Разликата од 6,4 проценти во корист на анкетираните граѓани во Македонија кои би дале поддршка на референдумското прашање „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на Договорот од Преспа“, се чини предизвикува доза на оптимизам во Атина и Скопје.
Ова е оценката на дел од грчките медиуми кои ја пренесуваат анкетата за референдумот во Македонија. Според резултатите од испитувањето на јавното мислење кое за МЦМС го спроведе агенцијата М-проспект во периодот од 24 јули до 1 август, поддршка за референдумското прашање би дале 41,5 проценти, а против се изјасниле 35,1 проценти.
„Анкета – ПЈРМ: Водство на оние што би гласале „да“ на референдумот“; „Со 41.5% е во предност „да“ за прашањето за името на ПЈРМ, според анкета“; „Поделени граѓаните во ПЈРМ во пресрет на референдумот“; „Истражување – ПЈРМ: Водство од 6.5% за „да“ за Договорот од Преспа“; „Во Скопје, во водство е „да“, избори се можното сценарио“, се дел од насловите во вчерашните онлајн изданија на грчките медиуми.
– Веруваме дека мнозинството граѓани на референдумот ќе се изјаснат за Македонија како членка на ЕУ и НАТО и дека ќе порачаат до избраните пратеници дека тоа е иднината која им ја посакуваат на своите деца и на своите семејства – истакна заменик-претседателот на Владата и министер за одбрана Радмила Шекеринска во синоќешното интервју за Канал 5 телевизија.
Таа посочи дека неколку пати кажале дека ќе ја почитуваат волјата на мнозинството граѓани.
– Сакаме да ги консултираме граѓаните околу имплементација на Договорот со Грција, која подразбира уставни измени кои ќе ги прави Собранието на РМ. Сметавме дека каков и да биде референдумот клучната порака, клучната политичка одлука која ја донесовме и во соработка со најголемиот дел од парламентарните политички партии е дека ќе го слушнеме гласот, мислењето на мнозинството граѓани и дека истото ќе го почитуваме – рече Шекеринска.
Сите главни политички партии, потенцира, се изјаснија во поддршка на одржувањето на референдум. Таа рече дека најголемата опозициска партија десет години зборува за потребата од референдум.
– Со каков образ ќе излезат во јавноста и ќе им велат на граѓаните да не излезат да гласаат, да не учествуваат на референдумот за кој дискутирале десет години. Ако сите политички партии кои тврделе дека референдумот е добар за Македонија, ако сите политички партии реално ги повикаа своите избирачи, симпатизери да излезат и да ја искористат шансата на овој референдум тој ќе биде целосно успешен, нема дилеми, но, не смееме од друга страна изјаснувањето да го направиме да биде заложник на нечии туѓи политички математики -посочи Шекеринска.
Во Грција, пак, коалицискиот партнер во Владата на Алексис Ципрас и министер за одбрана, Панос Каменос се закани дека пред Договорот од Преспа да дојде во Парламентот во Атина неговата партија „Независни Грци“ ќе ја напуштат Владата. Каменос, во интервју за радиото „Реал фм“, вчера уште еднаш го повтори ставот дека неговата партија нема да отстапи од позициите, како и дека би требало и грчките граѓани да можат на референдум да одлучат дали го одобруваат или не договорот.
Во меѓувреме, во Македонија во тек се подготовките за референдумот, а од денеска до 23 август почнува проверката на податоците во Избирачкиот список за неговото спроведување на 30 септември. Проверката на податоците може да го направат преку веб-страницата на Државната изборна комисија https://izbirackispisok.gov.mk/ и во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК.
Политичката партија Левица вчера најави дека ќе го бојкотира референдумот за името и поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одлуката за распишување на референдум донесена од страна на Собранието на Република Македонија. Одлуката, според паријата, по неколку точки не е во согласност со Уставот, Законот за референдум, како и со воспоставените европски стандарди и добри референдумски практики утврдени од страна на Венецијанската комисија.