Сегмент што е многу суштински, тоа се луѓето што треба да ги „обликуваат“ нашите идни ракометари. Многу често последните петнаесетина години слушаме дека ракометна Македонија нема стручен кадар. Можам да се согласам со таа констатација, НО мора да се запрашаме што направивме ние за нашите тренери (и тие што сакаат да бидат тоа) изминатите 15 години. Дали имаат можност за едукација? Дали имаат услови за едукација? Дали се заштитени нивните договори како тренери (ако воопшто имаат договори)? Која е нивната перспектива како работници во системот, без пензиско и здравствено осигурување? Дали има прописи и закони за минимална плата? И најважно, дали вреди да се вложат во работата како тренери и колку би биле вреднувани?

АНАЛИЗА: ЗА МАКЕДОНЦКИОТ РАКОМЕТ 2.0 – Дел 2

Рецептот за производство на квалитетен производ во спортот е, верувам, многу добро познат. Квантитет на деца што трчаат по ракометната топка, стручен кадар што ќе работи со нив во соодветна инфраструктура, селекција и менторирање. Не треба да одиме подалеку, Хрватска и Словенија (па и Србија во однос на создавање млади играчи што многу брзо заминуваат од својата земја) се примери на земји со ограничен капацитет на население, блиски до нас и географски и по менталитет. Што е тогаш проблемот?

КВАЛИТЕТНА ИНФРАСТРУКТУРА

Недоволен број спортски објекти, квалитетни спортски објекти што имаат минимум услови за тренинг, што подразбира соодветни димензии (верувале или не добар дел млади играчи тренираат во сали со неадекватни димензии), греење, реквизити, топки итн. Во Македонија, салите што имаат греење во кои може да се играат натпревари според системот на РФМ се бројат на прсти. За што зборуваме ние тука, со кого треба да се „мериме“ и кого треба да победиме. Ако ракометот е спорт број еден во државата, Агенцијата за млади и спорт (читај државата) МОРА да направи план и да ги реновира, надгради и догради веќе постојните сали што имаат димензии 40 на 20 метри, потребни за нормално функционирање и, уште поважно, да лоцира општини или населени места каде што недостигаат спортски објекти и да изгради во најкраток можен рок. Само како пример: Општина Аеродром нема ниту една сала (не сметајќи го СЦ „Јане Сандански“, објект во приватна сопственост со екстремно високи кирии) на своја територија, а има 120.000 жители или „ракометната“ Струга, која нема сала со приближно нормални услови.

СТРУЧЕН КАДАР

Сегмент што е многу суштински, тоа се луѓето што треба да ги „обликуваат“ нашите идни ракометари. Многу често последните петнаесетина години слушаме дека ракометна Македонија нема стручен кадар. Можам да се согласам со таа констатација, НО мора да се запрашаме што направивме ние за нашите тренери (и тие што сакаат да бидат тоа) во изминатите 15 години. Дали имаат можност за едукација? Дали имаат услови за едукација? Дали се заштитени нивните договори како тренери (ако воопшто имаат договори)? Која е нивната перспектива како работници во системот, без пензиско и здравствено осигурување? Дали има прописи и закони за минимална плата? И најважно, дали вреди да се вложат во работата како тренери и колку би биле вреднувани?
За жал, одговорите на горепоставените прашања ги знае секој што е малку поупатен во нашиот спорт (не важи само за ракомет). Не можеме да очекуваме од струка што не е вреднувана, заштитена, сигурна и стабилна да вложува во себе, да се едуцира и да испорача квалитет. Зборуваме генерално, секоја чест за исклучоците.
Друг проблем што го има македонската тренерска фела се нивните многу често нереални амбиции да одат во врвни македонски клубови, наместо да се специјализираат за работа во „базата“. Но за да ја направиме привлечна работата во „базата“, клубовите мора повеќе да ги вреднуваат тие позиции, па ако сакате и да одиме подалеку, токму тие тренери што работат со млади категории да добијат предзнак „професионални“ и да бидат вработени во клубот со полно работно време и пријавени во пензиско и здравствено. Па, впрочем, трансформацијата на клубовите во АД е во таа насока, а ваучерот (подоцна и за него нешто повеќе) треба да овозможи оваа практика да биде можна. На тој начин тренерскиот занает ќе биде вреден за вложување и привлечен за многу поранешни ракометари или спортисти воопшто да бидат фокусирани на својата надградба и имплементација на сѐ што научиле во работа со младите категории. Исто така, на тој начин и конкуренцијата во сегментот тренери на млади категории ќе биде многу поголема, а конкурентноста води кон квалитет, квалитет што ќе го „почувствуваат“ нашите деца што првпат влегуваат во сала. Со квалитетна струка ќе го избегнеме моментот на „технички необразовани ракометари“, хроничен проблем на нашиот ракомет. Без техничка подготвеност нема брз и модерен ракомет кон кој треба да се стремиме и кој и на СП во Египет ги постави скандинавските земји на пиедесталот.

