Американската армија одблиску ги следи заканите во опкружувањето со особен акцент на другите ривалски нации во нивниот технолошки развој каде што новиот вид тенк „М1 абрамс“ ќе може да пробие непријателски вооружени формации и да извршува високосмртоносни роботски операции, вели Крис Озборн од „Нешенел интерест“
Управувањето со автономни оружја во фокусот на големите сили
Новиот автономен тенк на американската војска е проект во зародиш, кој има цел да ја внесе армијата во новата генерација на оружја за комбинирано војување. Најверојатно ќе биде опремен со ласери, контролни дронови, ќе се движи со голема брзина и ќе може да уништува непријателски хеликоптери. Ваквиот нов вид тенк „М1 абрамс“ ќе може да пробие непријателски вооружени формации и да извршува високосмртоносни роботски операции додека се соочува со непријателски оган.
Армијата веќе почна да работи на новиот тенк за да го вклучи во борбите покрај стандардниот тенк „абрамс“ и постепено да го замени, како дел од интегрираните напори да ја подготви војската за војување во наредните 20 и повеќе години.
– Во 2023 година ќе ги претставиме опциите пред високите армиски лидери за во која насока да се движиме. Тие ќе одлучат која насока да ја следиме за следната одлучувачка смртоносна платформа, односно автономниот тенк. Потоа ќе треба да се одлучи за прототипите, но не значи дека првото возило ќе биде готово во 2024 или 2025 година, бидејќи сега сè уште ги прибираме информациите – порача бригадниот генерал Рос Кофман, назначен на чело на тимот што работи на развивање на новата генерација борбени мултифункционални возила.
Што се однесува до видовите платформи, технологии и капацитети кои сега се анализираат од страна на армиските експерти, фокусот главно е на капацитетите и какви посебни атрибути, параметри и технички карактеристики може да бидат потребни за да се постигне „воена моќ“ во наредните децении. Кофман објасни дека во тек се технички истражувања во Центарот за системи за теренски возила на армијата (ГВСЦ) и во научниот одбор на армијата.
– Собираме информации во форма на студии, развивање на технологии и длабоки истражувања што ќе биде потребно за одлучни платформи во иднина. Ние сме во фаза на истражување и не сакаме ништо да отфрлиме кога станува збор за најдоброто за нашите војници во иднина. Ги анализираме карактеристиките, а не барањата, и разгледуваме многубројни решенија за познатите проблеми – истакна Кофман.
Една идеја која наиде на добар прием е планот да се направи возило со роботски карактеристики и еден вид автономија што може да биде потребна за одредени мисии. На пример, Кофман објасни дека дел од причините за изработка на вакво возило се потпираат на широките сознанија дека на армијата ќе ѝ биде потребно за борба во случај кога таа би била помалобројна, како и желбата да се постигне борбена супериорност со помал број возила. Токму затоа автономниот капацитет најверојатно ќе се истакне, бидејќи може да има сценарија за закана каде што армиски тимови ќе треба да стојат на безбедна далечина на теренот додека донесуваат одлуки. Армијата исто така остварува брз напредок во градење на автономни тимови, односно роботски системи што ќе можат послободно да дејствуваат додека истовремено нив ги контролираат високи воени припадници кои ги носат одлуките на бојното поле. Напредните роботски возила можат директно да ги напаѓаат механизираните формации на непријателски возила во непосредна близина, да стрелаат со оружје, да изведуваат надзорни мисии од висок ризик и да испорачаат муниција онаму каде што е потребна.
Голем дел од тековните експерименти и технолошки анализи се одвиваат во виртуелната средина, како што објаснуваат развивачите на оружја. Стив Пинтер, програмски менаџер за експериментирање во војувањето во ГВСЦ, посочи дека „новите експерименти ќе дадат нов увид во развојот на новата генерација на автономни тенкови врз основа на усовршени цели за учење и научени лекции од претходните експерименти. Експерименти исто така ќе се извршат против симулирани противници во оперативно опкружување за подобро да се разберат и развијат потребите за вакви возила во иднина“.
Кофман вели дека командантите ќе бидат тие што ќе одлучат каков вид возило ќе вклучат во борбите. Како дел од процесот за развој на автономни тенкови, американската армија одблиску ги следи заканите во опкружувањето со особен акцент на другите ривалски нации. Кофман истакна дека „на кинеските и на руските капацитети се гледа како на тековна закана“.