Црниот Континент станува ново жариште на заразна болест, но овој пат тоа е опасниот вирус ебола. Зголемениот број на инфекции од смртоносната болест изминатиот период во неколку држави во Западна Африка ги натера властите во повеќе земји да прогласат епидемија, додека експертите стравуваат дека вирусот може лесно да се прошири и на другите континенти
Додека државите во светот ги здружуваат силите против коронавирусот, Црниот Континент покрај проблемите со пандемијата сега е исправен пред нов здравствен предизвик, овој пат со борба против нова епидемија на ебола. Имено, повеќе африкански земји почнаа да воведуваат мерки на целосен или делумен карантин по драматичното зголемување на бројот на заразени и жртви од вирусот ебола во изминатите денови. Според извештаите на западните медиуми, најдраматични се состојбите со заболени во Гвинеја, Конго и во Гана. Епидемијата во Западна Африка се шири побрзо од коронавирусот и може да има катастрофални последици, предупредуваат експертите.
Западна Африка зафатена од епидемија
„Вашингтон пост“ пренесува дека оживувањето на оваа смртоносна болест во Западна Африка, која сè уште се бори со пандемијата на коронавирусите, доаѓа три месеци откако здравствените власти на Гвинеја соопштија дека откриле неколку нови инфекции на ебола во земјата, по што информираа дека на државата ѝ се заканува повторна епидемија на смртоносниот вирус.
– Со оглед на овие нови случаи на зараза, плус фактот дека квалификуваните здравствени работници во Гвинеја, кои веќе имаат искуство со одговор на ебола, се на терен, се надеваме дека ќе можеме брзо да ја контролираме оваа епидемија, но шансите таа повторно да избувне остануваат отворени – истакна Николас Муули, програмски менаџер на Светската алијанса за медицинска акција. Според него, загрижувачки се последните здравствени информации поврзани со еболата во Западна Африка бидејќи тој во Гвинеја не видел случај на ебола уште од 2016 година, кога државата прогласи крај на епидемијата.
Здравствените системи преслаби да одговорат на предизвиците
Во меѓувреме, Светската здравствена организација (СЗО) смета дека африканските земји, со своите слаби санитарни и здравствени системи, не се подготвени да се справат со кризата. Неодамнешна анализа на американската корпорација „Ранд“ посочува дека 25 земји во светот се најранливи на епидемии на заразни болести, а 22 од нив се во Африка. Младото население на континентот може да значи помалку жртви, но тоа значи и поголеми шанси за ширење на вирусот. Експертите предупредуваат дека ако ресурсите се пренасочат за справување со коронавирусот, тогаш ќе се намалат напорите за спречување на другите заразни болести како маларија или ебола. Кристијан Дрозден, германски виролог, очекува кризата со еболата во Африка да го достигне својот врв ова лето.
– Не сакам ни да замислам какви слики би можеле да видиме. Луѓето ќе умираат на улица – предупредува тој. Д-р Матшицо Моети, регионален директор на СЗО за Африка, во неделата на Твитер напиша дека е многу загрижен од извештаите од Гвинеја и од Конго дека агенцијата ги зголемува напорите за подготвеност и одговор на ова потенцијално ново жариште.
Инаку, вирусот ебола првпат беше откриен кај луѓе во 1976 година во тогашен Заир. Оттогаш до денес изби 21 пат. Од почетокот на годинава, овој вирус првпат се шири во Западна Африка. Меѓутоа таму недостига искуство како да се третира оваа болест. Смртноста кај инфицираните може да биде до 90 проценти. Кај актуелниот вирус ебола смртноста е под просекот, односно досега е регистрирана стапка на смртност од болеста од 60 проценти. Според досегашните информации за оваа болест, заболените од вирусот ебола имаат висока температура, дијареа и големи болки. Во тешки случаи доаѓа и до крвавење и дури и откажување на органите. Вирусот предизвикува тешки внатрешни и надворешни крвавења, а инкубацијата трае до 21 ден.