Урсула фон дер Лејен ја направи вистинската работа, откако се обиде со се друго. Претседателката на Европската комисија најпосле се извини за неуспесите на континенталната кампања за вакцинација. Извинувањето уследи по неколкунеделна битка околу вакцините, за време на која Фон дер Лејен се обиде да ја префрли вината за застојот со снабдувањето со вакцини врз фармацевтската компанија „Астра зенека“ и се закани да ја затвори ирската копнена граница за увоз на вакцини од ЕУ. Дури и Брисел, кој не сака да признава грешки, призна дека кампањата за вакцинација е незадоволителна, пишува Мартин Ивенс во неговата колумна насловена „ЕУ не е толку прекрасна колку што мисли дека е“ за „Блумберг“.
Тоа е признание кое откри подлабоки проблеми во институционална Европа. ЕУ очигледно не е ефективна колку што би сакала да биде, на повеќе полиња за кои ја презема одговорноста од земјите-членки.
ЕУ загуби две можности да се наметне во изминатите месеци. Едната е брегзит, кој иако уште предизвикува поделби, заврши со трговски договор, наместо со нерегулиран хаос, како што се закануваа неговите најгласни противници. Другата е Доналд Трамп, кој е пример за антилиберална политика, и кој падна од власт.
– Доаѓа до тоа дека ЕУ веќе не може да блеска на глобалната сцена. Брисел треба да работи добро на многу фронтови, но не го прави тоа, и електоратите ја забележаа оваа состојба – тврди авторот.
Најголемиот светски економски блок се покажува како ератичен и во улогата на бранител на демократијата. Има големи резерви на мека моќ, но ретко ги користи. Под германското водство ЕУ има потешкотии да ја комбинира комерцијалната реалполитика со цел да се залага за плурализмот и охрабрувањето на демократијата во Источна Европа и во преостанатиот дел од Унијата.
Дебаклот со имунизацијата имаше жална последица. За време на посетата на Москва, шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, со насмевка ја пофали руската вакцина „спутник 5“. Тоа можеби беше нужно поради недостигот на вакцини со кои би можела да се соочи ЕУ, но тајмингот беше ужасен. А има и други дипломатски неуспеси кои би можеле да се издвојат.
ЕУ претставува и трговски блок и заедница на вредностите. Тука постои тензија. Фон дер Лејен кажа дека сака да води „геополитичка Комисија“. Јазот помеѓу аспрациите и реалноста станува опасно широк. Откако Ангела Меркел ќе се пензионира наесен, новата генерација на лидери ќе треба да избере појасен пристап во врска со оваа улога. Европа тогаш нема да може да се крие зад брегзит и зад Трамп, заклучува Ивенс.