Романот „Одбројување“ на Фросина Пармаковска деновиве го доби својот српски превод, кој го објави реномираната издавачка куќа „Градац“ од Србија. Романот го преведе Милена Илиќ, а неговото издавање е финансиски поддржано од европската мрежа за литература и превод „Традуки“. Ова е прв превод за Пармаковска на српски јазик.
– „Градац“ е издавачка куќа со неколкудецениско постоење, а романот „Одбројување“ влегува во едицијата „Лаѓа“, во која се застапени делата на познати автори, како Светислав Басара, Мухарем Баздуљ, Влада Урошевиќ и други. Патувањето на романот до српскиот превод беше приказна сама по себе: првично, идејата настана откако еден монах му ја даде книгата на друг монах што живее во Србија и кој само што ја прочита имаше голема желба таа да стане достапна за српската читателска публика.
Преку неговите контакти со српските писатели, односно издавачи, објавата на романот почна да станува возможна, особено откако коцките се споија со појавувањето на преведувачката од македонски на српски јазик Милена Илиќ, но и со одлуката на „Традуки“ да помогне за изданието. Лично јас, многу сум среќна поради ова од повеќе причини, пред сѐ затоа што ова е прв превод на српски јазик на „Одбројување“, но и прв превод на српски јазик, воопшто, за мене – посочи писателката Фросина Пармаковска.
„Одбројување“ е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2017 година на фондацијата „Славко Јаневски“. Фросина Пармаковска (1985), која е родена во Скопје, дипломирала на Филолошки факултет, на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Магистрирала на Институтот за македонска книжевност, на тема „Варијации на магичниот реализам во светскиот и македонскиот роман“. Објавувала раскази во книжевни списанија. „Пишувајќи ги изгубените топки“ е насловот на нејзиниот прв роман, објавен во 2013 година, вториот, „Вишнова хроника“ влезе во финале за наградата „Роман на годината“ и е преведен на бугарски и украински јазик. Пармаковска е членка на Друштвото на писателите на Македонија.