Дојде, дојде зима,
на волшебни крила,
под покривач бел е
природата мила.

Децата се веќе
на белиот брег,
се возат со санки
на првиот снег.

Само едно врапче
на покривот сив,
цел ден бара храна,
прави џив-џив-џив…

Баба Зима

Мина пролет, мина лето,
по есента дојде зима,
сите велат седи дома,
Баба Зима „заби“ има.

Лут Северко ќе те штипне,
ножињата ќе се здрват,
ко ресенски јаболчиња
обравчиња ќе се вцрват.

На југ сега сонце грее,
а кај нас е друга клима,
стави џемпер, капа шалче,
Баба Зима „заби“ има.

Сонот на меца

Кога зима царува,
кога студот стега,
пат под нога Баба Меца,
во пештера бега.

Таму негде цела зима
таа ќе се крие
и ја нема низ гората,
Баба Меца, спие.

Што сонува, кој ли знае,
три месеци цели,
дали крушки, јаготки,
или медни пчели.

А напролет штом гората,
нова руба стави,
Баба Меца од пештера
сама ќе се јави.

Февруари

Еве дојде февруари,
преку Шара, преку Кораб,
но се прави како удрен –
по глава со мокар чорап.

Еве дојде февруари,
тој палавко мал и бесен,
седете си сите дома,
тој сам надвор нек се тресе.

Јас во него верба немам,
час со сонце, дожд и ветер,
денес ќе ти смрзне уши –
а утре ќе биде бетер.

Но за среќа кратко трае,
со Северко оро води,
преку глава ми е качен –
едвам чекам да си оди.


 

ЗА АВТОРОТ

Кој не слушнал за писателите за деца: Ванчо Николески, Славко Јанески, Васил Куноски, Јован Стрезоски… Со нив растевме, учевме, се воспитувавме… Помнам: „Зајче без опавче“ од Васил Куноски: „Еј, зајаче, долгоушко/Од плашлив и див сој, /Зошто имаш долги уши/А опашот кус е твој“.
Или – за мачорот од Јован Стрезоски: Низ двор трча бабичка/Зад грб метла крие/Шарениот мачор/Сака да го бие…“
Ваков стил и форма негува и македонскиот писател за деца Наум Попески.
А знаете ли од каде потекнува тој? Од Вевчани! Свето место – Виа Игнација, Византија, духовност, цркви, манастири, вода, извори, воденици, камен… Како може во едно вакво богатство да не се раѓа писател?!
Наум Попески израсна во овој богат, раскошен регион… Цел живот го носи во себе, се напојува со бистрина и светлина што го раѓаат стихот. Гимназија заврши во Струга, а во Скопје дипломира на Филолошкиот факултет македонски јазик и литература. Се вработи во весникот „Нова Македонија“, во рубриката за деца. Неговиот литературен свет – децата, беа и се негова љубов и инспирација. Живееш во Скопје – асфалт, бетон, високи згради, а пишуваш за деца! За зајчиња, мечиња, лисици, бистри извори, воденици, кукурек, кокиче…

Треба талент, поетски дух, знаење. Наум Попески е неуморен – постојано пишува, објавува, и кај нас, и пошироко. Го преведуваат во многу држави. Неговите песни се читаат во еден здив. Сѐ препрочитувам, книгите те повикуваат, не те оставаат… Те враќаат во детството – најубавиот, незаборавен период во животот. А детството, никогаш не се заборава. И неговите стихови – не се забораваат…
Последните години во новинарството, во Скопје, ги минав заедно со него.
Беше уредник на страницата за деца. Многу напиша, објави… На улица, децата го препознаваат: „Ене го писателот Наум Попески. Вчера ни читаше песни на училиште, ни подари негова книга“.
Нема поголема награда и благодарност за писател -да те препознаваат, да те читаат, да ги рецитираат твоите песни. Значи – си успеал. Наум Попоски – успеа. Затоа што – песните се родени во животот, дишат, пулсираат, раскажуваат, сигнализираат, но и – опоменуваат. Нема играње со детската поезија. Децата точно знаат – што е вредно, а што – минливо?!
Наум Попески си обезбеди место во хрониката на македонската литература.

Наум Бајо, писател и долгогодишен новинар на „Нова Македонија“