СИСТЕМ НА НАТПРЕВАРУВАЊЕ ОД НАЈМАЛА ВОЗРАСТ И СЕЛЕКЦИЈА НА МЛАДИ ИГРАЧИ ПРЕКУ НЕГО

Неодамна до сите македонски клубови пристигна допис за предлог-списоци на момчиња родени 2006/2007 и 2008 и помали за национални селекции. Тоа е за поздравување, тоа го имаат нашите соседи што ги спомнав погоре во текстот, НО дали начинот на формирање селекции треба да се движи во таа насока (прво да се селектираат играчите, па потоа да се назначи селектор) или можеби како цел „нормален“ свет, прво да избереме селектор на соодветната селекција, кој ќе предложи програма, која треба да помине некој филтер, и да направи поширок, па потесен список со ракометари. Веројатно ова второто, но и тоа не е возможно, затоа што Македонија нема организирана лига „под капа“ на РФМ во генерациите на момчиња родени 2006/2007 и 2008 и помали. Каде ќе се селектираат тие деца, на кои натпревари?
Токму затоа, во периодот што следува, Ракометната федерација на Македонија треба да вложи напори да формира лига на натпревари за момчиња родени 2010/2011 (мини-ракомет) и 2008/2009 година (2006/2007 од септември 2021 се во категоријата пионери). Ако има повеќе официјални натпревари за нашите деца, задржување на нивното поле на интерес во ракометот, контрола и следење на напредокот на младите играчи, првенствено сето тоа ќе даде можност за полесно да се селектираат децата во самите клубови, а како краен резултат и за „нормална“ селекција од страна на селекторот на националната селекција за одредена генерација. Во периодот понатаму за децата што се селектирани е важен и моментот на менторирање за кој зборувавме претходно. За да не се „губат“ нашите деца во системот, во период од суперталентирани пионери до просечни или потпросечни сениори.
Таа трансформација од талентиран јуниор до сениорски играч многу често завршува неуспешно во македонскиот ракомет и е еден од најгорчливите проблеми на нашиот спорт воопшто. При процесот на трансформација, особено се истакнува можноста за што поголема минутажа на нашите кадети и младинци во своите категории, но уште поважно за побрзо созревање е минутажата што тие треба да ја добијат во сениорска конкуренција, во пониските лиги на натпреварување. Токму затоа, би требало да не се дозволува настап на странски играч во нашите пониски лиги (за младински лиги воопшто и не треба да се зборува), кои треба да бидат инкубатор за созревање и вистинска проверка на можностите и капацитетите на нашите млади играчи.

СЕЛЕКТИРАЊЕТО Е ВАЖНО, КАКО И МЕНТОРИРАЊЕТО НА МЛАДИТЕ ИГРАЧИ

По диференцирање на младите таленти преку што повеќе натпревари и нивно учество во играта во еден клуб, доаѓа период кога тие треба да го продолжат својот развоен пат во екипа од поквалитетна лига во Македонија или во странство. Тука се наметнува процесот на правилно менторирање на нашите идни млади квалитетни играчи, сегмент што вклучува квалитетен совет од луѓе што ја познаваат проблематиката и луѓе што можат да проценат каде е вистинското место за понатамошен развој на еден млад играч. Многу често во името на нашите млади играчи решаваат недоволно упатени родители, роднини и пријатели или „менаџери“ што од свој личен интерес, во добар дел „испровоцирани“ од финансиските услови што ги нуди клубот во кој треба да се пристапи. Таков беше случајот со Талески, такви случаи има многу и во нашата држава. Ѕвездата водилка за трансфер во друг клуб не секогаш треба да бидат финансиите, туку условите во кои функционира клубот, пред сѐ стручниот кадар, структурата на играчи на клубот, тренажниот процес, инфраструктурата и, секако, политиката на негување МКД-производ. Тоа е многу важна алка и нималку лесна одлука.
Сепак, во реалноста, за спроведување на сите овие сегменти се потребни долгорoчни планови, кои во една добра мера зависат и од финансиската подршка што треба да ја има секој колектив. Последните години сведоци сме дека државата преку општините, но и преку ваучер-системот се обидува да го направи финансирањето на спортските колективи полесно. Но дали се трошат ефективно и во вистинска насока буџетските пари, односно дали се трошат за создавање МКД-производ (што би требало да е така) или за блиц-успеси и самопоромоција?

Авторот е поранешен македонски репрезентативец и ракометен аналитичар

(Утре: Финансиите како фундамент, како државата финансира и каде и како се трошат тие пари)