Освен што леснотијата при изнесувањето желби на политичарите за посегнувањето по македонскиот устав создава преседан на сите уставноправни практики во светот, уставните експерти ценат дека со таквите предлози се ослабнува и позицијата на Македонија во меѓународните односи
Политичарите почнаа за дневнополитички потреби да посегнуваат кон менување на највисокиот државноправен акт
Предлозите на министерот за надворешни работи Бујар Османи (прво за етничка графа на пописот за оние што се изјаснуваат како Бугари во Македонија, а потоа и нивно внесување во преамбулата на македонскиот устав), како некакво покажување добра волја за надминување на актуелното вето за ЕУ од Бугарија, се чини дека го потрошија својот дневнополитички рок на траење. Самиот министер, но и од Владата, подоцна изјавија дека тоа не било побарано од бугарската страна на последната средба на Османи со неговата бугарска колешка Захариева, но дека „Бугарите треба да се чувствуваат како слободни граѓани, кои може да се организираат како заедница и ќе ги имаат сите права, па ако треба и нивно споменување во Уставот, што ќе го олесни нивното организирање“. Потоа министерот Османи дообјасни дека тоа го предложил во контекст на пописот за да не се дозволи „некој да прави кампања дека државата прави репресија на кој било граѓанин поради етничката припадност.“ Претседателот Стево Пендаровски за оваа иницијатива на министерот за надворешни работи изјави дека „во овој момент не гледа никаква потреба за какви било измени на Уставот“.
Сепак, и во оваа епизода од „серијалот“ на македонско-бугарските билатерални односи, беа препознаени познатите симптоми на македонската политика за решавање дневнополитички предизвици со отворање и менување на Уставот.
– Нашите, македонски политичари многу лесно и често посегнуваат по Уставот како „прагматичен инструмент“ за постигнување избрзано и непромислено решение на каков било политички предизвик, и на внатрешен и на надворешен план. Но отворањето и менувањето на Уставот не е ниту лесна ниту брза процедура, а спроведувањето на целиот процес секако ќе предизвика реакции во општеството, па и непотребни последици. Ако навистина сакаат Бугарите да ги стават во преамбулата на Уставот, најпрвин Владата (или 30 пратеници) треба да поднесе предлог до Собранието, Собранието да организира расправа, па одлуката за измени на Уставот да биде усвоена со двотретинско мнозинство од барем 80 пратеници. Доколку помине одлуката за потреба од измени на Уставот, потоа треба да се подготви нацрт на актите за внесување на бугарското малцинство, повторно да се организира расправа, да се достави предлог на Уставот и повторно да се изгласа со двотретинско мнозинство. А бидејќи се работи за преамбула на Уставот, целата работа е уште почувствителна. Овој последен предлог за отворање на Уставот само покажува дека политичарите многу лесно даваат непромислени предлози, а потоа се извинуваат – вели професорот по уставно право Светомир Шкариќ.
Освен што леснотијата на изнесувањето понуди за посегнувањето по македонскиот устав создава преседан на сите уставноправни практики во светот, уставните експерти ценат дека со таквите предлози се ослабнува и позицијата на Македонија во меѓународните односи. Пред сѐ Уставот е внатрешна работа на една земја и посегнувањето по него, особено по преамбулата, за задоволување одредени побарувања или „дискретни очекувања“ од друга земја, се смета за непристојно однесување во билатералните и мултилатералните релации.
– Самиот предлог за внесување некое бугарско малцинство во преамбулата на македонскиот устав имплицира на многу преседани. Прво, во кое својство министер за надворешни работи предлага промени на Уставот? Уште поважно, кога се менува преамбула на устав, се прекршуваат сите уставноправни практики.
Вообичаено е, кога се носи нов устав, да има нова преамбула. Ако понатаму продолжиме со додавање нови етнички субјекти во преамбулата, може многу брзо да се случи преамбулата да ни биде подолга од самиот Устав. Конечно, грдо, неодговорно и недржавнички е пред спроведување попис да се предлага менување на преамбулата на Уставот и специјална етничка графа на пописот за околу 1.400 граѓани, кои на последниот попис во Македонија се изјасниле како Бугари – вели професорката по уставно право и актуелна пратеничка Гордана Силјановска.
Професорката Силјановска истакнува дека во Македонија секој има право слободно да го изрази своето чувство за етничка припадност, независно од државјанството. Притоа, не може да се очекува реципроцитет во пристапот на пописот во Бугарија (поради кој се предлагаат ваквите уставни и пописни интервенции) за оние што се чувствуваат етнички Македонци во оваа соседна земја. Силјановска потсетува дека Бугарија сѐ уште не ги спровела пресудите на Европскиот суд за човекови права за регистрација на организациите со македонски етнички предзнак.
– Заднината на идејата за внесување некаков бугарски етникум во преамбулата на македонскиот Устав веројатно потекнува од идејата оние македонски граѓани што имаат двојно државјанство, т.е. бугарски пасоши да бидат претставени како бугарски етнос. Но тие граѓани секако имаат и македонско државјанство, а според Законот за државјанство, предност има првото државјанство.
Освен тоа, државјанството и етничката припадност во Македонија (и во сите демократски земји) се прецизно разграничени, што не може да се каже дека таквиот принцип реципрочно се спроведува и во Бугарија. Со оглед на фактичката состојба, дека во Македонија е усвоен Закон за попис, со кој се попишуваат државјаните, а не резидентното население, може да се случи македонските граѓани што имаат и бугарски пасоши да бидат попишани во три земји: во Македонија, во Бугарија, и во земјата на ЕУ каде што всушност работат и престојуваат. Ноторен факт е дека македонските граѓани земаат бугарски пасоши од економски причини за да имаат полесен пристап на пазарот на трудот во земјите на ЕУ, а Бугарија сепак не е земјата во која реално живеат и работат – оценува професорката Силјановска.