Фото: Игор Бансколиев

Многу слабости, нејаснотии, но и безбедносни пропусти покажа системот за попишување на дијаспората уште на првиот ден од почетокот на пописот, поради што постои сериозна загриженост за релевантноста на добиените податоци и за безбедноста на информациите што се оставаат во прашалниците.
На самиот почеток на пописот на дијаспората на 1 март се јавија проблеми при обидите за најавување на самата апликација, како и при внесување на матичниот број на лицата родени по 2000 година, покрај тоа поплаки имаше и дека апликацијата воопшто не е прилагодена за мобилен телефон, листите со одговори не се читале целосно или биле покриени со логото на фирмата, преводот на англиски е лош, а има и многу нејасни и двосмислени прашања, како тоа во кое се бара да се напише број на семејството.
Сево ова предизвика револт кај граѓаните што сакаа да се попишат, а едноставно не можеа да го сторат тоа поради овие пропусти.
Некои од овие проблеми беа отстранети, но се јави нов проблем со упад во системот на кој предупреди програмерка од земјава, која криејќи ја својата ИП-адреса успеа да се попише како да се наоѓа во странство.

– Јас што живеам во Македонија успеав да се самопопишам користејќи ВПН. Интернет-страницата не дозволува да се регистрирате доколку имате македонска ИП-адреса, но штом инсталирав ВПН (бесплатен) веќе немаше ограничувања. Самопопишувањето не е само за дијаспората туку и за секој граѓанин што во периодот нема да биде во Македонија, и така јас одбрав да сум кај нашиот северен сосед. Го оставив мојот македонски број и без никаков проблем бев регистрирана и го пополнив прашалникот. Не се бараат никакви податоци за адреса од земјата каде што престојувам, а причина за престој имаше повеќе опции, од кои последната беше „друго“. Ми падна чудно што и во прашалникот кога ја пополнував адресата во Македонија, задолжително беше само името на улицата, но не и број, влез, стан – наведува програмерката во фејсбук-групата Сојузен комитет на програмери на Македонија.
Според првиот човек на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, системот за попишување е максимално заштитен и не може никој да упадне со лажни податоци, истовремено најавувајќи кривична пријава за секој што ќе се обиде да направи нешто незаконско.

– Кривична постапка ќе биде поведена за сите што се обидуваат да приложат лажни податоци во системот. Според членот 9 во Законот за попис, јасно пишува дека секој оној што ќе уништи, прикрие, оштети или на друг начин ќе стори да бидат неупотребувани внесените податоци во пописната апликација, ќе се казни со затворска казна од најмалку три години. Ги прочитав предупредувањата од програмерите, но можам само да кажам дека лажни податоци во системот не можат да бидат внесени. Некој може да се регистрира и да мисли дека внел лажни податоци, но всушност самиот систем ќе покаже дека податоците не се веродостојни. Таквите случаи ќе ги регистрираме, бидејќи станува збор за намерен упад во апликацијата – вели Симовски.
ИТ-експертите со кои се консултиравме сметаат дека секаде може да се упадне и да се направи штета, но дека кривичната одговорност и казните се тие што треба да ги демотивираат граѓаните да прават вакви незаконски дејства.
– Може секаде да се направи упад ако имаш ВПН. Ако се попишеш таму, тоа значи не си тука, ќе те водат како да си надвор од државата и тука можеш да го изиграш системот. Прашањето е што сакаш да постигнеш со тоа бидејќи пописот секаде во светот е статистика, само кај нас е политика – вели Бобан Стојчевски, ИТ-експерт.

Според него, не е исклучено и податоците од пописот да можат да бидат цел на хакерски напади, а нивната безбедност обично се гарантира со тоа како е договорено со фирмата што го изработила софтверот и таа треба да биде одговорна за заштитата.
– За да го измамиш системот не треба да си премногу паметен. Дури и децата го прават тоа понекогаш. Заштитата треба секогаш да биде системска. Технологијата се користи да ја направи системската заштита. Проблемот е кои се последиците од незаконските дејства што некој би ги презел. Треба кривично да се одговара и казните се тие што ќе демотивираат секакви незаконски дејства. Тоа е системското решение – појаснува Стојчевски.


„Бугарска врска“ во софтверот за пописната апликација

Дополнителна грижа кај граѓаните предизвика и фактот што зад изработката на софтверот за пописот стои фирма ќерка на компанија со седиште во Софија, а со оглед на актуелниот политички момент и затегнатоста на односите меѓу двете земји, се наметнува дилемата дали Бугарија на некој начин директно се вклучува во македонскиот попис.
Имено, последните изјавите на тамошните политичари упатуваат директно на тоа, со препораките на сите македонски граѓани што на претстојниот попис ќе се декларираат како Бугари да им биде издаден бугарски пасош по скратена постапка.
Прашање е колку преку овој софтвер ќе се гарантираат податоците на македонските граѓани и дали Бугарија на некој начин нема да добие увид за тоа кој како се изјаснил во земјава.
За Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ одбирањето фирма за изработка на софтверот за пописот што е поврзана со Бугарија во овој момент е крајно проблематично.
– Ова се прави во моменти кога имаме дилеми во односите со Бугарија и кога овој сосед директно и јасно преку пораки на Ковачев и на Каракачанов се замеша во пописот во земјава. Она што сега го прават нашите граѓани на пописот, внесувањето податоци во апликацијата, го прават на веб-страница формирана и со име на фирмата што е сопственост на професор на државен универзитет во Пловдив – вели Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, Македонија има исклучително способни луѓе во ИТ-секторот, како и цела комора МАСИТ, која ги обединува сите софтверски компании.
– Да не се исконсултираме со нив во вакво суптилно време кога Бугарија е единствената држава што директно ни се меша во пописот, да одбереме бугарска фирма е мошне проблематично – смета Димовски.
Од своја страна, директорот на ДЗС, Апостол Симовски, тврди дека компанијата што го изработила софтверот е од Скопје, уредно победила на тендерот, а сите податоци на граѓаните се безбедни.
– Софтверот го изработи конзорциум, фирмата е скопска, има мајка фирма во Софија, но на него работеа луѓе од Скопје. Сите безбедносни кодови се кај нас во земјава и невозможно е некој да ги злоупотреби податоците. Дополнително, податоците не се чуваат во софтверот, се чуваат на сосем друго место, тие бази се наши и немаат допирни точки со компаниите што работеа на апликацијата – тврди директорот на ДЗС, Апостол Симовски.
Според него, преземени се сите мерки за безбедност, а вклучена е и Агенцијата за заштита на личните податоци.