Фотографот Зоран Шекеров, на изложбата „Фолдед“ и во истоимената книга, презентира фотографии од истражувањето на пеливанските борби, во најголем дел снимени на локации во Скопскиот и во Кичевскиот Регион
Зоран Шекеров, фотограф
Телата во борбата можат да изгледаат валкани и размачкани, но истовремено од маслото, сјаат. Тие преку најразличните пози и борбени зафати се прелеваат едни во други, а грубоста на борбата истовремено се превиткува во провокативна убавина. Импресиониран од оваа традиција си дозволив што е можно повеќе да се доближам до пеливанот, вели Шекеров.
Зоран Шекеров (1992) живее и работи во Скопје каде што дипломирал на Катедрата по фотографија при интернационалниот универзитет „Еуропа прима“. Реализирал долгорочни документарни фотографски истражувања, кои се соочуваат со човечката состојба во даден општествено-политички контекст, како и со прашањата на идентитетот, патриотизмот, носталгијата. Ги изложувал своите фотографии на самостојни и групни изложби во Македонија и интернационално.
Изложба на фотографии под наслов „Фолдед“, во чиј фокус се пеливанските борби како дел од вашиот истоимен истражувачки документарен проект и книга, е отворена во „Прајват принт студио“ во Скопје. Од што првично бевте привлечени за да го реализирате проектот во кој одблизу го откривате светот на пеливаните?
– Од фотографските архиви на мојот татко, каде што тој како гостин на свадбена церемонија со својот фотоапарат ги документира пеливаните во затворен простор. Оттаму започна и моето истражување за фотографските стакла на браќата Манаки во Државниот архив – Битола, каде што тие и фотографите Ошавкови документираат пеливанско борење во Битола, пред повеќе од едно столетие од времето на Турската Империја. Најпрво со уредникот на книгата, Илија Прокопиев, разговаравме за голотијата во јавниот простор и оттаму ги извлековме телото и телесноста на пеливанот, како главен фокус во книгата. Придавајќи му фокус на неговото тело, излегувам од традиционалниот пристап на создадена слика-фотографија на двајца пеливани. Користам силен блиц за да се доближам до една почиста информација на телото и дополнително ја зајакнувам сјајноста на нивните премачкани тела со масло. Телесноста на пеливанот, маалскиот амбиент преку кој се провлекува оваа вековна традиција, ритуалноста, провокативниот начин на кој се прават различни борбени зафати и интеракцијата со публиката се она што мене ме навлече да направам детална анализа на портрет на пеливан и да го претставам во една артифициелна фигура. Насловот „Фолдед“, („Folded“), кој на македонски јазик значи превиткано, доаѓа од превиткувањето на телата на пеливаните и нивните зафати. Со комплексноста на боречките движења и мојот документарен пристап, на дел од фотографиите тие изгледаат неприродно инкорпорирани во просторот и фотографскиот формат. Всушност, превиткувањето на зафатите и нивните позирања ги прави артифициелни, каде што за момент изгледаат како антички скулптури. Дополнително, такво „превиткување“ правам со светлината од блицот, наспроти дневното светло на пеливанските терени.
На кои локации и во кој период го реализиравте истражувањето, како бевте примени од пеливаните и од нивните семејства?
– Овој проект го реализиравме од почетокот на 2019 година, до крајот на 2020 година. Најголем дел од локациите на кои ги документирав пеливаните се во Скопскиот Регион, во селата Света Петка и Студеничани, во населбите Сарај и Шуто Оризари, реката Треска и Пласничка Река во селото Пласница, во Кичевскиот Регион. Со пеливаните и нивните семејства имавме одлична соработка, нешто што на почетокот ни се чинеше како предизвик, подоцна и поради појавувањето на ковид-19. Секако, сметам дека во овој проект средбите и разговорите со пеливаните и нивните семејства се важни за мене и за мојот метод на работа поради провокативноста на зафатите и документарниот пристап преку кој ја опсервирам сензитивноста на темата.
Пеливанската борба пред публика, нејзината динамика, малиот простор и за борба и за фотографирање, од вас бараат посебен авторски приод. Која ви беше целта, што сакавте, а што сметате дека успеавте да доловите?
