Шпанија би можела да стане една од првите земји во светот каде што ќе се тестира четиридневната работна недела, откако шпанската влада се согласи да започне пробен проект за компаниите кои се заинтересирани за спроведување на идејата, пренесува „Гардијан“.
На почетокот на годинава, левичарската партија Мас Паис објави дека владата го прифатила предлогот за тестирање на оваа идеја.
– Сметаме дека е крајно време за четиридневната работна недела, односно 32 работни часа. Шпанија е една од земјите каде работниците вложуваат повеќе работни часови од европскиот просек, но не сме меѓу најпродуктивните земји. Работењето повеќе часови не значи и подобро работење – изјави Ињихо Ерехон од Мас Паис.
Левичарските партии во Шпанија брзо ја прифатија идејата. Во 1919 година, 44-дневен штрајк во Барселона резултираше земјата да стане една од првите во Западна Европа што го усвои осумчасовниот работен ден.
Иако деталите не се соопштени, Мас Паис предложила тригодишен проект во вредност од 50 милиони евра што ќе им овозможи на компаниите да ја пробаат четиридневната работна недела со намалени часови и минимален ризик. Трошоците на компаниите би можеле да се покријат 100 отсто во првата година, 50 отсто во втората година и 33 отсто во третата година.
Идејата наиде и на критики, а еден од лидерите од главните деловни здруженија во Шпанија ја опиша како „лудило“, нагласувајќи дека се во пресрет на најголемата рецесија што земјата ја видела од граѓанската војна досега.
– За излегување од оваа криза треба повеќе работа, а не помалку – рече Рикардо Мур од Шпанската конфедерација на деловни организации.
Идејата за скратена работна недела во минатото дојде до израз поради економските, општествените, здравствените и технолошките причини. Преоптовареноста со работа резултира со илјадници заболени од депресија секоја година, прекувремената работа го отежнува балансирањето меѓу кариерата и грижата за семејството, а покрај сето тоа, развојот на технологијата го трансформира концептот на работа и работен ден какви што ги знаеме денес.
– Начинот на кој работиме ги прави луѓето стресни, преморени и предизвикува големи проблеми на работното место и го нарушува менталното здравје. Четиридневната недела би била добра за економијата, добра за работниците и добра за животната средина. Што од сето тоа не би се допаѓало секому? – изјави Џо Рајл од кампањата за „Четиридневна работна недела“.
Ваквата идеја беше поздравена од неколку земји ширум светот, кои се фокусираат на изнаоѓањето средства за зголемување на продуктивноста, подобрување на менталното здравје на работниците и борба против климатските промени. Предлогот доби ново значење бидејќи пандемијата ги изостри проблемите околу благосостојбата на работниците, како и преисцрпеноста од работата.