„Александридата“ е роман за македонскиот крал Александар Велики, напишан од Псевдо-Калистен кој го раскажува животот на владетелот. Романот е општопознат и ужива големи симпатии кај македонските преродбеници поради тоа што во него се говори за Македонија и за Македонците.
Во 19 век „Александридата“ има особено значење во развојот на македонската преродбеничка мисла бидејќи македонските преродбеници не правеле разлика помеѓу денешните Македонци и античките Македонци, односно себеси се гледале како потомци и наследници на античките Македонци и на Александар Велики.
Историските документи и извори докажуваат дека поставката за континуитет на Македонците од античко време е стара најмалку 200 години и не станува збор за современа појава.
Во средината на 19 век, најголем приврзаник на тврдењето за континуитетот на Македонците низ вековите е преродбеникот Јордан Хаџи Константинов – Џинот.
Бугарскиот научник и географ Васил К‘нчов, вели дека Џинот во текот на учителствувањето во македонските градови тврдел пред македонското население оти денешните Македонци се потомци на античките Македонци.
Најраниот пример за оваа појава се датира во 1810 година, кога Павел Хаџи Киријаков врз основа на романска верзија ја преведува „Александридата“ на јазик кој авторот го именува како македонско-бугарски. Досегашните истражувања покажуваат дека Киријаков е првиот мислител кој ја застапува тезата за континуитетот на Македонците од античко време. За ставовите и искажувањата на Киријаков, Љубомир Милетиќ вели дека Павел Хаџи Киријаков ги поистоветувал денешните Македонци со Македонците на Александар Велики, а античките Македонци со Словените.
Според Милетиќ, затоа Киријаков својот јазик го именува како македонско-бугарски јазик. Со други зборови изразите Бугари и Словени имале исто значење за Павел Хаџи Киријаков. Во „Александридата“ на Киријаков се сретнува и изразот „Булгарин“ за кој Милетиќ вели дека е од романско влијание, а денешните бугарски историчари дека е од српско влијание, додека всушност станува збор за македонско искажување на бугарскиот израз „Българи“.
Ова поставка продолжува низ целиот 19-ти век. Во 1845 година, јеромонахот Атанас Македонец го објавува книжевното дело именувано како „Пресказание на Голем Александр“, посветено на Александар Велики и напишано на македонски народен говор со грчка азбука. Станува збор за дело со јасна македонска свест и национална тенденција.
„Александридата“ и континуитетот на Македонците соодветно место наоѓаат во Славјанско-маќедонската општа историја“ на Ѓорѓија Пулевски во која се вели: „а Македонци оту се староместни полострофски жители и гостопријемци и болгарски и српски и горцки и од други народности, а суседи елински, затоа во оваја книга кажуваме Славјанско-маќедонска историја и за од сви живуштих пришелци полострофски – да си знојат кој когашен.“