Фалсификувањето пари не е некој новитет, меѓутоа ковид-годината придонесе за зголемување на таквите активности, бидејќи во услови на целосно затворање на светот за време на карантините, криминалците не можеа со истата динамика како претходно да ги вршат другите нелегални активности
Корона-кризата несомнено доведе до голем број инвентивни криминални активности на оние што работат заобиколувајќи го законот. Откако почна пандемијата на ковид-19, се чини дека криминалците најдоа голем број начини да остварат брза и лесна заработка, во која добивка ќе имаат само тие.
Фалсификувањето пари не е некој новитет, меѓутоа ковид-годината придонесе за зголемување на таквите активности, бидејќи во услови на целосно затворање на светот за време на карантините, криминалците не можеа како претходно да ги работат другите нелегални бизниси.
Ваквиот начин не ја заобиколи ниту Македонија, а во подем е и воопшто светот. Секоја држава се соочува со овој проблем, а полициските организации и на државите и оние како Европол и Интерпол мака мачат за да се справат со овој црн бизнис.
ФАЛСИФИКУВАНИТЕ ПАРИ (НЕ) СЕ ПРЕПОЗНАВААТ
Европската централна банка изминатиот период информира дека во текот на 2020 година, вкупно 460 илјади фалсификувани евра се повлечени од оптек низ цела Европа и светот.
Според оваа институција, најмногу лажни евра биле откриени во земјите од еврозоната и остатокот од ЕУ, а само 2,7 проценти во другите делови на светот.
– Дури 94,5 проценти од фалсификуваните банкноти се пронајдени во земјите од еврозоната, 2,8 проценти се пронајдени во земјите-членки на ЕУ надвор од еврозоната, додека 2,7 проценти се откриени во други делови на светот – соопшти Европската централна банка.
Според анализите, запленетата сума во 2020 година е за 17,7 проценти пониска од онаа претходната година и е досега историски најмалото количество фалсификати регистрирани во однос на бројот на банкнотите што се во оптек.
– Околу две третини од сите фалсификувани банкноти се во апоени од 20 и 50 евра – информираат оттаму.
Во меѓувреме, во регионот и во земјава локалните полициски служби бележат голем број операции поврзани со сузбивањето на оваа форма на криминал. Во соседството месецов српската полиција успеа да разбие криминална организирана група што фалсификувала банкноти од динари и евра.
Во Србија, според податоците од тамошната Народна банка, велат дека расте бројот на фалсификувани банкноти, а за 16 проценти повеќе од лани е зголемен процентот на фалсификувани странски банкноти. Истиот извор информира дека најмногу се фалсификуваат американските долари во апоени од 100 долари и евра во апоени во износ од 50 и 100 евра.
И ВО ЗЕМЈАВА СЕ ТЕРА „БИЗНИС“ СО ФАЛСИФИКУВАНИ ПАРИ
Од македонска перспектива на случувањата изминатиот период, полицијата истражуваше постоење на работилница за фалсификување пари во тетовскиот регион.
Истрагата почна откога во кумановско казино минатиот месец државните органи успеале да регистрираат големи количества фалсификувани банкноти во апоени по 100 и 50 евра, за кои кривични пријави се поднесени против двајца кумановци, А.Р. (44) и Н.С. (32).
Претходно, Единицата за економски и компјутерски криминал на МВР поднесе кривична пријава против М.Ф. (24) од Кратово, поради постоење сомнение за сторено кривично дело „фалсификување пари“, казниво по членот 268 од Кривичниот законик.
Според информациите на МВР, пријавената набавила две фалсификувани банкноти во апоени од 500 евра и во казино во Скопје ги пуштила во оптек, односно ги разменила за денари и на тој начин го сторила кривичното дело, стекнувајќи се со противправна имотна корист.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски истакна дека фалсификувањето пари, вклучувајќи и евра, ќе биде една од клучните области во поглавјето 24 на кои ќе се цели со скрининг-процесот.
Тој информира дека во оваа насока веќе е воспоставена централна канцеларија за истраги во областа на фалсификувањето пари.
Полициски соговорници брифираат дека измамниците во земјата и регионот често фалсификуваат банкноти од 20 евра, но особено им се омилени оние од 50 евра, а тоа е речиси 90 проценти од сите фалсификати запленети во Македонија.
Тие велат дека дури и холограмот на предната страна на банкнотите на еврата веќе не е заштита од фалсификување. „Речиси секоја петта фалсификувана банкнота од 50 евра“ има холограм-имитација „добиена преку интернет“.
– Со неколку клика, во основа, секој преку темните канали на интернетот, на кинеските трговски платформи може да обезбеди вакви безбедносни обележја. Така евтините копии може да се „облагородат“ со помош на холограм-налепници – велат инспекторите.
Тие резимираат дека кога „готовината“ ќе се замени со дигиталната валута постепено во оптек ќе се решат многу проблеми, затоа што е подобро заштитена од фалсификување.