– Како набљудувач на пеливанските борби, најпрво седнат во кругот на публиката, сфатив дека публиката истовремено е и учесник во борбата. Пеливаните не се борат со единствена цел да го соборат противникот, туку нивната цел е заедно со противникот да ја импресионираат публиката. Двајцата борачи следат една цела кореографијата полна со телесни зафати, кои на момент се груби, на момент смирени, на момент очигледно исценирани. За возврат публиката ги наградува пеливаните. Ако во минатото тоа биле животни и храна, денес тоа се пари. Луѓето од публиката често знаат да скокнат од своите места и да им залепат пари на мрсните тела на пеливаните. Во овие борби, во духот на пеливанската традиција, пеливаните се полеани со масло. Борбите обично се одржуваат на отворени површини, на ливади, па затоа по мрсното тело на пеливаните се лепат земја и трева. Сево ова ја истакнува телесноста како многу значаен дел од оваа традиција. Телата во борбата можат да изгледаат валкани и размачкани, но истовремено од маслото, сјаат. Тие преку најразличните пози и борбени зафати се прелеваат едни во други, а грубоста на борбата истовремено се превиткува во провокативна убавина. Импресиониран од оваа традиција си дозволив што е можно повеќе да се доближам до пеливанот. Мојата одлука со фотоапаратот да скокнам од публиката кон пеливаните на ливадата, ја создаде книгата во која се содржат трите главни стадиуми на борбата: подготовките, борбениот ритуал и чистењето на телото, претставени низ фотографии со блиски кадри и асиметрични композиции и силен блиц. Целта да користам таков метод на работа беше да го издвојам пеливанот од традиционалната слика и да го сместам во една артифициелна, каде што неговото тело на изглед е неприродно инкорпорирано во просторот. Така е доловен токму моментот кога пеливанската борба се превиткува во скулптурни форми што ги создаваат борачите.
Предизвика ли фотографирањето на делумно голите машки тела за вас неочекувани реакции од страна на пеливаните, од нивните семејства, од читателите на книгата, од публиката на изложбата?
– Во процесот на работа и уредување на книгата со уредникот Илија Прокопиев се соочивме со обемен фотографски материјал, над 3.000 фотографии од вкупно 10 пеливански борби, плус поединечни средби со пеливани. Целните групи ни беа самите пеливани, пеливанот како индивидуа, пеливанската публика и традиционалниот поглед кон овој спорт и една поширока, интернационална публика што отстапува од тој поглед како нешто непроменливо и ја прифаќа традицијата како концепт што единствено може да опстои доколку се пресретне со современи сфаќања. Неочекувани реакции имав кога го документирав делот со борбите на ливадите (блиските кадри), самите пеливани очекуваа да се видат во една стандардна фотографска композиција. Но во текот на фотографирањето имаше и второ и трето сретнување со исти пеливани, па оттука добив идеја на изложбата да претставам фотографии што не се дел од книгата, а се комплементарни на истите тие и го дополнуваат истражувачкиот карактер на овој проект.
Живеете и работите во Скопје, ви влијаат ли пандемичните услови за работа, со какви проблеми се соочувате како фотограф во затворен и во отворен простор и на кој начин се штитите од коронавирусот?
– Коронавирусот покрај ненадејните промени што ја притискаат човечката психа, создава и навики што можеби му се од полза на човекот. Сметам дека традиционалното уредување слави во овој период на појавување на вирусот. Но вистината е повторно некаде помеѓу преземањето на ризикот со одговорно однесување (носење заштитна маска, држење дистанца) или тотално асоцијализирање од надворешниот свет. Кое од овие две нешта е правилно? Веројатно одговорот на ова прашање ќе може да го даде некој наш фоторепортер кому му е дадена работна задача да документира настан или протест каде што толпата не носи маска. Јас такво искуство сум немал досега. Секако, појавата на вирусот и носењето маска ги отежнуваат условите и начинот на фотографирање, како за тој што фотографира така и за крајниот изглед на фотографиите каде што клиентите се во дилема и страв од јавна критика дали треба да бидат видени на фотографијата со или без заштитна маска.