БИТОЛА
Наместо да биде готов за шест месеци, и по осум години акцелераторот во Битола не е готов. Пациентите, болни од карцином во Битола, се очајни. Кога пред осум години, на 19 март 2013 година, во дворот на Клиничката болница, непосредно до Службата за онкологија, беше поставен камен-темелникот за изградба на акцелератор, кај нив се јави оптимизам дека со изградбата на акцелераторот конечно ќе им се стави крај на нивните маки да не одат повеќе на зрачење во Скопје. На чинот на поставувањето камен-темелник за изградба на акцелераторот се израдуваа и пациентите болни од малигни заболувања од Југозападниот Регион, бидејќи по неговата изградба на терапија требаше да доаѓаат во Клиничката болница во Битола. Но, за жал, иако оттогаш поминаа ни помалку, ни повеќе туку речиси цели осум години од (про)функционирањето на акцелераторот во Клиничката болница во Битола сѐ уште нема ништо.
Во овој период се сменија неколку министри и директори на Клиничката болница, но, за жал, никој не го стави во функција акцелераторот. Тоа што особено ги револтира болните од карцином во Битола е што никој засега не може да им каже кога тој конечно ќе биде готов и ќе проработи.
За болните од рак фрустрирачко е сознанието дека акцелераторот не успеаја да го стават во функција ни претходната, ни актуелната власт, која по преземањето на власта тврдеше дека тој ќе биде готов само за неколку месеци.
Инаку, изградбата на бункерот и ставањето во функција на акцелераторот во Клиничката болница – Битола почнаа по иницијатива на поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, на 19 март 2013 година, непосредно пред локалните избори, кога Талевски и поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, го поставија камен-темелникот за изградба на акцелераторот во Клиничката болница во Битола. Тогаш на свеченоста помпезно беше соопштено дека акцелераторот, кој требаше да им помогне на болните од карцином во зрачењето не само од Битола туку и од Југозападниот Регион, ќе биде готов за само шест месеци.
– Со изградбата на овој објект, чија вредност е 45 милиони денари и со набавката на линеарниот акцелератор од реномиран шведски производител во вредност од 1,6 милион евра, Битола ќе стане втор онколошки центар во Македонија, по Скопје. Во овој регион со околу 200.000 жители, годишно околу 1.600 пациенти имаат потреба од зрачна терапија, која досега ја добиваа на Клиниката за онкологија во Скопје. Но со изградбата на бункерот и поставувањето на акцелераторот, процес што во согласност со договорот треба да заврши во рок од шест месеци, граѓаните од регионот, од Прилеп, Ресен, Крушево и од други градови, ќе може да ја добијат зрачната терапија во Битола – изјави на 19 март 2013 година Никола Тодоров, поранешен министер за здравство.
Голем оптимист за изградба на акцелераторот тогаш беше и поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески.
– Ги направивме сите потребни предуслови за да почне реализацијата на овој проект, за што Министерството за здравство ни даде безрезервна поддршка – истакна поранешниот градоначалник Владимир Талески, означувајќи го почетокот на работите во 2013 година.
Времето покажа дека ветувањата, ниту на Тодоров, ниту на Талески, не се исполнија и дека почетокот на неговата изградба бил само маркетиншки предизборен трик за да се добие глас повеќе од битолското гласачко тело за локалните избори. Тоа што особено ги загрижува болните од ова тешко заболување, не само од Битола туку и од регионот, е што сега, по осум години од означувањето на почетокот на работите за изградба на акцелераторот, никој не знае кога точно ќе проработи тој.
Податоците на здружението „Јасмин“ покажуваат дека во Битола неофицијално има над 3.000 заболени од рак. Тоа што особено загрижува е што бројот на заболени од рак постојано се зголемува. Ако порано во Битола секој ден имаше по најмалку еден новозаболен од карцином во просек, сега таа бројка изнесува по двајца новозаболени од рак на ден, од кои најголемиот број се млади луѓе. Во ваква ситуација, покрај со болеста, болните од рак мораат да се борат и со огромните трошоци што ги плаќаат при одењето на терапија во Скопје. Нивните надежи дека со ставањето во употреба на акцелераторот не ќе мора да патуваат во Скопје засега се изјаловија. Сега ним не им преостанува ништо друго туку и натаму на зрачење да патуваат во Скопје.
Но по појавата на пандемијата, тие велат дека се спречени и во тоа и дека сега ним единствена „терапија“ им се верата во бога и надежта дека сепак еден ден акцелераторот во Клиничката болница во Битола конечно ќе биде завршен и пуштен во функција.