Зоран работи во Скопје и неговата практика е насочена кон долгорочни документарни истражувања, кои ја проучуваат човековата состојба во одреден социополитички контекст, допирајќи ги и темите на идентитетот
Изложба на фотографии со наслов „Фолдед“ на фотографот Зоран Шекеров е отворена во „Прajват принт студио“ во Скопје и претставува надоврзување на неговиот истоимен истражувачки документарен проект претставен во фотокнига, чиј издавач е „Прaјват принт“.
На изложбата, покрај мал дел фотографии од книгата, се претставени и фотографии што не се дел од неа, со намера, како што посочуваат од студиото, да се претстави работниот метод на Шекеров. Зоран Шекеров (1992) на овој проект работел околу две години кога одблизу фотографирал повеќе пеливански натпревари. Воспоставил и блиска комуникација со неколкумина од борачите, а изградената доверба ја вградил директно во фотографиите.
– Токму тој негов сензибилитет при пристапувањето на темата со која работи го одликува и го издвојува како фотограф. Зоран работи во Скопје и неговата практика е насочена кон долгорочни документарни истражувања, кои ја проучуваат човековата состојба во одреден социополитички контекст, допирајќи ги и темите на идентитетот. Тој ги преиспитува термините како патриотизам и носталгија, имајќи ја на ум врската помеѓу живата историја и сентименталноста – велат од „Прajват принт студио“.
Книгата „Фолдед“ ја истражува и ја претставува пеливанската боречка традиција од автентичен и современ агол. Таа содржи фотографии направени во периодот од 2019 до 2020 година, за време на неколку пеливански натпревари.
– Зоран успева да направи детална студија за портрет на пеливанот и да ги посочи порозните аспекти на традицијата. Резултатот што се добива се фотографии каде што пеливаните личат на пронајдени антички скулптури. Овој поглед го оттурнува летаргичното сфаќање на традиционалното, како нешто непроменливо, и ја прифаќа традицијата како концепт што единствено може да опстои доколку се пресретне со современите сфаќања – вели уредникот на книгата Илија Прокопиев.
Зоран Шекеров, пак, посочува дека импресиониран од традицијата си дозволил што е можно повеќе да се доближи до пеливанот.
– Мојата одлука со фотоапаратот да скокнам од публиката кон пеливаните на ливадата, ја создаде оваа книга во која се содржат трите главни стадиуми на борбата: подготовките, борбениот ритуал и чистењето на телото, претставени низ фотографии со блиски и асиметрични композиции и бер-балб флаш – вели Шекеров.
Тој укажува и дека на фотографиите е доловен моментот кога пеливанската борба се превиткува во скулптурни форми што ги создаваат борачите.