Последното рангирање на „Еуроактив“, Бугарија, членката на ЕУ, ја смести на срамното 111-то место, што е пораз не само на политиките и односот на Бугарија кон медиумите во сопствената земја туку и лоша порака за целата Европска Унија, тврдат аналитичарите
АНАЛИЗА: НАШИОТ ИСТОЧЕН СОСЕД НА ДНОТО НА СИТЕ МЕЃУНАРОДНИ РАНГИРАЊА ВО ОДНОС НА СЛОБОДАТА НА МЕДИУМИТЕ
Едно од редовните обвинувања на Бугарија за Македонија пред ЕУ е наводната омраза во македонското општество спрема сѐ што е бугарско. Односно дека во македонските медиуми наводно е присутен говор на омраза спрема Бугарија, а на Бугарите во Македонија им е загрозена слободата на изразување и искажување на својата националност. Интересна како контрапункт на ваквите бугарски забелешки за медиумските состојби во Македонија е една неодамнешна анализа на европскиот медиум „Еуроактив“, а се однесува на слободата на говорот во Бугарија.
– Бугарија се соочува со многу загрижувачки развој на настаните, со новинари што се жалат на широко политичко мешање во медиумите. Таму сме сведоци на зафаќање и концентрација на медиумите, сега во рацете на неколку корумпирани политичари. Покрај тоа, Бугарија со години останува на дното на сите меѓународни рангирања кога станува збор за слободата на медиумите. Со сегашното 111-то место на Светскиот индекс на слободен печат, Бугарија денес се чини поблиску до Конго и до Авганистан од која било друга земја-членка на ЕУ – пишува „Еуроактив“ во својата анализа за слободата на говорот кај земјите-членки на ЕУ.
Ваквите анализи само покажуваат дека Бугарија е на самото дно во Европа по слободата на говорот и медиумските слободи и дека со своето однесување Бугарија како да е заглавена во времето некои поранешни режими, а не дека е земја-членка на ЕУ.
Исто така обидот за актуализирање на аргументите од своето вето за Македонија, со теми што се во мигот приоритет за надворешните односи на ЕУ, Бугарија го прави со „извежбаност“ во конструкција на аргументите. Притоа, бугарската дипломатија воопшто не се стеснува да ја наметнува својата перцепција или провокација како аргументирана оцена, без релевантни податоци, ставајќи ја Македонија во позиција да се „оправдува“ пред ЕУ.
Од последните изјави на бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, се чини дека и на бугарските политичари им станува јасно дека наметнувањето на историјата како аргумент за ветото спрема Македонија е неразбирливо, неатрактивно и анахроно за ЕУ, иако самата Унија мора да го почитува принципот на консензус во одлучувањето. Како резултат на таквото „просветлување“, делот од бугарската политичка сцена опседнат со македонското прашање како да почна да ја менува стратегијата на пласирање „лажни вести од минатото“, актуализирајќи ги со „лажни вести од сегашноста“, обидувајќи се да создаде претстава за Македонија пред ЕУ како „несоодветна“ земја-кандидат. Во последните изјави за бугарските медиуми, Екатерина Захариева се осврнува на руското влијание на Западен Балкан, при што оценува дека некои од земјите- кандидати за членство во ЕУ од регионот се многу малку усогласени со заедничката надворешна политика на ЕУ, како резултат на влијанието на Москва врз нив.
– Бугарите, мислам на бугарските политичари, се тешки за разбирање и самите себеси, а не пак на другите. Нашата лоша судбина е што од некој што тешко се разбира и самиот себеси ни зависи нашата европска перспектива. Изјавите на бугарските политичари, откако дојдоа нивните „пет минути“ да одлучуваат за почеток на нашите преговори со ЕУ, се во контекст на една гадна пропаганда спрема Македонија. Сите дејства и изјави, било со историски контекст, или поврзани со сегашноста, се насочени, но и произлегуваат од таа „специјална војна“ против Македонија што ја применуваат и во нивната надворешна политика, но си ја користат и за внатрешнополитичка употреба. Дел од таа бугарска специјална војна е и провокацијата за Македонија и Македонците, од чии реакции потоа си вадат нови аргументи за клевета пред ЕУ – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.
Забелешката на „Еуроактив“ за „широкото политичко мешање во медиумите во Бугарија“ никако не оди во прилог на кредибилитетот на оцените на бугарската министерка Захариева, за практикување на европските вредности кај земјите-кандидатки, со особен акцент на Македонија.
– Навистина е веќе беспредметно да се коментираат изјавите на оваа жена. Нејзините нецелосни, полувистинити, еднонасочни и селективни третирања на фактите не му прилегаат на дипломат на толку висока државна позиција, а уште помалку на министерка на држава-членка на ЕУ.
Прво за Комисијата, точно е дека се бара таа да продолжи со работа, но и точно е (што Захариева го премолчува) дека тие барања се обременети со поприлична доза класична уцена за тоа како македонските историчари да си ја толкуваат историјата на сопствениот народ и држава.
Второ, мошне е срамно тврдењето дека македонската надворешна политика во однос на Москва не кореспондира со онаа на Европската Унија. За оваа тема подобро ќе е министерката да си ги изанализира сопствените и бугарските политики, кои со кислород се снабдуваат преку сѐ уште нераскината папочна врска со Москва. Нека ги чита колумните на врвните бугарски интелектуалци и новинари, па белки од нив ќе разбере нешто и за тоа.
И конечно би било пожелно Захариева понекогаш да го спушти својот поглед и во својот двор и да види каква е актуелната состојба во Бугарија со степенот на демократијата, а слободата на медиумите е реперот за тоа. Мноштво тамошни новинари реагираат на „широко политичко мешање во медиумите“, а нејзината држава и натаму се прпелка на дното на сите релевантни меѓународни рангирања на темата „слобода на медиуми“. Последното на „Еуроактив“, Бугарија, членката на ЕУ, ја смести на срамното 111-то место, таму некаде помеѓу Конго и Авганистан. Тоа се фактите од кои, ако има барем малку образ, министерката Захариева би требало да се срами зашто ги срами и сопствените граѓани, а ја срами и целата Европска Унија – вели новинарот и аналитичар Зоран Иванов.