноправно „пријателство“ не е својствено за воспоставување однос меѓу две суверени земји. Уште еден прилог во македонско-бугарската хроника на асиметрично пријателство е и тоа што во Македонија се емитува телевизиската програма на еден канал од Бугарската национална телевизија, додека во Бугарија сѐ уште не се емитува ниту еден канал од Македонската радио-телевизија, и покрај наводниот договор за реципроцитет во размената, како што кажа специјалниот посредник на македонската влада, Владо Бучковски.
За разлика од агресивната транспарентност на бугарските политичари, која е често на работ на политичка стапица, обидот на македонските политичари да одиграат вешто во таа наметната ситуација ги заплеткува во настојувањата да ги прикријат бугарските уцени пред македонската јавност. Тоа се случи и со прикривањето и одрекувањето за постоење на бугарски анекс на одлуката на ЕК за почнување преговори на Македонија со ЕУ, во март минатата година, како и доставувањето на објаснувачкиот меморандум за Македонија од страна на Бугарија до другите членки на Унијата… Како своевиден ироничен прекор за таквото однесување на македонските политичари најчесто доаѓа токму од бугарска страна, па бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, често потсетува дека позицијата на нејзината земја за вето спрема Македонија (доколку не ги исполни бугарските услови) е јасно искажана уште од 2019 година, со Рамковната позиција изгласана во бугарското собрание.
– Однесувањето на бугарските политичари спрема македонските во директната комуникација воопшто не е ниту според каков било протокол, дипломатски стандарди, па и некои неформални, непишани вредности на политичко однесување. Таквиот очигледно изграден однос несомнено наведува на перцепцијата дека едната страна покажува потценување и непочит спрема другата. Пострашно е што така воспоставениот однос е прифатен од македонската страна. Иако на неформалните политички средби, од чија комуникација не произлегуваат правно обврзувачки заклучоци, дозволено е послободно однесување, сепак и тие имаат формален карактер според начинот на организирање и треба да ја одразуваат сериозноста на одреден политички процес. Впечаток е дека и на таквите средби се отсликува општиот однос на македонските официјални политичари, спрема круцијалните државни прашања, а тоа е некаков однос на неформално друштво без одговорност – оценува политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.