Многу ѝ се израдував на наградата на натпреварот „Икс денс“ каде што добив стипендија за Летна школа во Хелсинки, Финска, и имав можност да работам со еминентни професори од Русија и од Финска и со ученици од целиот свет, вели Трајковски
Веселин Трајковски, млад балетски уметник
Прилепчанецот Веселин Трајковски e ученик во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, каде што учи во трета година во Средното балетско училиште и се надева дека еден ден ќе му се оствари сонот да заигра на европските балетски сцени. Максимално е посветен на учењето во класата на професорката Маја Митровска Богојевска. Вели дека балетот за него претставува свет во кој се пронаоѓа и каде што може да ги изрази своите емоции.
– Балетот го гледам како моја идна професија, во која ќе се надградувам. Во овие мигови на глобална пандемија малку е тешко да се мотивираш, oсобено кога не си таму каде што треба да бидеш, во балетска сала – вели Веселин.
Тој неодамна во родниот Прилеп сними видеоклип, насловен „Верувај во себе“.
Започнал да танцува на пет години.
– Љубовта кон танцот започна со латинотанците, а моите родители беа иницијатори да се запишам во балетското училиште. Сѐ започна како во сон, а кога дојдов во Скопје мојот живот сосема се промени. На почетокот ми беше многу тешко бидејќи бев сам во голем град и морав да се одречам од некои задоволства, ама брзо се навикнав на новиот начин на живот. Сега го учам и го работам тоа што го сакам – вели Веселин.
Според него, секоја професија бара многу работа и вложување труд, а почетокот е најтежок. Така е и со балетот.
– Во училиштето изучуваме различни видови танци и техники. Освен класичниот балет, изучуваме карактерни игри, историски танци, модерен и џез-балет, пијано и глума. За да се совладаат тешките и сложени технички елементи и движења, потребна ни се многу сила, концентрација и подготвеност на телото и умот. Додека танцувам на сцената се трудам да ја пренесам емоцијата со намера публиката да ужива и да го добие впечатокот за приказната – истакнува младиот балетан.
Во неговиот клас има шест момчиња, што е доказ оти оваа уметност не е претежно „женска“. Истакнува дека најважно што треба еден балетан да знае и да не заборави се луѓето што те поддржуваат на патот кон успехот.
– Секое мислење на моето семејство и на мојата професорка, кои постојано ме поддржуваат многу ми значат, но најважна од сѐ е самодовербата.
Пред почетокот на пандемијата имав можност да учествувам во некои од претставите на репертоарот на МОБ. Верувајте, голема е честа и задоволството да се биде на сцената со професионалци. Имам танцувано во многу балетски и оперски претстави: оперите „Скендербег“ и „Аида“, балетските претстави „Лебедово езеро“, „Дон Кихот“, „Петар Пан“ и посебно би го издвоил учеството во претставата „Оревокршачка“, како и учеството на годишните концерти на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Многу ѝ се израдував на наградата од натпреварот „Икс денс“ каде што добив стипендија за Летна школа во Хелсинки, Финска, и имав можност да работам со еминентни професори од Русија и од Финска и со ученици од целиот свет. Ова искуство никогаш нема да го заборавам – истакнува Трајковски.