Во правото постојат две теории што го толкуваат односот помеѓу меѓународното право и внатрешното право. Тоа се монистичката и дуалистичката теорија. Но, за волја на вистината, двете теории имаат заеднички именител, а и практиката го покажува тоа, дека во случај на судир на меѓународното и внатрешното право, меѓународното има примат! Имено, државата не е апсолутно самостојна во пропишувањето на своето внатрешно право, односно дека државата е ограничена со правилата на меѓународното право. Во нашиот случај тоа значи дека ако спорот за името се реши со меѓународен договор, ние, сакале или не, ќе мора да ги промениме внатрешните правни акти, вклучувајќи го и Уставот, токму заради принципот за примат на меѓународното право над внатрешното
По враќањето од средбата во Виена, министерот за надворешни работи Никола Димитров изјави дека македонската страна смета дека прашањето треба да се реши преку меѓународен договор, а не со промена на највисокиот правен акт на државата, односно Уставот. Но со ваквите тврдења не се согласуваат правните експерти по меѓународно право. Тие нагласуваат дека изјавата е можеби политички коректна, но секако не е во рамките на правото. Имено, според нив, актите на меѓународното право, вклучувајќи ги и меѓународните договори, имаат предност над внатрешното право на државите. Имено, ако има меѓународен договор помеѓу две или повеќе договорни страни (пр. држави), тие држави се должни потоа да го синхронизираат своето внатрешно право со дадениот меѓународен договор. Имено, тоа значи дека која било држава не е апсолутно самостојна во донесувањето на своето внатрешно право. Државата не може да има или да донесе правила што би биле спротивни на меѓународното право, односно меѓународните договори, а ако се случи тоа, меѓународното право го задржува приматот. Така, во нашиот случај за името, прашањето на потпишувањето на меѓународниот договор де факто ќе значи следствен чекор, кој ќе биде во правец на промена на Уставот и други закони. Во основа, тоа практично значи дека политичката позиција „има меѓународен договор – нема промена на уставот“ во правната процедура, ако има разлики, ќе значи „има меѓународен договор – ќе следува промена на уставот и на другите внатрешни акти на државата“. Дека постои сомневање дека грчката преговарачка страна сака да нѐ пренесе жедни преку вода потврдуваат и нивните сѐ почести истапи и заложби дека „сега или никогаш“ треба да биде постигната согласност и да биде потпишан меѓународен договор. Во контекст на таквите изјави е дека „ќе се постигне решение во интерес на двете земји“, па дури се споменува дека можеби „ќе се избегне промена на Уставот“ (на Македонија).
За промена на Уставот, грчката страна сѐ уште инсистира, но постојат индикации дека за тоа би можела да попушти. Но тоа го прави единствено заради фактот дека со потпишувањето на меѓународниот договор повлекува и интервенции во нашето внатрешно право. Со тоа тие многу лукаво доаѓаат до нивната посакувана позиција, па дури и тоа дека промената ќе стане „ерга омнес“ (за севкупна употреба). Мислењето на правни експерти во врска со ова е дека со потпишувањето меѓународен договор, дури и без ратификација, тој договор се признава и автоматски станува дел од меѓународното право, бидејќи во основа во договорот е јасно изразена волјата на државите-потписнички. Тоа, всушност, претставува стапица од грчката преговарачка страна. Значаен елемент што го истакнуваат експертите и кој треба да се има предвид во целиов правен галиматијас, наметнуван од грчката преговарачка страна е, всушност, постојниот принцип на автолимитација (самоограничување) на волјата на државата. Имено, меѓународното право вели дека со усвојувањето на една меѓународна норма, државата ја ограничува својата волја во рамките на таа норма. Во нашиов случај тоа значи дека Македонија, со евентуално потпишан меѓународен договор за името, дефинитивно ја изразува политичката волја на нашата држава по тоа прашање. Со таквиот меѓународен договор, каде што е изразена волјата на двете држави, во понатамошната процедура на меѓународното право, тоа „ја префрла топката на самите држави“. Имено, тоа прашање идентично (во согласност со претходно изразената волја), да си го решат дома, односно државите-потписнички на меѓународниот акт да го верификуваат во своето внатрешно право.
Процедурално, тоа значи дека за меѓународниот договор да стапи во сила внатре во државите, редоследот на дејствата налага и негово усвојување во националните парламенти (т.н. ратификување) и, со тоа, тој меѓународен договор конечно да биде вграден како дел од внатрешните прописи. И тука има еден момент што го нагласуваат експертите и за кој во практиката наведуваат низа примери. Имено, практикувајќи го меѓународното право, експертите нагласуваат дека иако предвидената процедура определува т.н. ратификација, и без неа, потпишаниот меѓународен договор станува полноважен и со тоа станува дел од меѓународното право! Што значи, повторно ќе се доведеме во ситуација содржината на меѓународниот договор да биде содржина и на наши внатрешни правни акти. Дополнително за издвојување е фактот, според гореспоменатата теорија на автолимитација (самоограничување на државите), дека откако ќе бидат усвоени дадените конкретни правила и норми на меѓународниот договор, државата не може да се врати во претходната состојба во која се наоѓала пред усвојувањето на овие правила. Под претпоставка дека со некој иден меѓународен договор ќе се постигне согласност за некое друго име на државата, (јазик, акроними и слично), тогаш ваквиот договор за промена на името би имал импликација на Уставот, а би имал правно дејство врз целокупното домашно законодавство. Иако на прв поглед менувањето на Уставот и ерга омнес се чини завршено или затворено прашање и за нас не доаѓа предвид, со ваквиот евентуално постигнат меѓународен договор не само што ќе мора да се променат туку целосно ќе се обезличат и државата и Уставот и правниот поредок. Името, јазикот и идентитетот веќе нема да можеме да ги одбраниме по ниедна основа, бидејќи сме потпишале, т.е. сами сме се согласиле. Тоа би било јавно колективно идентитетско самоубиство на отворена сцена, на цел еден народ и цела една држава. Освен доколку немој смета дека е доволно што гаранти на еден таков иден договор би биле меѓународната заедница, ЕУ, НАТО, но, секако, треба да се напомене дека нашиот став и позиција воопшто не го загрозуваат нашиот пат кон НАТО и ЕУ. Тоа го кажуваат правдата и меѓународното право, а не политиката на другите засегнати страни. И затоа, доколку Македонија се реши да тргне по патот, игнорирајќи ги меѓународното право и нормите на јус когенс, барем во меѓународниот договор да се вметнат норми со кои Грција ги признава македонскиот народ, македонскиот идентитет, јазик, историја и секако македонското малцинство во Грција.
И сето тоа, се разбира, во согласност со меѓународноправните норми, кои јасно ја регулираат оваа категорија односи. Затоа е овој текст, како јавен апел и поддршка на нашите авторитети, кои треба принципиелно да се држат до меѓународното право и принципи, до нашиот Устав и закони, за да не се доведеме во стапица или лавиринт од кој не можеме да излеземе и со последици што би биле непоправливи. Дотолку повеќе што нашите позиции, за разлика од другата страна, се во согласност со Повелбата на ОН, правилата на меѓународното право што имаат задолжителен карактер (јус когенс), а и воопшто со меѓународното право, а тоа е факт што правната меѓународна јавност добро го знае!