Државите од регионот се соочуваат со раширена сива економија, која надминува над 30 отсто од БДП, што е значително над просекот во Европската Унија, од 17,1 отсто. Во просек, секој трет граѓанин (35 отсто) од регионот што ќе остане без работа е подготвен да прифати некаков вид неформално вработување
Намалените приходи на населението и губењето на работата поради пандемијата на коронавирусот ќе влијаат на зголемувањето на сивата економија во земјите од Западен Балкан. И без корона-кризата, државите од регионот се соочуваат со раширена сива економија, која надминува над 30 отсто од БДП, што е значително над просекот во Европската Унија, од 17,1 отсто. Во просек, секој трет граѓанин (35 отсто) од регионот што ќе остане без работа е подготвен да прифати некаков вид неформално вработување. Од друга страна, 27 отсто од населението би се одлучило да се префрли на купување поевтини производи од црниот пазар. Ова се некои од заклучоците од студијата за неформалниот сектор во четири земји, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Србија за 2019 година, изработена од Сараевскиот центар за политика и управување.
Причините за постоењето на сивата економија во овие четири земји се од системски карактер и се однесуваат на царинската или даночната политика, акцизите и другите фискални обврски што се однесуваат на приходите на граѓаните, пренесува „Ал џезира“. Еден од двата главни фактора за постоењето на високото ниво неформално вработување е релативно високото даночно оданочување по основа на приходите од лична работа. Даночното оптоварување на вкупната цена на трудот во сите земји од регионот е поголемо од просекот во ОЕЦД. Резултатот од ваквата даночна политика е тоа што работодавците се обидуваат да ги намалат трошоците за работната сила, а во исто време и да им понудат поголеми плати на своите работници.
– Нашето истражување покажа дека 40 отсто од граѓаните како причина за неформалното вработување го наведуваат инсистирањето на работодавците да не ја пријавуваат платата. Наспроти ова, 36 отсто од работниците сметаат дека тоа е поради нивната желба за зголемување на личните приходи. За да се избегне ова, властите треба да ја разгледаат опцијата за намалување на даночниот дел на платите на работниците на сегашното ниво на ОЕЦД – вели Адис Муховиќ, извршен директор на Центарот за политика и управување.
Во Босна и Херцеговина непријавувањето на работниците е најчесто во трговскиот сектор, градежништвото, преработувачката индустрија, транспортот, поправката на автомобили и други поправки во домаќинствата, шиењето, домашните работи и во градинарството. Заедничкиот именител за нив е што неформалното вработување е поприсутно во помалку платените работи, за кои не се бараат софистицирани вештини и високо оданочување на платите. Трошоците за вработување работник со пониски приходи за работодавецот се релативно повисоки, додека на работникот му се исплатува понизок приход, што ги стимулира и двете страни да не ги пријавуваат своите приходи. Кај овие дејности работодавецот е во многу поповолна позиција поради високата понуда на работна сила, особено во услови на пандемија, кога има зголемен број затворени фирми и дејности. Во однос на производите што се пласираат на црниот пазар, најзастапени се цигарите, облеката, прехранбените производи и дрвата за огрев
Во Хрватска, според последните истражувања на Европската комисија, секое четврто формално вработено лице е подготвено да прими дел од платата „на рака“, но доколку за тоа добие и повисока плата. Јосип Франиќ, истражувач во Институтот за јавни финансии од Загреб, укажува на ригидноста на пазарот на трудот, но и на културолошките и образовните аспекти на сивата економија како феномен присутен во целиот регион.
– Во Хрватска непријавени работници има во градежништвото и во угостителството, но не постои сектор што е поштеден од овој облик на работа. Зачестеноста на неформалното вработување е тесно поврзана со природата на самата работа и големината на фирмата. Поради поголемата флексибилност и можности за развивање силни социјални врски, микро и малите компании значително почесто се одлучуваат за вакви облици на вработување. Од друга страна, поради сезонскиот карактер на работите, на работниците и на работодавците им одговара да се одлучат за вработување на црно. Важен фактор е и колку во одредена земја може да има готови пари во оптек, кои може да се вртат и во неформалната економија – вели Франиќ за „Ал џезира“.
Според некои процени, вистинската бруто-додадена вредност на произведените стоки и услуги во Хрватска е за 27 отсто поголема од официјалните податоци, а во другите земји тој процент е поголем. Во Црна Гора сивата економија има значително влијание и на конкурентноста на економијата, а најзастапена е во услужните, земјоделските и трговските дејности.
– Сивата економија и неформалното вработување се длабоко вкоренети во црногорското општество и економски систем. Кога зборуваме за социолошкиот феномен, особено на овие простори, голем проблем е и свеста на граѓаните за последиците од купувањето кај „познат продавач“. Покрај санкционирањето, Владата на Црна Гора треба да се одлучи и за превентивни мерки, кои би се однесувале на проширување на базата на даночни обврзници и потикнување на фирмите и работниците за регуларно вработување – вели Милан Драгиќ, извршен директор на Монтенегро бизнис-алијанса.
Националната агенција за локален економски развој во Србија ги објави податоците од истражувањето во март 2020, според кое најдоминантен облик на нелегално вработување е работата без договори и исплатата на плата на рака. Од 100 динари заработени во сивата зона, 62 динари потекнуваат од непријавени плати, а 38 динари од избегнување на евиденцијата на продажбата на производи и услуги.
Во Македонија сивата економија минатата година изнесуваше околу 37 отсто од БДП, но поради пандемијата и останувањето без работа на околу 15.000 лица, се очекува поголем притисок за вработување во т.н. неформален сектор. Од Министерството за економија најавија зајакнување на домашната економија и подобрување на бизнис-климата во земјата, преку финансиската помош за фирмите во услови на пандемија, но и преку намалувањето на сивата економија. Клучната улога во намалувањето на сивата економија ја има Државниот пазарен инспекторат и во таа насока зголемувањето и зајакнувањето на капацитетите на инспекторатот ќе придонесат за зголемување на контролата на терен. За годинава е предвидено и зголемување на бројот на пазарни инспектори, односно зајакнување на капацитетите на оваа институција, посочуваат од Министерството за економија.